Судска заштита од мобинг

Анализа на д-р Жарко Алексов на пресуда 1 РO-215/14 од Основниот суд Скопје 2 Скопје, пресуда РОЖ-86/18 од Апелациониот суд и пресуда по Рев3. Бр. 15/2018 од Врховниот суд на РСМ. 

 

1. ВОВЕД
Мобингот претставува специфичен начин на однесување на работното место со кој едно лице или група на лица психички вознемируваат и понижуваат друго лице, со цел да го загрозат неговиот углед, чест, достоинство и интегритет на вработениот и предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост, чија крајна цел може да биде повреда на физичкото и менталното здравје, компромитирање на професионалната иднина на вработениот, престанок на работниот однос или напуштање на работното место [1]. Дејствијата на психичко вознемирување може да се сметаат за мобинг доколку исполнуваат одредени услови како:


Мобингот е широко распространета појава, најчесто проучувана на работните места [2], а последиците се одразуваат на социјалното опкружување, на работната средина и поединецот [3]. Оттука, мобингот во суштина е психичко вознемирување, систематско непријателско однесување и малтретирање насочено од лице кон лице или група како и од група кон одредена лице. Ваквото негативно однесување може да се манифестира низ призма на напади, изолација, понижување и психичко омаловажување [4].
2. КОНТЕКСТ
Мобингот е комплексна и честа општествена појава постои која без исклучок се среќава во работната средина во модерното општество. Во македонското законодавство мобингот односно психичкото вознемирување на работното место првично е регулиран со Законот за работните односи (ЗРО) [5], во одреден период се применува и Законот за спречување и заштита од дискриминација (ЗСЗД) [6],  за подоцна да биде донесен Законот за заштита од вознемирување на работното место [7]. Постапката за заштита од мобинг е граѓанска судска постапка и водењето на спорови за заштита од психичкото вознемирување на работното место,  во РСМ започнува во 2011 година со измените на ЗРО и по донесувањето на првиот ЗСЗД.
Зошто и од кој аспект се значајни пресудите предмет на оваа анализа?
Успешноста на судската заштита од мобинг односно психичкото вознемирување на работното место во основа не подразбира само успешна одбрана како и познавање и правилна примена на материјалното право туку и потреба одреден сензибилитет и свест кај судиите за суптилноста, комплексноста како и суштинското познавање на механизмите на кои се потпира овој штетен и широко распространет општествен феномен.   Иако бројот на поднесени барања (тужби) за судска заштита од мобинг во последните години е во постојан раст, судската пракса на РСМ поврзана со психичко вознемирување на работно место не може да се пофали со целосно јасно поставени насоки и воспоставена пракса за успешно справување со оваа општествена појава. Оттука, анализата на пресудите на Основниот суд Скопје 2 и на Врховниот суд на РСМ кој одлучувал по поднесена ревизија на Апелациониот суд Скопје се значајни од следните аспекти:
Пресудите се добар и позитивен пример во пристапот на посуштинско разбирање и справување со мобингот како честа и негативна општествена појава. Значењето на пресудата не се гледа само во фактот што истата претставува позитивна пракса туку и поради исклучително добро образложениот судски текст за основаноста на тужбеното барање и познавањето на суштинските елементи на мобингот, како од страна на првостепениот и така и од Врховниот суд на РСМ.
Се става акцент на судската заштита како еден од најзначајните и ефикасни механизми за суштинско сузбивање на пихичкото вознемирување на работното место и превенирање на идни исти или слични појави.
Со преиначување на пресудата од Апелациониот суд во Скопје, се потврдува значењето на повисоките судски инстанци чија основна функција не е само да бидат коректив на работата на пониските судови туку и истовремено да претставуваат значаен и ефективен заштитник на човековите права во земјата.
Пресудите придонесуваат за зголемување на довербата на граѓаните во судскиот систем и придонесува за охрабрување и испраќање на позитивен сигнал до потенцијалните жртви на психичко вознемирување на работно место за поведување на постапка за заштита на нивните уставно и законски загрантирани права.
