Сејдији против Република Македонија: Злоупотреба на мерката притвор
Анализа на проф. д-р Гордана Лажетиќ на пресудата „Сејдији против Република Македонија“ (жалба бр. 8784/11) од Европскиот суд за човекови права.
1. Факти и околности на случајот
Апликантот заедно со уште други 13 лица бил обвинет за повеќе кривични дела во неколку
одделни постапки во коишто му била определена мерката притвор. Апликантот бил обвинет за перење пари и насилство. Во конкретниот
предмет ЕСЧП оцената во однос на наводната повреда на членот 5 ст. 3 ја вршел
во однос на мерката притвор која била определена на 25 Декември 2009 година и траела до 26 Јануари 2011 година, или вкупно една година,
еден месец и два дена. Во овој временски период притворот бил повеќепати
продолжуван, а апликантот вложувал правни лекови и давал предлози за замена на
мерката притвор со гаранцијата. Неколку предлози на одбраната за замена на
притворот со гаранција останале безуспешни. Притворот траел до донесување на
првостепена пресуда со која апликантот бил огласен за виновен и останал во
притвор до правосилноста на пресудата.
2. Релевантно домашно законодавство
Законот за кривична постапка од февруари 2005
година ги специфицира мерките кои може да ги изрече судот заради обезбедување
присуство на обвинетиот во текот на постапката (членови 185-199); Според членот 198 став 2 од Законот траењето на затворскиот притвор треба
да биде што е можно покатко. Според членот 199 став 1 (1-3) од Законот
затворскиот притвор може да се одреди врз основа на разумни сомневања дека
односно лице сторило дело, доколку постои ризик од негово бегство, влијание врз
истрагата или опасност од повторување на делото.
Според членот 200 ставови 1 и 6 од Законот
истражниот судија е овластен да одредува притвор. Засегнатото лице може да
поднесе жалба пред Кривичниот совет. Членот 205 ставови 2 и 6 од Законот утврдуваат
дека Кривичен совет составен согласно членот 22 став 6 од Законот одлучува за
продолжување на притворот по барање на истражниот судија или јавниот обвинител.
Решението за продолжување на притворот може да биде обжалено предк повисок суд.
Според членот 397 од Законот, доколку
Второстепениот суд смета дека основите за жалба можат да се применат на било
кој друг сообвинет кој не можел да вложи формална жалба, тој може по свое
сопствено наоѓање да постапува како жалбата да била поднесена и од односните
сообвинети (правилото beneficium
cohaesionis).
3. Општи принципи
(Buzadji
v. the Republic of Moldova ([GC], no. 23755/07, §§ 84-91, ECHR 2016 (extracts)); Vasilkoski and
Others v. the Former Yugoslav Republic of Macedonia (no. 28169/08, 28.X.2010); Miladinov and Others v. the Former Yugoslav Republic of Macedonia (nos. 46398/09,
50570/09 and 50576/09, §§ 45-49, 24.IV.2014)
- Постоењето разумни основи за сомневање дека уапсеното лице сторило кривично дело е услов sine qua non за законитоста на континуираниот притвор. Сепак по истек на одредено време тоа повеќе не е доволно. Во таквите случаи Судот мора да утврди дали другите основи прикажани од страна на судските власти, продолжуваат да го оправдуваат лишувањето на слободата (Labita v. Italy [GC], no. 26772/95, §§ 152 and 153, ECHR 2000-IV);
- Се претпочита фаворизирање на ослободувањето. Обвинетото лице за сторено кривично дело мора секогаш да биде слободно во текот на судењето, освен ако државата може да докаже дека постојат релевантни и доволни причини да го оправдаат континуираниот притвор (види помеѓу другото Castravet v. Moldova, no. 23393/05, §§ 30 и 32, 13 March 2007; McKay v. the United Kingdom [GC], no. 543/03, § 41, ECHR 2006; Jabłoński v. Poland, no. 33492/96, § 83, 21 December 2000; и Neumeister v. Austria, judgment of 27 June 1968, Series A no. 8, § 4);
- Неспорно е дека
одговорност е на домашните власти да го утврдат постоењето на конкретни факти,
релевантни за основите на продолжениот притвор. Националните судски власти мора
да ги испитаат сите факти во корист на или против постоењето на вистинските
барања на јавниот интерес кој што го оправдуваат, во правец на постоење на
принципот на презумпција на невиност, напуштањето на правилото за почитување на
слободата на личноста и носењето на одлуки со кои што се напушта примената на
ова правило. Не е работа на Судот да ги утврдува таквите факти, и да го земе
местото на националните власти кои одлучуваат за притворот на жалителот. Во
суштина, врз основа на причините дадени во одлуките на домашните судови и
фактите споменати од жалител во нивните апликации, Судот е повикан да одлучи дали
има, или нема повреда на правата од член 5 став 3 од Конвенцијата (Korchuganova v. Russia, no. 75039/01, § 72,
