Пристап до чиста и здрава вода
Анализа на Александра Цветановска на пресуда ГЖ 1671/19 на Апелациониот суд Битола.
Анализата се однесува на пресуда на Апелационен суд Битола за утврдување на повреда на правото на тужителите на еднаков третман односно правото на еднакво постапување поради нивната етничка припадност и извршена дискриминација оневозможувајќи им пристап до чиста и здрава вода за пиење не преземајќи посебни мерки за заштита, како и правото на тужителите до еднаков пристап до вода направена од Општина Прилеп и Јавно комунално претпријатие Водовод и канализација Прилеп. Постапката е водена во рамки на стратешкото застапување поддржано од Македонско здружение на млади правници – МЗМП.[1]
Опис на случајот
Тужителите се граѓани од Ромска
националност и живеат на периферијата од градот Прилеп. Иако во дворовите и куќите на тужителите
постојат чешми за вода, на дел од чешмите постојат уклучени црева во чешмата во
која водата не била бистра, а водата која течела не е вода од водоводот, додека
од други чешми воопшто не тече вода па тужителите се снаоѓале со пластични
шишиња и туби со вода. Тужителите не се приклучени на водоводната мрежа, додека
во куќите кои се во истата населба, но на пониско ниво, обезбеден е приклучок
на водоводната мрежа.
Tужителите во месец ноември 2017 година поднеле тужба до
Основниот суд Прилеп со која бараат судот да го усвои тужбеното барање на
тужителите и да утврди дека Општина Прилеп и Јавно комунално претпријатие
Водовод и канализација Прилеп го повредиле правото на еднаков третман, односно
правото на еднакво постапување поради нивната етничка припадност и извршиле
дискриминација неовозможувајќи им пристап до чиста и здрава вода за пиење
непрезамајќи посебни мерки за заштита и да ги задолжи тужените да им исплатат
на тужителите надомест по основ на нематеријална штета за претрпена душевна болка. Постапувајќи по тужбата, Основниот суд Прилеп
во септември 2018 година донесе пресуда П4-88/17 со кое тужбеното барање го
одбива во целост како неосновано. На ваквата пресуда, тужителите вложиле жалба
до Апелациониот суд Битола кој со решение донесено во декември 2018 година, ја
укина пресудата на Основниот суд Прилеп и предметот го врати на повторно судење
со напатствија судот во повторената постапка да испита дали во населбата каде
живеат тужителите е обезбедена водоводна и канализациона мрежа како тужителите
би можеле преку сооветна постапка предвидена по закон да се приклучат на истата
како и да има предвид дека тужените се тие кои треба да докажат дека нема
дискриминација и да ги има во предвид укажувањата и перцепциите на
меѓународните институции во поглед на остварувањето на правото на пристап до
вода.
Основниот суд Прилеп, во месец мај
2019 година донесе пресуда бр. П4-4/19 со која
тужбеното барање го одбива како несновано, наведувајќи дека за да постои
дискриминација по основ на скратување на некакво право, сите граѓани без
разлика на нивната етничка, верска, социјална или било какво друга основа за
дискриминација треба претходно да ги исполнат сите законски предвидени услови
за остварувње на тоа право, за да евентуално по исполнување на законските
услови му биде оневозможено истото да го остварат заради некој од основите за
дискриминација. Во конкретниот случај за добивање на приклучок за вода од
водоводниот систем тужителите како и сите други граѓани на Општина Прилеп треба
да ги исполнат законски предвидените услови за добивање на приклучок. Во
пресудата е наведено и дека тужителите во постапката не докажале дека ги
исполниле законските услови за приклучување во водоводната мрежа нити пак
докажале дека поднеле барање до тужените за приклучување кон водоводна и
канализационата мрежа, односно не докажале дека ги исполниле законските услови
за остварување на правото за добивање на приклучок кон водоводната мрежа.
