Шешиќ против Хрватска: задолжително гонење на злосторствата од омраза извршени од приватни лица

Вовед
Како што истакнува ОСБЕ-ОДИХР: „Злосторствата од омраза се насилни манифестации на нетолеранција и имаат длабоко влијание не само на директната жртва, туку и на групата со која таа жртва се идентификува. Тие влијаат врз кохезијата на заедниците и општествената стабилност. Затоа соодветниот одговор кон овие злосторства е значаен од аспект на индивидуалната и групната безбедност.[i]“. Генералната дефиниција на злосторствата од омраза дадена од истата организација[ii] нив ги карактеризира како кривични дела мотивирани од предрасуда кон одредена група на луѓе. За да се смета за злосторство од омраза делото мора да исполни два критериуми. Првиот критериум е делото да биде со закон предвидено како кривично дело. Вториот критериум е делото да биде мотивирано од предрасуда. Јасно е дека ова форма на криминал претставува опасна манифестација на насилство на што државните органи треба да пристапат соодветно, имајќи ја предвид штетата што овој криминал може да ја нанесе на општеството. Оттука, прецизното правно одредување на кривичната одговорност за криминалот од омраза е важно не само од аспект на измена и дополнување на законските одредби туку и од аспект на креирање и имплементација на јасни стратегии за спроведување на законските одредби. Злосторствата од омраза кои не се гонат соодветно можат да причинат тешки последици во една држава и тие може да придонесат во маргинализирањето на заедниците во една држава.
Злосторствата од омраза се идентификуваат и се гонат со употреба на т.н. индикатори за предрасуда. Индикаторите за предрасуда се еден или повеќе факти врз основа на кои може да се претпостави дека едно кривично дело е сторено со мотив на предрасуда[iii]. Индикаторите на предрасуда вклучуваат меѓу другото: Перцепција на жртвата/сведокот (Дали жртвата или сведокот чувствуваат дека инцидентот е мотивиран од предрасуда?), Коментари, пишани изјави, гестикулации, графити (Дали осомничениот направил коментари, пишани изјави, или гестикулации поврзани со идентитетот на заедницата на жртвата?), Расни, етнички, родови, и културни разлики (Дали осомничениот и жртвата се разликуваат во однос на нивната расна, верска, етничка/национална припадност или сексуална ориентација? Постои ли историја на непријателство меѓу групите на жртвата и осомничениот? Дали жртвата е член на група која е помала во однос на друга група во местото каде се случил инцидентот?), Организирани групи на омраза (Има ли докази дека одредени групи на омраза се активни во таа населба (пр. постери, графити или брошури)), Претходни дела/инциденти со предрасуда (Дали имало слични инциденти во истата локација? Кои биле жртвите?), итн.
Шешиќ против Хрватска е мошне значајна пресуда на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) која се однесува на значењето на соодветното гонење на злосторствата од омраза. Главните факти и наоѓања на овој случај ќе се дискутираат во следните параграфи.

Факти на случајот
Како што е објаснето во пресудата на случајот Шешиќ против Хрватска[iv], на 29 Април 1999 година, жалителот, граѓанин на Хрватска од ромската етничка заедница, заедно со неколку други лица собирал отпадно железо во една населба во Загреб. Наеднаш, тој бил насилно нападнат и претепан по целото тело со дрвени палици од страна на група на лица кои притоа извикувале расистички пораки. По пријава од страна на непознато лице, полициската патрола стигнала на местото на инцидентот и првично ги интервјуирала лицата кои се наоѓале таму и ги барале сторителите близу до локацијата на настанот. На местото на инцидентот стигнала и амбулантен автомобил кој го однел жалителот до болница во близина каде докторите заклучиле дека жалителот нема скршеници, му препишале лекови против болки и го отпуштиле дома за да се одмори. Во текот на ноќта, жалителот чувствувал силни болки и утредента отишол во друга болница каде било констатирано дека како резултат на нападот, тој имал повеќе скршеници во ребрата, бил задржан во болница за дополнителни испитувања и бил отпуштен една недела подоцна. Жалителот исто така претрпел долготрајна психолошка штета и бил дијагностициран со пост-трауматско стрес пореметување карактеризирано со депресија, анксиозност, напади на паника, страв за неговата лична сигурност и сигурноста на неговото семејство, инсомнија, ноќни тегоби, и бил во општ емоционален слом.
На 15 јули 1999 година адвокатот на жалителот во општинското државно јавно обвинителство покренал кривична пријава против непознати лица. Адвокатот изнел факти за инцидентот и напоменал дека жалителот бил тешко повреден. Жалителот понудил свое сведоштво како доказ и предложил три сведоци очевидци да бидат сослушани. Жалителот побарал јавното обвинителство да го истражи инцидентот, да ги идентификува сторителите и против нив да покрене кривична постапка. 
Истиот ден, адвокатот на жалителот испратил писмо до Полициската управа во Загреб каде што ја информирал полицијата за инцидентот и побарал потребни информации за покренување на кривична постапка. Адвокатот го повторил ова барање на 30 Август 1999 година. На 31 Август 1999 година полиција го известила адвокатот на жалителот дека сторителите не биле пронајдени. На 2 Септември 1999 година адвокатот на жалителот се обратил до Министерот за внатрешни работи со информации за инцидентот објаснувајќи дека полицијата не ги идентификувала сторителите. Адвокатот побарал решително полициско делување врз основа на релевантни домашни и меѓународни стандарди на почитување на човековите права. Во наредните години, адвокатот на жалителот испратил повеќе писма со индиции околу идентитетот на напаѓачите, со барање да се забрза истрагата. Во овие писма адвокатот на жалителот посочил и конкретни сведоци кои можеле да дадат информации за сторителите, како и се повикал на едно интервју спроведено од новинар со член на група на „скинхеди“ кој алудирал на слични напади основани на омраза кон Ромите. Три години подоцна, бидејќи немало никаков напредок на истрагата, на 6 Април 2002 година, жалителот покренал жалба до Уставниот суд, барајќи судот да му нареди на јавното обвинителство да превеземе потребни мерки за комплетирање на истрагата без одолговлекување а најкасно до шест месеци. На 12 Ноември 2002 година Уставниот суд го информирал адвокатот на жалителот дека нема надлежност да одлучува во случаи на непостапување на јавното обвинителство во преткривична постапка и не донел формална одлука во однос на жалбата.
На 12 Ноември 2002 година жалителот аплицирал до ЕСЧП застапен од Европскиот центар за правата на Ромите со седиште во Будимпешта и од г-ѓа Ловорка Кушан, адвокат од Иваниќ-Град. Жалителот особено посочил дека домашните органи на власт не успеале да извршат суштинска истрага на нападот врз него, како и дека тој бил дискриминиран врз основа на неговото ромско етничко потекло. Жалителот се жалел дека истрагата извршена од страна на државните органи во однос на нападот врз него била одолговлекувана без образложение и истата не била ефективна, при што апликантот тврдел дека биле прекршени членовите 3, 8 и 13 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП).
Во времето на донесување на пресудата на ЕСЧП во 2007 година, повеќе од осум години од случувањето на инцидентот, истрагата во Хрватска уште била формално отворена и во пред-процесна фаза.