3. ПОЗАДИНА И КРАТКИ ФАКТИ ЗА СЛУЧАЈОТ
Тужителот В.К од Скопје е вработен во државна институција и по добивање на пресуда по претходно воден работен спор, со која е вратен на работното место, започнал во контиунитет да трпи психичко вознемирување на работното место на начин што бил ставен во целосна изолација. Дополнително, вработениот не добивал работни задачи, не бил испратен на ниту едно патување, ниту стручно усовршување, односно обука, не добивал никакви документи за извршување на работните обврски, не бил повикуван на состаноци и колегиуми и немал основни услови за работа. Тужителот поднесувал барања за користење на годишниот одмор, но истите биле игнорирани, поради што тој не можел да го искористи годишниот одмор, ниту му бил исплатен надомест за неискористениот дел од годишниот одмор. Оваа фактичка состојба подоцна била утврдена и од Државниот инспектор за труд. Тужителот застапуван од адвокат П.Ј од Скопје, член на тимот на адвокати на Македонското здружение на млади правници, ја започнал постапката пред Основниот суд Скопје 2 Скопје во 2014 година додека конечната пресуда од Врховниот суд на РСМ е донесена во почетокот на 2020 година.
4. ПОСТАПКА ПРЕД ОСНОВЕН СУД
Основниот суд Скопје 2 Скопје со Пресуда од 2016 година утврдил дека тужител бил психички вознемируван од страна на две лица (тужени) кои со своето однесување му предизвикале душевна болка, страв, понижување и повреда на достоинството, честа и угледот, со крајна цел напуштање на работното место од страна на тужителот.
Во образложението на пресудата, по јасно и прецизно објаснување на фактичката состојба и сите изведени докази судот утврдил дека тужителот бил вработен во Агенцијата за храна и ветеринарство, Управа за ветеринарство и во 2008 година му бил изречен престанок на вработувањето поради сторен дисциплински престап. По поведен судски спор во 2011 година тужителот бил вратен на работа со правосилна пресуда, по што почнал да трпи психичко вознемирување се до поднесување на тужбата. Дејствијата со кои било вршено психичкото вознемирување биле различни и се состоеле од неодобрување на барања за користење на годишен одмор неколку пати во текот на четири  години (2011, 2012,2013 и 2014), што во 2013 година било констатирано и од Државниот инспектор за труд и тужителот бил обештетен за неискористување на вториот дел од годишниот одмор. Самото решение за исплата на надоместок за неискористен годишен одмор за 2013 година, според судот укажува на преземање на дејствија кои претставуваат психичко вознемирување на работно место. Првостепениот суд од исказите на сведоците,  утврдил дека другите другите вработени во Агенцијата за храна и ветеринарство, непречно го користеле одишниот одмор и тоа право не им било ускратено. Судот образложил  дека годишниот одмор претставува уставна категорија според член 32 од Уставот на РМ и никој не може да се откаже од ова право, ниту може некому да му биде одземено правото на користење годишен одмор.
На тужителот  не му било овозможено да достави образец за оценување на неговата работа од причина што известувањето за пополнување на обрасците за оценување на државни службеници било вршено по електронски пат, а тужителот се обраќал до ИТ Секторот за доделување на корисничко име и лозинка за е-маил адреса бидејќи немал можност да пристапи кон користење на внатрешниот интернет, односно електронскиот систем, што исто така претставувало психичко вознемирување.
При одлучувањето судот ги применил одредбите од Законот за заштита од вознемирување на работното место и Законот за работни односи во делот со кој се регулира психичкото вознемирување на работното место, но она што е од посебно значење е отстапувањето на судот од едноставното  цитирање на важечките закони и објаснување на мобингот. Судот појаснува дека „мобингот е дефиниран како психолошки притисок, непријателски вид на комуникација, кој што потекнува од едно или повеќе лица, систематски насочен против поединец во безпомошна или незаштитена позиција и кој не може да се ослободи бидејќи постапките на мобинг постојано се повторуваат, што би можело да се поистовети со фразата земање на пик. Постојат неколку видови на мобинг, вертикален кога надредениот напаѓа и малтретира еден по еден работник додека не ја уништи целата група, хоризонтален кој се одвива помеѓу работниците на еднакви позиции во хиерархијата, ефективен или емотивен кој одразува страв, завист, злоба кај извршителот што се одвивана лично ниво..”