Одлучувајќи по жалба на
првостепената пресуда, Апелациониот суд Битола постапувајќи по изјавените
жалби, на седница на совет одлучи да закаже расправа пред второстепениот суд,
согласно член 351 ст.3 од ЗПП. На ден 13.02.2019 година донесе пресуда ГЖ –
1671/19 со која жалбата на тужителите ја уважува Пресудата на Основен суд
Прилеп П4-4/19 од 27.05.2019 година поправена со решение на Основен суд во
Прилеп П4-4/19 од 03.06.2019 се преиначува, така што делумно се усвојува
тужбеното барање. Судот утвдува повреда на правото на еднаков третман односно
правото на еднакво постапување поради нивната етничка припадност и сторена
дискриминација преку оневозможување пристап до чиста и здрава вода за пиење и
непреземање посебни мерки за заштита и повреда на правото на еднаков пристап до
вода и ги задолжува тужените да им платат на тужителите на име нематеријална
штата износ за претрепена душевна болка.
Пресудата на Апелациониот суд Битола ГЖ – 1671/19
Алелациониот суд во Битола утврди
дека тужителите немаат пристап до чиста и здрава вода за пиење, односно немаат
еднаков пристап до водата како и останатите граѓани во делот од градот Прилеп,
односно дека тужените не докажаа дека им обезбедиле еднаков пристап до вода.
Како резултат на ваквата повреда, тужените трпеле душевни болки.
Според тужените, објектите на
тужителите се изградени без одобрение за градба и истите не можеле да ги
исполнат законските услови за приклучување на водоводната и канализационата
мрежа, тужителите не се обратиле писмено до тужените, ниту пак доставиле јавна
исправа за докажување на правото на сопственост на објектите, која би била
услов за приклучување на водоводната и канализационата мрежа. Сепак, судот утврдил дека товарот на
докажување дека во конкретниот случај не постои дискриминација е на тужените,
поконкретно тие треба да докажат дека од нивна страна постои обезбеден систем,
односно мрежа на водовод и канализација која е спроведена до објектите на
тужителите. Бидејќи тужителите не го докажале постоeњето на ваквата мрежа, судот утврдил дека
докажувањето на сопственоста на објектите на тужителите е од второстепено
значење, односно доколку тужените докажале дека имаат обезбедено
водоснабдителен систем и канализациона мрежа до објектите на тужителите, тогаш
би можело да се разгледува дали тужителите ги исполниле своите обврски за
приклучување кон таквиот систем.
Во донесувањето на пресудата, судот се повикува на:
Член 9 од Уставот на РСМ согласно кој
се утврдува дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви пред Уставот и
Законите. Член 39 од Уставот на РСМ согласно кој граѓанинот има право
и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.
Членот 11 од Законот
за социјална заштита[2] според кој
општината е должна да обезбеди спроведување на социјална заштита.
Член 3 и 5 од Законот
за спречување и заштита од дискриминација[3] согласно кој се
забранува секоја директна или индиректа дискриминација, повикување и потикување
на дискриминација и помагање во дискриминаторско постапување врз основа на пол,
раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка
припадност и друга основа и дискриминацијата дефинирана како секое неоправдано
правно или фактичко, непосредно или посредно правање разлика или нееднакво
постапување односно пропуштање во однос на лица или група кое се заснова на
некоја од дискриминаторските основи.
Член 6 ст1 од Законот
за спречување и заштита од дискриминација согласно кој директната
дискриминација е секое неповолно постапување, разликување или ограничување кое
за последица има или би можело да има одземање, нарушување или ограничување на
еднаквото признавање или уживање на човековите права и слободи.
Членот 38 ст.1
согласно кој товарот на докажување дека нема дискриминација е на страна на
тужените.
Членот 22 т.4 од
Законот за локална самоуправа[4], согласно кој
општината е надлежна за вршење на работите за снабдување со вода за пиење,
испорака на технолошка вода и одведување и прочистување на отпадните води, а
тоа претставува дејност од јавен интерес за која обврска има и јавното
претпријание чија основна функција е обезбедување на здравствено и хигиенски
исправна вода за пиење.
Членот 3 од Законот
за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води[5] каде што е
дадена дефиницијата за „корисник на услуги“; стандардите и
вредностите за квалитет дадени во член 183 од Законот за водите[6], односно дека
водата наменета за конзумирање од страна на човекот секогаш мора да е безбедна
и чиста; членот 185 од истиот закон каде е дефинирана обврската за
градоначалниците да обезбедат постигнување на овие цели, но и обврска за
развивање и одржување на ефикасен и економичен систем за водоснабдување со вода
за пиење во доволни количини и според барањата до сите законски корисници, но и
ограничувањата од членот 188, кои, според судот, не се применливи во
конкретниот случај.