Преглед на пресудата на ЕСЧП за Шешиќ против Хрватска
ЕСЧП воспостави дека во овој случај се работи за прекршување на Членот 3 на ЕКЧП[v]. Судот оценил дека повредата претрпена од жалителот, која вклучува повеќе скршеници во ребрата и хоспитализација, е доволно сериозна за да се смета за малтретирање во смисла на Членот 3 на ЕКЧП[vi]. Судот посочил дека Членот 3 одредува позитивна должност за државите да спроведат истрага во сите случаи каде има докази дека овој член бил прекршен, без ограничување дали се работи за случај на малтретирање од страна на државни службеници или од страна на приватни лица. Судот истакнал дека државите треба да преземаат мерки кои обезбедуваат истрагата да се спроведе во разумен рок. Судот оценил дека во случајот Шешиќ против Хрватска полицијата не покренала постапка против никого, и дека постапката останала отворена и во преткривична фаза за речиси седум години. Иако полицијата имала јасни индикатори дека сторителите припаѓале на група на скинхеди, тие изгледа никогаш не испрашувале ниту едно лице кое припаѓа на ова група, ниту пак ја следеле ова информација на друг начин, уште повеќе, полицијата го исклучила од списокот на осомничени едно лице идентификувано од сведоците без да го испрашува во врска со инцидентот. Понатаму, полицијата го интервјуирала новинарот кој зборувал со еден член на групата скинхеди кој алудирал на нападот на жалителот. Сепак, полицијата не побарала од надлежниот суд да му нареди на новинарот да го открие неговиот извор на информација во согласност со одредбите на домашниот закон. Во заклучок на забелешките за Членот 3, Судот оценил дека неуспехот на државните власти во разумно време да го продолжат случајот и да обезбедат докази за идентификување и приведување на сторителите значи дека истрагата не ги исполнила критериумите предвидени во Членот 3 на ЕКЧП и дека заради ова, има прекршување на Член 3.
Тоа што е посебно важно за овој случај, е што ЕСЧП воспоставил дека е прекршен и Членот 14 на ЕКЧП[vii]. Судот истакнал дека при истрага на инциденти на насилство, државните власти имаат дополнително задолжение да ги преземаат сите разумни чекори да демаскираат било какви расистички мотиви и да воспостават дали етничката омраза или предрасуда играла улога во настанот.[viii]. Правејќи врска со случајот Начова и други против Бугарија[ix], Судот истакнал дека во случаите кога Членот 3 е прекршен во околности на дискриминација, сторителите треба кривично да се гонат без разлика дали се државни службеници или приватни лица. Веројатно најважниот параграф на ова пресуда е следниот:
„Кога случаите на расистички мотивираното насилство и бруталност се третираат исто како случаите без таков мотив тоа значи дека се замижува пред специфичната природа на делата кои се посебно деструктивни за основните права. Неуспехот да се направи разлика во однос на начинот на кој се менаџираат состојбите кои се суштински различни може да претставува неоправдан третман во спротивност со Членот 14 на ЕКЧП (види Начова и други против Бугарија за повеќе референци)[x].”
Судот сметал дека е неприфатливо што, и покрај свеста дека настанот најверојатно бил мотивиран од етничка омраза, полицијата дозволила истрагата да трае повеќе од седум години без да преземе било какви сериозни дејствија да ги идентификува и кривично да ги гони сторителите, така што, Судот смета дека е прекршен Членот 14 во врска со процедуралниот аспект на Членот 3 на ЕКЧП[xi].
Шешиќ против Хрватска е првата пресуда на ЕСЧП во која Судот елаборирал за должноста на државите во случаи на расистички мотивирани напади извршени од приватни лица. Ова пресуда е повик за ефективно гонење на злосторствата од омраза во време кога такви напади се идентификуваат во рамки на цела Европа, Западен Балкан и Република Северна Македонија. Ова пресуда ги задолжува државните власти да ги процесираат без одолговлекување случаите кои се однесуваат на прекршување на основните човекови права, уште повеќе кога постојат индикатори дека тие прекршувања се сторени со мотив на предрасуда. Во повеќе земји на Западен Балкан изостанува соодветната идентификација на злосторствата од омраза, вклучувајќи ја тука и Република Северна Македонија, каде што и покрај измените и дополнувањата на Кривичниот законик кои јасно ја потенцираат должноста делата од омраза да се казнуваат построго во однос на основните дела, сепак, во судската пракса уште нема случаи каде овие одредби се спроведуваат. Во случајот Шешиќ против Хрватска уште од почеток било мошне јасно дека се работи за кривично дело од омраза. Најмалку осум од индикаторите на ОСЦЕ-ОДИХР (објаснети погоре) биле спроведливи во овој случај, но сепак државните органи не успеале соодветно да го идентификуваат и да го гонат ова кривично дело како дело од омраза. Затоа, разбирливо е што ЕСЧП утврдил дека одложувањето на постапката и неуспехот ова дело да биде идентификувано како дело мотивирано од етничка омраза се неприфатливи.

