Повреда на правото на сопственост на лицата кои не користат топлинска енергија

Анализа на Владимир Доневски на Пресуда ГЖ-3957/16 од 26.05.2017 година од Апелационен суд Скопје.

 

Факти за случајот

Тужениот е сопственик на стан во колективна станбена зграда која се наоѓа во Скопје во која немало инсталација за централно греење и никој од сопствениците на становите не бил евидентиран како корисник на топлинска енергија, но на барање на сопствениците на 5 стана во влезот на тужениот правното лице АД „Топлификација Скопје“ кое обезбедувало топлинска енергија инсталирало радијатори во тие 5 станови и потпишало договор за топлинска енергија со нив, без притоа цевките од инсталацијата да поминуваат низ другите станови туку само низ заедничките простории на зградата.

Со Пресуда ГЖ-3957/16 од 26.05.2017 година Апелациониот суд Скопје ја одбил жалбата на тужениот како неоснована и ја потврдил Пресудата на Основниот суд Скопје II Скопје ПЛ1-П-1610/15 од 20.04.2016 година.
Причината поради која првостепениот суд го одбил приговорот на тужениот како неоснован е тоа што иако тој не е корисник на топлинска енергија на тужителот, согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија и мислењето на Регулаторната комисија истиот е должен да плаќа надоместок за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, како исклучен, односно пасивен потрошувач.
Во жалбата против ваквата одлука тужениот му потенцирал на второстепениот суд дека тужениот не бил приклучен на грејната инсталација на тужителот, не ги користел неговите услуги, низ станот во кој живее не поминувале цевки за испорака и поврат на топлинска енергија, ниту тужениот склучил договор за снабдување со топлинска енергија со тужителот, па оттука и нема основ од кој би произлегла обврската да плаќа надометок.
И покрај тоа, со ставот на првостепениот суд целосно се согласил и второстепениот суд, па дошол до заклучок дека првостепениот суд правилно ја утврдил фактичката состојба  и правилно го применил материјалното право по што жалбата на тужениот ја одбил како неоснована.
Во образложението на второстепената одлука судот наведува дека првостепениот суд правилно ги применил одредбите од член 53 став 1 и 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија, бидејќи согласно истите во конкретната ситуација тужениот имал статус на исклучен потрошувач, односно пасивен потрошувач, па како таков имал обврска за плаќање надоместок за ангажирана моќност, а дека согласно член 66 став 2 од истите Правила сите исклучени потрошувачи кои немало да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодветниот снабдувач најдоцна до 01.10.2012 година, должни биле да го плаќаат надоместокот за ангажирана моќност, што се потврдувало и со одлуката на Уставн суд на РМ од 22.05.2013 година. Исто така, според второстепениот суд фактот што тужениот не склучил договор за снабдување на топлинска енергија  не го ослободувало од обврската за плаќање на надоместот. Сите овие одредби второстепениот суд во образложението на пресудата ги врзал со одредбите од член 251 од Законот за облигационите односи според кои доверителот во обврзан однос е овластен да бара од должникот исполнување на обврската, а должникот е должен да ја исполни совесно во сето како што гласи таа.

 