Во таа насока, судот ја консултирал
и Одлуката бр. 130/2018-1 на Уставниот суд[7] со која е
укинат членот 33 став 1 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување
на отпадни води со кој било предвидено давателот на услугата да може да го
прекине водоснабдувањето доколку корисникот и по претходна писмена опомена не
ја исполнува обврската за плаќање на надоместок. Уставниот суд утврдил дека
ваквата одредба е спротивна на членот 56 став 1 од Уставот бидејќи како добро
од општ и јавен интерес, водата ужива посебна заштита, заради што не може со
закон да биде ограничено нејзиното користење, а истата е во функција на
достоинствено реализирање на правата и граѓаните и нивната должност да го
чуваат и унапредуваат сопственото и здравјето на другите.
Апелациониот суд ги зел предвид и
членовите 3 и 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права[8] како и судската
пракса во рамките на Европската унија, која забранува секаква дискриминација во
снабдувањето со вода и водоводни услуги. Во членот 3 е предвидена Забрана за
мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување додека во член 8 се
гарантира правото на почитување на приватниот и семејниот живот на секој човек
како и неговиот дом. Непристојните
услови за живот кои се резултат на недостиг до пристап на здрава вода за пиење
како и за одржување на личната хигиена, може да доведат до достигнување на
нивото на деградирање и страдање, односно долготрајните нехигиенски услови за
живот можат да предизвикаат значително ментално страдање со што се задира во
човечкото доствоинство и се предизвикува чувства на пониженост. Живеењето без
пристап до вода и одржување на лична и хигиена во домот, директно задираат во
правата на семејниот и приватниот живот, односно директно влијае на здравјето,
а потоа и на квалитетот на животот и благостостојбата на домот.
Како
поткрепа на својата одлука, Апелациониот суд Битола ја наведува и резолуцијата A/Res/64/292 на Генералното собрание на
Обединетите нации,[9] според која
пристапот до безбедна вода за пиење и санитација е признат како човеково право,
при што недостатокот на пристап до безбедна вода за пиење во 21 век претставува
најголема повреда на човековите права, а државите и меѓународните организации,
преку меѓународна соработка и помош, треба да дадат финансиска поддршка за
изградба на капацитети и пренос на технологии, особено на земјите во развој, со
цел зголемување на напорите за сите луѓе да се обезбеди здравствено исправна,
чиста, достапна и пристапна вода за пиење и канализација. Ваквиот став на
Обединетите нации е дополнително афирмиран со резолуциите бр. 68/157[10] и бр. 70/169[11]. Судот ги
наведува и стандардите на Светската здравствена организација, согласно кои безбедна
вода за пиење се смета водата која не преставува опасност по здравјето при
конзумирањето во текот на животот, бидејќи не содржи микробиолошки патогени
организми, ниту хемиски или радиолошки агенси.“
Судот
при донесување на пресудата го имал предвид и фактот дека пред Европскиот суд
за човекови права има поднесено апликации кои се однесуваат на прашањето за
безбеден пристап до вода за пиење, по кои се уште не се донесени одлуки, но и
фактот што прашањето е разгледувано и од Европскиот центар за заштита на
правата на Ромите и коментарите на Комитетот за недискриминација со укажувања
дека државите членки треба да преземат чекори за отстранување на de
facto дискриминација во
остварување на пристапот до вода. Државите членки треба да обезбедат
распределба на водните ресурси и инвестициите за водата, со цел да се ослесни
пристапод до истата на сите членови на општеството, при што на ниту едно
домаќинство не треба да му биде негирано правото на вода врз основа на неговиот
статус во општеството.