Основниот суд понатаму утврдува дека “Мобингот се однесува исклучиво на работната средина и е психолошко наследство кое тешко се докажува и чии последици може да бидат трагични како и кај физичкото насилство. Постапките на мобинг траат континуирано во период од најмалку шест месеци.... Последиците од мобингот можат да бидат намален имунитет кај жртвата на мобингот, психички нарушувања, депресија, емоционална празнина, чувство на загуба на смислата на живеење, анксиозност и слично, како и нарушувања во однесувањето како губиток на концентрација, заборавеност, семејни проблеми и слично...“
5. ПОСТАПКА ПРЕД АПЕЛАЦИОНЕН СУД
На вака донесената пресуда како незадоволни страни во спорот тужените поднеле жалба која Апелациониот суд Скопје  ја уважил, ја преиначил пресудата на Основниот суд Скопје  2 и го одбил како неосновано тужбеното барање. Апелациониот суд сметал дека првостепениот суд погрешно го применил материјалното право кога утврдил дека имало психичко вознемирување од страна на тужените, со образложение дека товарот на докажување е на страната на тужените и дека тие требале да докажат дека нивното однесување не било со цел тужителот да биде психички вознемирен и не доставиле докази дека се однесувале на истоветен начин со другите вработени. По наоѓање на Апелациониот суд не биле исполнети законските услови за мобинг од причина што за да има мобинг потребно е да има негативно однесување на поединец или група кое често се повторува, а во конкретниот случај од изведените докази не произлегло дека тужените во континуитет се однесувале негативно што би довело до повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на тужителот  кој немал интензивни контакти со нив.
Повисокиот суд сметал дека по враќање на тужителот на работа му биле обезбедени сите права кои произлегуваат од работниот однос и доколку тој сметал поинаку односно дека му се крши некое право, Законот за работни односи му овозможува да остварува заштита на правата кај работодавачот и судска заштита согласно ЗРО [8]. Според овој суд тужителот добивал работни задачи што одговараат на неговата стручна подготовка и доколку сметал дека тужените не му давале работни задачи можел согласно други одредби од ЗРО да поведе постапка за оневозможување на остварување и користење на права утврдени со закон, колективен договор и договор за вработување чија заштита се остварува кај работодавачот и пред суд. Психичко вознемирување не претставувало игнорирањето на барањето за годишен одмор бидејќи тужителот доставувал барања за користење на годишен одмор кои не биле на пропишан образец и одморот се давал согласно обемот за работа. Исто така со решението на Државниот инспектор за труд на тужителот му бил исплатен надомест за неискористен годишен одмор за 2013 година во траење од 25 работни дена со што тој бил обештетен од страна на работодавачот.
Интересно е дека според Апелациониот суд фактот што тужителот за да го искористи своето право на годишен одмор било потребно тој да се обрати до Министерството за труд и социјална политика и по извршен инспекциски надзор да се донесе решение за исплата на надомест за неискористен годишен одмор, не претставува психичко вознемирување и негативно постапување од страна на тужените како негови претпоставени.
Бидејќи крајната цел на мобингот односно психичкото вознемирување на работното место е престанок на работниот однос или напуштање на работното место од страна на лицето врз кое се врши мобингот, а во конкретниот случај немало престанок на работниот однос, повисокиот суд сметал дека немало психичко вознемирување.
6. ПОСТАПКА ПРЕД ВРХОВНИОТ СУД НА РСМ
Врховниот суд на РСМ, одлучувајќи по поднесена Ревизија од тужителот, во месец февруари 2020 година, ја преиначил пресудата на Апелациониот суд и ја потврдил пресудата на Основниот суд Скопје 2.
Врховниот суд смета дека Првостепениот суд правилно ги применил одредбите од Законот за заштита од вознемирување на работно место и Законот за работните односи и заклучил дека тужените „со своето однесување вршеле психичко вознемирување на работното место врз тужителот“.
Според Врховниот суд  од фактот што тужениот немал пристап до електронскиот систем  за што непосредните раководители биле известени,  а известието за пополување на образец за оценување на државен службеник му било доставувано по електронски пат; на тужителот не му било овозможено користење на вториот дел од годишниот одмор  за 2013 година, што не било случај со другите вработени и била констатирана повреда од страна на државниот инспектор за труд произлегува дека дека врз тужителот бил вршен мобинг.