8 June 2006; Ilijkov, cited above, § 86; and Labita, cited above, § 152).
4. Релевантни аспекти во конкретниот случај
Евидентно е дека домашните судови, при
одлучувањето за определување и
продолжување на притворот и одбивањето на предлогот за замена на притворот со гаранција, прекршиле неколку принципи
поврзани со оправданото и законитото продолжување на притворот. Притворот треба да се смета како најтешка
мерка за обезбедување присуството на обвинетиот, и оттука поблага мерка за обезбедување присуство треба да се определи секогаш кога тоа ќе се оцени како оправдано. Времетраењето на
притворот мора да биде разумно. Судските одлуки треба да содржат релевантни аргументи за утврдување и
продолжување на притворот во однос на секој обвинет и во врска со различни
основи за определување или продолжување на притворот.
Различните основи поради коишто судот утврдил
повреда на членот 5 став 3 може да се групираат на следниов начин:
1) Судовите користеле стереотипни формулации во сите решенија за продолжување на притворот без притоа да внесат индивидуализирани аргументи во однос на апликантот – ЕСЧП смета дека секое продолжување на мерката притвор треба да има статус на ново определување на притворот од аспект на аргументите коишто ги оправдуваат основите за продолжување на притворот - личните околности и личната ситуација на апликантот. Во оваа смисла континуираниот притвор може да биде оправдан само доколку постојат специфични индикации за реалната потреба на јавниот интерес, која, независно од презумцијата на невиност, претежнува во однос на правилото за почитување на личната слобода предвидено во членот 5 од ЕКЧП (Kudła v. Poland [GC], no. 30210/96, § 110, ECHR 2000-XI; Perica Oreb v. Croatia, no. 20824/09, § 107, 31.X.2013, §§ 114 и 116; Panchenko v. Russia, no. 45100/98, § 105, 8.II.2005; Letellier v. France, пресуда од 26.VI.1991, Series A no. 207, § 43);
2) Продолжување на притворот со т.н. колективни решенија кои содржат воопштени и збирни образложенија е во спротивност со чл. 5 ст. 3 од ЕКЧП. Ова претставува долгогодишна погрешна практика на македонските судови констатирана и во претходни пресуди против Македонија (Vasilkoski and Others v. the Former Yugoslav Republic of Macedonia, no. 28169/08, 28.X.2010);
3) Процена на ризикот од бегство без конкретно наведување на околностите што го оправдуваат ризикот - ЕСЧП смета дека опасноста за бегство како основ за притвор мора да биде конкретизирана со елаборирање на околности поврзани со личните и семејните прилики на обвинетиот, неговото однесување и конкретни постапки односно дејствија кои водат кон заклучок дека обвинетиот се подготвува за бегство. Во однос на опасноста од бегство, ЕСЧП зазел став дека опасноста од бегство не може да се мери односно оценува чисто апстрактно и исклучиво според висината на казната со која апликантите се соочувале. Аргументите за и против пуштањето на слобода не смее да бидат општи и апстрактни (Smirnova v. Russia, nos. 46133/99 и 48183/99, § 63, ECHR 2003-IX);
4) Природата, карактерот и видот на кривичното дело – оваа околност била повторувана како основ за продолжувањена мерката притвор во повеќе наврати од страна на Апелациониот суд што претставува апстрактна околност што не може да го оправда продолжувањето на притворот;
5) Сериозноста на пропишаната санкција сама по себе не треба да биде сметана како основ за определување и продолжување на притворот бидејќи притворот е мерка за обезбедување присуство на обвинетиот во текот на конкретна кривична постапка, а пропишаната санкција во Кривичниот законик апстрактно се определува и зависи од видот на заштитеното добро;
6) Судот не се впуштил во оцена на доказите поднесени од страна на апликантот – домашните судови во ниту едно решение не дале образложение од кои причини оцениле дека поднесените докази од страна на апликантот (медицинска документација за здравјето на неговата сопруга; фактот дека семејството му живее во Македонија и сл.) не биле релевантни да го намалат ризикот од бегство и притворот да биде заменет со поблага мерка за обезбедување присуство на апликантот во текот на кривичната постапка. ЕСЧП во својата пресуда не навлегува во оцена дали овие околности можеле да бидат или не основи за донесување одлука на судот во поинаков правец, туку само укажува на пропустот што го направиле домашните судови да наведат разумни аргументи зошто сметаат дека семејната и финансиската состојба на обвинетиот не се доволна гаранција дека тој редовно ќе се јавува на рочиштата и нема да го отежнува текот на кривичната постапка;
