Застапување на јавен орган во постапка на управен спор

ВОВЕД

Со ова правна анализа се анализира одлука на Вишиот управен суд која се однесува на застапување на јавните органи како тужена странка во управен спор. Одлуката на Вишиот управен суд е анализирана од аспект на примена на Законот за управните спорови (ЗУС) кој беше донесен во 2019 година и со кој се воведоа поголем број на новини при водењето на постапката пред управните судови. Новини кои се воведени со ЗУС пред се однесуваат на воведување правило на одржување на јавни расправи во Управниот суд и по исклучок во Вишиот управен суд, ограничување на правото на жалба на тужената страна, ограничување на рокот во кој треба да се донесе одлука во управен спор и други, со што всушност во суштина се промени системот на управната правда. Токму поради тоа, постапувањето на управните судови е круцијално за првичната примена на Законот за управните спорови од аспект на правните заштитни механизми кои ги предвидува самиот закон. Оттука, одлуката која ја анализираме е една од низата одлуки на управните судови преку кои се ставаат новите темели на управното судство во Република Северна Македонија.  

ФАКТИ НА СЛУЧАЈОТ

Тужителот има поднесено тужба за управен спор против одлука на тужениот орган кој во рамките на своите надлежности спровел дисциплинска постапка во која донел одлука за трајно исклучување во однос на вршење на професионалната дејност. При постапување од страна на Управниот суд на РСМ по тужбата на тужителот, истиот на 03.02.2022 година донел Пресуда У-6.бр.1207/2022 со која тужбата ја уважил во целост и ја поништил оспорената одлука на тужениот орган.
Тужениот орган незадоволен Пресуда У-6.бр.1207/2022 од 03.02.2022 година, поднел жалба до Вишиот управен суд преку својот полномошник – адвокат со која барал пресудата да биде укината. Тужителот по основ на поднесената жалба, поднел одговор на жалба во која ги оспорил основите за поднесување на жалба притоа повикувајќи се на одредбите на Законот за управните спорови, односно на Жалба против пресуда - член 69 став 4 и Поднесување на жалба - член 74 став 3 во врска со членот 22 став 2 од Законот за управните спорови (СВРСМ бр.96/2019). Токму овие одредби претставуваат новини кои беа воведени со ЗУС од 2019 година а се однесуваат на ограничување на правото на поднесување на жалба и на застапување на тужениот орган.
Вишиот управен суд на РСМ на 04.10.2023 година донел Решение УПРЖ бр.69/2023 со кое жалбата на тужениот орган изјавена против Пресудата У-6.бр.1207/2022 од 03.02.2022 година на Управниот суд на РСМ ја отфрлил како недозволена.         

Вишиот управен суд ја отфрлил жалбата изјавена од страна на тужениот орган преку полномошник адвокат, како што наведува во образложението на Решение УПРЖ бр.69/2023 од 04.10.2023 година поради две причини.

Првата причина која ја наведува Вишиот управен суд, е директно поврзана со Жалба против пресуда - член 69 став 4 од Законот за управните спорови (СВРСМ бр.96/2019). Имено, според Вишиот управен суд оваа одредба предвидува дека жалба не е дозволена против пресуда со која поединечен управен акт е поништен или е прогласен за ништовен и предметот е вратен на повторно постапување на јавниот (тужениот) орган, како ни против пресуда со која судот наложил на јавниот (тужениот) орган да го донесе поединечниот акт кој не бил донесен во утврдениот рок. Во овој управен спор од страна на првостепениот суд е донесена пресуда со која оспорениот акт е поништен и предметот е вратен на повторно постапување на органот.

Втората причина која ја наведува Вишиот управен суд се однесува на недозволивост на жалбата во случај кога ја изјавило лице кое не е овластено за поднесување на жалба или лице кое се одрекло или се откажало од жалбата или ако лицето кое ја изјавило жалбата нема правен интерес за поднесување на жалбата.       