Врховниот суд особено  нагласува дека согласно одредбите од  ЗРО и ЗЗВРО кои го регулираат мобингот произлегува дека товарот на докажување за непостоење на мобинг е на страна на тужените. Во конкретниот случај од изведените докази неспорно е дека тужените не докажале дека нивното однесување не било со цел тужителот како вработен да биде психички вознемирен, ниту дека кон другите вработени се однесувале истоветно.
Врховниот суд во целост се согласил со првостепениот суд дека иако крајната цел на психичкото вознемирување е да дојде до престанок на работниот однос или лицето врз кое се врши мобингот да го напушти работното место, не значи дека секогаш мора крајната цел да се оствари. „За да се утврди постоење на психичко вознемирување од значење се последиците кои за работникот настануваат од таквото однесување“, што во случајот било неспорно и од лекарскиот наод и мислење.
7. ЗНАЧЕЊЕ НА ПРЕСУДИТЕ
Имајќи ја предвид погоре елаборираната позадина, фактичка состојба и постапки пред надлежните судови, станува евидентно дека пресудите на Основниот суд Скопје 2 и Врховниот суд на РСМ претставуваат значаен и позитивен придонес во севкупната судска практика на Република Северна Македонија. Поконкретно, значењето на овие пресуди се гледа во следните правни аспекти:
Прво, покрај деталното, јасно и прецизно образложение на првостепениот суд, неселективното изведување на секој доказ посебно и сите докази заедно, како и правната издржаност во примената на законските одредби, она што особено ја издвојува првостепената пресуда во судската пракса од оваа област и воопшто, е излегување на судот од вообичаените рамки на сувопарното образложување на фактите и доказите. Судот во образложението дава и теоретско појаснување и дефинирање на тоа што претставува мобингот, каков може да биде и кои се последиците по психичкото здравје и животот на една индивидуа која е изложена на секојдневен стрес на работното место;
Второ, првостепениот суд правилно заклучил дека начинот на вршење на психичко вознемирување на работното место може да биде и со повреда на некое право од работен однос, со што можноста да се поведе постапка за заштита на правата од работен однос согласно ЗРО не е од влијание врз постапката за утврдување на мобинг според одредбите од ЗЗВРО;
Трето, првостепениот суд правилно го толкува законот и утврдува дека вознемирувањето на работното место не секогаш мора да заврши со напуштање на работното место или престанок на работниот однос, туку за негово утврдување од значење се последиците кои настануваат за работникот како резултат на однесувањето на извршителите;
Четврто, со преиначување на пресудата на Апелациониот суд, Врховниот суд се етаблира не само како реален коректив на работата на пониските судски инстанци туку и како суштински заштитник на човековите права во РСМ;
Петто, со вака донесената одлука Врховниот суд на РСМ  создава судска пракса на заштита на правата на работникот и зајакнување на неговата позиција во општеството. Значајно е образложението на Врховниот суд во делот на товарот на докажувањето и примената на материјалното право, бидејќи во споровите за психичко вознемирување и заштита од дискриминација, согласно важечките прописи, неспорно е дека тужениот е тој кој треба да докаже дека немало психичко вознемирување или дискриминација. Оваа пракса е од особена важност бидејќи многу често судовите не ги применуваат одредбите од посебните закони во врска со товарот на докажување;
Конечно, крајниот исход од оваа постапка придонесува за зголемување на довербата на граѓаните во судскиот систем и испраќа позитивен сигнал до потенцијалните жртви на психичко вознемирување на работно место за поведување на соодветна постапка за заштита на своите уставно загрантирани права;

[1] Закон за заштита од вознемирување на работното место
[2]  Проучувањето на однесувањето кое се смета за мобинг го започнал Heinz Lavman,  во осумдесетите години на дваесетиот век.
[3]  http://klinika.pravo.unizg.hr/content/sto-je-mobbing
[4]  Steffgen, Sischka, Schmidt, Kohl & Happ, 2019
[5]  http://www.mtsp.gov.mk/content/pdf/zakoni/ZRO%20Precisten%2074-15.pdf
[6]  http://mtsp.gov.mk/WBStorage/Files/diskriminacija_konsolidiran.pdf  
[7]https://www.pravdiko.mk/wp-content/uploads/2013/11/Zakon-za-zashtita-od-voznemiruvane-na-rabotno-mesto-31-05-2013.pdf 
[8]  член 181 од ЗРО

Судска заштита од мобинг | Justice Observers