Значење на пресудата
Пресудата на Апелационен суд
Битола е многу значајна од причина што со истата правото на чиста вода за пиење
се признава како добро од општ интерес за државата истакнувајќи дека ужива
адекватна заштита како во Уставот така и во законите кои ја регулираат областа
за водоснабдувањето со вода за пиење. Во пресудата е наведено дека достапноста
до водата подразбира континуирано снабдување со вода за пиење, кое обезбедува
доволни количини според критериумите за наменско користење, а од друга страна
достапноста има и димензија на согледување од аспект на дискриминација, бидејќи
подразбира физичка и финансиска пристапност до водата за пиење.
При одлучувањето судот ги ценел
аргументите на тужените за правниот статус на објектите на тужителите и
правилно одлучил дека во конкретниот спор, под дадените околности, сопственоста
на објектите е од второстепено значење.
Во постапката Апелациониот суд Битола
внимателно ги разгледал жалбените наводи и во образложението ја ценел
основаност користејќи ја домашната и меѓународна легислатива. Апелациониот суд правилно го применил начелото
на споредба односно неповолниот третман во споредба со третманот што го
добива некое друго лице во слична ситуација за да го потврди дискриминаторското
дејство со констатирање од увидот на понискиот суд дека лицето кое што живеело во
истиот реон, но на пониско ниво, има приклучок за вода и за канализација. Во
пресудата е наведено дека ,,констатираната состојба на лице место претставува
причина за постоење на дискриминаторски однос на тужените према тужителите кои
што не ги уживаат истите права како и нивните сограѓани Македонци.“
Судот во пресудата непосредно и правилно
го применил член 38 ст.1 од Законот и спречување и заштита од дискриминација, согласно кој странката која тврди дека е дискриминарана е должна да ги изнесе
фактите и доказите кои го оправдуваа тврдењето, а докажувањето дека немало дискриминација
паѓа на товар на спротивната странка односно на тужените.
Оваа пресуда дава слика за тоа
како воспоставените и ратификуваните нормативни стандарди треба да се
почитуваат од страна на државата. Како и правото на еднаквост кое што
подразбира дека сите луѓе се еднакви во однос на уживањето на основните слободи
и права. Градењето на позитивна судска
пракса дава голем придонес во охрабрувањето на жртвите од дискриминаторско
постапување и го олеснува пристапот до правда.
[1]Утврдена дискриминација по основ на
етничка припадност извршена со оневозможување пристап до чиста и здрава вода за
пиење, Македонското здружение на млади правници (МЗМП) http://myla.org.mk/%d1%83%d1%82%d0%b2%d1%80%d0%b4%d0%b5%d0%bd%d0%b0-%d0%b4%d0%b8%d1%81%d0%ba%d1%80%d0%b8%d0%bc%d0%b8%d0%bd%d0%b0%d1%86%d0%b8%d1%98%d0%b0-%d0%bf%d0%be-%d0%be%d1%81%d0%bd%d0%be%d0%b2-%d0%bd%d0%b0-%d0%b5/
[2]Закон за социјалната заштита, Службен
весник на РМ бр. 79/2009; 36/2011; 51/2011; 166/2012;
15/2013; 79/2013; 164/2013; 187/2013; 38/2014; 44/2014; 116/2014; 180/2014;
33/2015; 72/2015; 104/2015; 150/2015; 173/2015; 192/2015; 30/2016
[3] Закон за спречување и заштита од
дискриминација, Службен весник на РМ бр. 50/2010, 44/2014,
150/2015, 31/2016
[4] Закон за локалната самоуправа, Службен
весник на РМ бр. 5/2002
[5] Закон за снабдување со вода за пиење и
одведување на урбани отпадни води, Службен весник на РМ бр. 68/2004, 28/2006, 103/2008, 17/2011, 54/2011, 163/2013, 10/2015,
147/2015 и 31/2016
[6]Закон за водите, Службен весник на РМ
бр. 87/2008, 6/2009, 161/2009, 83/2010, 51/2011,
44/2012, 23/2013, 163/2013, 180/2014, 146/2015 и 52/2016
[7] http://ustavensud.mk/?p=17790
[8] https://www.echr.coe.int/Documents/Convention_MKD.pdf
[9] https://documents-dds-ny.un.org/doc/UNDOC/GEN/N09/479/35/PDF/N0947935.pdf?OpenElement
[10] https://undocs.org/en/A/RES/68/157
[11] https://undocs.org/A/RES/70/169