7) Недоволна аргументираност на одлуката со која не се прифаќа замена на притворот со гаранција – ЕСЧП констатира дека домашниот суд за да го одбијат предлогот на обвинетиот мерката притвор да се замени со гаранција ја користеле следнава фразеологија „... имајќи предвид сериозноста на обвинението, потенцијалната казна и сложеноста на постапката со многу обвинети и обемен доказен материјал..“и на тој начин недоволно се произнел во однос на личните, семејните и имотните прилики на обвинетиот. Недоволно е што судот само штуро навел дека „фактот што апликантот имал семејство и имот во тужената држава не дава доволно гаранција за негово присуство во текот на постапката“. Ваквото постапување носи ризик судот да не постапи според обврската што ја има во Законот за кривичната постапка – секогаш да ја определи најлесната мерка за обезбедување присуство и да се одбегнува притворањето кога тоа не нужно и оправдано;
8) Поранешен „судир со законот“ – сосема погрешно постапил Апелациониот суд кога констатирал дека не е оправдано притворот да се замени со гаранција бидејќи апликантот во минатото „бил во судир со законот“ со оглед на фактот што околностите што го оправдуваат притворот се врзуваат за конкретна тековна постапка, а рецидивизмот нее критериум ниту за определување ниту за продолжување на притворот;
9) Повреда на презумпцијата на невиност – домашните судови во своите одлуки ја наведувале како релевантна околноста дека против апликантот биле во тек и други кривични постапки кои не биле завршени со правосилна судска одлука. Обвинетиот го штити презумпцијата на невиност и фактот што се водат други кривични постапки не може да биде околност за определување или продолжување на притворот или за неприфаќање на предлогот за замена на притворот со гаранцијата. Презумцијата на невиност не престанува да важи поради тоа што првостепената постапка резултирала со осудителна пресуда кога постапката продолжува со жалбена постапка (Case оf Konstas v. Greece (no. 53466/07, Judgment Final 28.11.2011);
10) Влијанието на медиумите – јавноста на определен начин претставува контролор на работата на судот, но сосема е неоправдано што медиумското експонирање на случајот на апликантот судот го наведувал како еден од аргументите за продолжување на притворот. Ефектот на медиумското известување врз непристрасноста на првостепениот суд и острите коментари од медиумите, според ЕСЧП понекогаш се неизбежни во предметите што се поврзани со јавниот интерес, но тие не треба да влијаат врз судот (Viorel Burzo v. Romania, nos. 75109/01 et 12639/02, § 160);
11) Во образложението на решенијата на судот за определување и продолжување на притворот отсуствува наведување определени факти кои може да се сметаат за релевантни и покрај тоа што тие биле изнесени во медиумите – судот во образложението на решенијата воопшто не се осврнал на фактот дека апликантот бил уапсен на граница со странска држава во обид да избега, ниту на фактот дека против апликантот биле издадени неколку меѓународни потерници за негово апсење. Иако овие околности биле објавени во медиумите, потребно било тие да бидат предмет на оцена на судот во рамките на релевантни околности кои ја оправдуваат опасноста од бегство и убеденоста на судот дека притворот бил оценет како единствена ефикасна мерка за обезбедување присуство на апликантот.
5. Заклучок на судот
Во пресудата е констатирана повреда на членот 5 ст. 3 од ЕКЧП поради тоа што судот не
навел конкретни, релевантни факти кои го оправдуваат притворот на апликантот
ниту релеватно ги разгледале предлозите за алтернативни превентивни мерки како
резултат на што го продолжиле притворот на апликантот врз основи кои не може да
се сметаат за „релевантни и доволни“.