Оваа одлука е интересна и од аспект на тоа што Вишиот управен суд се повикува причините поради кои законодавецот го донел ЗУС како и на Коментарот на Законот за управните спорови издаден во 2022 година. Судот всушност цитира дел од коментарот кој директно се однесува на членот 22 став 2 од аспект дека се дадени две алтернативи. Првата алтернатива е оргинерна и таа предвидува дека тужениот во управен спор го застапува одговорно лице односно функционерот на јавниот орган. Втората алтернатива е деривативна и дава можност функционерот т.е. одговорното лице на тужениот да овласти службено лице за да го застапува во управниот спор. Според мислењето што е наведено во Коментарот на Законот за управните спорови, Судот следејќи го истото навел дека овие две алтернативи предвидуваат ограничување само на овие два вида на лица што можат да се јават како застапници на тужениот во управниот спор, што значи дека тужениот не може да го застапуваат лица кои не се вработени во јавниот орган, односно да се ангажираат адвокати како застапници на тужените јавни органи во управните спорови.

АНАЛИЗА НА РЕШЕНИЕ НА ВИШИОТ УПРАВЕН СУД НА РСМ

Со донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за управните спорови („Службен весник на РМ“ бр.150/10) и новиот Законот за управните спорови („Службен весник на РМ“ бр.96/2019) Вишиот управен суд добива статус на највисок суд за управни спорови кој не е под директна надлежност на Врховниот суд на Република Северна Македонија. Токму овој статус на Вишиот управен суд истиот го прави и да ја има конечните ставови во примената на Законот за управните спорови, па оттука со ова Решение навлегува во суштината на новиот Законот за управните спорови („Службен весник на РМ“ бр.96/2019).

Имено, Вишиот управен суд суштински ги применува новините од ЗУС од 2019 година на начин на кој јасно укажува на кој начин треба да се дефинира кога може да се поднесе жалба против одлука на Управниот суд на РСМ и кој може да поднесе жалба во управниот спор. Вишиот управен суд всушност прецизно ги применува одредбите и дава јасно образложение за начинот на своето постапување. Со тоа всушност ја применува доктрината која се воспоставува од 2019 година, а која реално ја прикажува и улогата на јавните органи во контекстот на доброто владеење како дел од владеењето на правото како една од темелните вредности на Уставот на Република Северна Македонија.

Овие одредби,  всушност навлегуваат во суштинската улога на јавните органи кои се претпоставува дека ја имаат најголемата стручност во сегментот на својата работа и посебно во делот на ефикасноста, ефективноста и економичноста на управната постапка и постапката на управен спор.

Токму одредбите од членот 74 став 3 во врска со членот 22 став 2 од ЗУС, предвидува дека застапувањето на јавните органи како тужени во управниот спор може да бидат застапувани од лица кои директно биле или се инволвирани во управната постапка и кои имаат познавање и стручност за конкретната управна работа. Со оваа одредба всушност се операционализира улогата на овластените лица за водење на управната постапка а понатаму и нивната улога во управните спорови која е предвидена со членот 24 од Законот за општата управна постапка. Оваа одредба предвидува јавните органи управната постапка да ја водат исклучиво преку овластени службени лица за водење на управната постапка, па оттука како најсоодветно решение за застапување на управната работа во управните спорови е да биде од страна на овластеното лице за водење на управната постапка. Поради тоа сметаме дека Вишиот управен суд јасно го изградил ставот во однос на членот 22 став 2 но и во конкретниот случај и во однос на членот 74 став 3 од ЗУС, кој е во насока на суштината и целта на самиот ЗУС.  

Вишиот управен суд изразува и јасен став за новината која е воведена со Жалба против пресуда - член 69 став 4 од Законот за управните спорови (СВРСМ бр.96/2019) со која се ограничува правото на жалба само во случај кога Управниот суд на РСМ донесува пресуда со која го поништува управниот акт против кој е поднесена тужба за управен спор. Оваа новина всушност претставува во една рака превенција од долги управно судски постапки , но во друга рака и исполнување на примарната функција на управното судство. Оваа функција всушност се однесува на корективната улога која ја имаат управните судови кон јавните органи, односно преку која се управните судови како дел од судската власт ја оценуваат законитоста на работењето на јавната администрација со конкретизирање на нејзината надлежност отелотворена преку управната постапка.

На крајот би сакал да истакнам дека Вишиот управен суд со конкретното решение истапува од конвенционалниот начин на давање на образложение бидејќи во истото всушност се повикува на Коментарот на Законот за управните спорови издаден во 2022 година. Ваквото постапување на Вишиот управен суд е новитет бидејќи користи коментар на закон како средство за аргументација кое е во улога на зајакнување на основаноста на правниот став истакнат во самата одлука со што истата ја прави прецизна, јасна и разбирлива.
Застапување на јавен орган во постапка на управен спор | Justice Observers