Заклучок
Злосторствата од омраза се кривични дела сторени со мотив на предрасуда. Токму тој мотив го разликува криминалот од омраза од другите видови на криминал. Таргет на кривичните дела од омраза може да биде конкретно лице, група на лица, како и лица или имот кои се асоцирани со групата која дели заштитена карактеристика. Заштитената карактеристика е основна карактеристика на идентитетот на групата како раса, вера етничка припадност, инвалидитет, јазик или сексуална ориентација.
Криминалот од омраза кој не се гони и не се санкционира претставува сериозна закана за интерперсоналните, меѓу-етничките и меѓу-верските односи во една земја. Неуспехот на државните институции да ги гонат злосторствата од омраза укажува на тоа дека државата покажува толеранција кон овој вид на криминал. Толеранцијата кон криминалот од омраза создава маргинализирани групи и заедници кои се дистанцираат од државните институции заради чувството дека се недоволно заштитени од институциите кои треба да ја гарантираат нивната безбедност. Овој недостаток на доверба кон институциите создава други проблеми кои потекнуваат од маргинализацијата и дискриминацијата на одредени групи на луѓе.
Државите треба многу внимателно да ја анализираат пресудата на ЕСЧП Шешиќ против Хрватска и да ја имплементираат ова пресуда во нивната судска пракса. Многу е важно кривичните дела од омраза да бидат идентификувани уште во раната фаза на кривичната постапка со употреба на индикаторите на предрасуда составени ОСБЕ-ОДИХР и другите меѓународни механизми. Во Шешиќ против Хрватска ЕСЧП јасно воспоставил должност државите да ги идентификуваат и кривично да ги гонат кривичните дела на омраза сторени од приватни лица. Неуспехот во гонењето на ваквите дела не само што ја става државата во вулнерабилна позиција да биде меѓународно одговорна за несоодветно справување со ваквите дела, туку претставува и опасност за доследното почитување на основните човекови права како и за кохезијата меѓу заедниците кои живеат во една држава.




[i]OSCE-ODIHR. (2009). Hate Crime Laws A Practical Guide. Warsaw.
[ii] Повеќе информации достапни на: http://www.hatecrime.osce.org
[iii] Understanding Hate Crimes – A Handbook for Bosnia and Herzegovina, 2010, OSCE-ODIHR, Warsaw.
[iv] Шешиќ против Хрватска, апликација бр. 40116/02, 31.08.2007
[v] Член 3 на ЕКЧП: Никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување.
[vi] Шешиќ против Хрватска, пара. 51.
[vii] Член 14 на ЕКЧП: Уживањето на правата и слободите, признати со оваа Конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.
[viii] Шешиќ против Хрватска, пара. 66.
[ix] Начова и други против Бугарија, Апликација бр. 43577/98 & 43579/98
[x] Шешиќ против Хрватска, пара. 67.
[xi] Шешиќ против Хрватска, пара. 70.
Шешиќ против Хрватска: задолжително гонење на злосторствата од омраза извршени од приватни лица | Justice Observers