Значење и примена на материјалното право

Во конкретниов случај, единственото материјално право на кое се повикува првостепениот суд во Пресудата ПЛ1-П-1610/15, е членот 53 ставови 1 и 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија (Сл.В. на РМ бр.97/12) и членот 10 од Законот за облигационите односи.
Во одредбата од член 53 од Правилата за снабдување со топлинска енергија, насловена како „Исклучување по барање на потрошувачите во колективни објекти “, се уредува ситуацијата кога во еден колективен објект за домување, приклучен на системот за топлинска енергија и кај кој преку еден мерен уред се врши распределба на надоместокот, поединечни потрошувачи сакаат да се исклучат од системот. Ставот 1 од овој член прокламира дека потрошувачите може да бидат исклучени на нивно барање, меѓутоа за тоа е потребна согласност од вкупниот број на потрошувачи во колективниот објект. Ставот 2 пак од истоимениот член ја пропишува должноста за потрошувачите кои побарале исклучување да плаќаат надоместок за ангажирана моќност.
Притоа целта која сакала да се постигне со оваа одредба, била да се спречи зголемување на надоместокот за топлинска енергија на потрошувачите кои сѐ уште се приклучени на системот за топлинска енергија. Впрочем, со цел да не се теретат активните потрошувачи со високи сметки, надоместокот за ангажирана моќност се распределувал на сите сопственици на станови во еден колективен објкет за домување. Потрошувачите кои побарале и биле исклучени од системот за топлинска енергија всушност ги амортизирале трошоците на активните потрошувачи. Крајната цел пак на сето ова било да се спречи спирала на исклучувања, затоа што доколку трошоците за ангажирана моќност ги плаќаат само активните потрошувачи нивните сметки би биле далеку повисоки, па тоа би предизвикало и нивно исклучување, а на крајот и колапс на системот за централно греење како еден од основните столбови на урбаните средини.
Во одредбата од член 10 од Законот за облигационите односи, насловена како „Должност за исполнување на обврски“ законодавецот на ниво на основно начело на облигационото право ја издигнува должноста на  учесниците во облигациониот однос да ги исполнуваат своите обврски и дека истите се одговорни за исполнувањето.
Во второстепената одлука пак, со број ГЖ-3957/16 второстепениот суд, покрај овие, во насока на оправдување на правилно применето материјално право и правилно утврдена фактичка состојба од страна на првостепениот суд, ги цитира и одредбите од член 15 и член 66 од Правилата за снабдување со топлинска енергија, како и одредбите од член 251 од Законот за облигационите односи.
Имено, во одредбата од член 15 од Правилата за снабдување со топлинска енергија насловена како „Цена и надомест за испорачана топлинска енергија“ уреден е начинот на формирање и пресметување на цената за испорачаната топлинска енергија.
Во одредбата од член 66 од Правилата пак, прокламирана е должноста на сите претходно исклучени потрошувачи од колективните објекти за домување да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодветен снабдувач, а во спротивно дека ќе бидат задолжувани со надомест за ангажирана моќност, како и должноста за снабдувачот на сите исклучени потрошувачи да им понуди договор за снабдување со топлинска енергија.
Притоа овие обврски второстепениот суд ги врзува со одредбата од член 251 став 1 од Законот за облигационите односи, насловена како „Исполнување на ибврската и последици од неисполнувањето“ во која е конкретизирано погоре споменатото основно начело на облигационото право, односно должноста на должникот од обврзан однос да ја исполни обврската совесно во сето како што гласи таа.
Правната неиздржаност на овие две пресуди е очигледна и само со проста анализа на одредбите на кои се повикуваат судовите во образложенијата на соодветните пресуди. Имено цитирајќи ги одредбите од Законот за облигационите односи, произлегува дека истите обврзниот однос во кој се наоѓале странките во постапката, го црпат од закон, меѓутоа пропуштаат да наведат од кој Закон произлегува обврската која му ја наметнуваат на тужениот. Тоа е така, затоа што во Законот за енергетика, ваква должност за тужениот не е пропишана. Со самото тоа што законодавецот во кодификацијата на оваа тематика не пропишал должност за ваквата категорија на сопственици на станови во објект за колективно домување, се потврдува и неговата намера овие граѓани да не се задолжуваат со надоместоци услуги кои не ги користат.
Дотолку повеќе што во членот 28 од Законот за енергетика, врз основа на кој се донесени цитираните Правила, пропишано е дека со истите поблиску ќе се уредат општите услови, начинот на снабдување со топлинска енергија, како и меѓусебните права, обврски и одговороности меѓу снабдувачите и потрошувачите на топлинска енергија, а како дел од овие односи со правилата да се уреди и начинот на пресметка и фактурирање за испорачана енергија. И во овој случај јасно се потврдува целта на законодавецот правилата да се однесуваат на потрошувачите на топлинска енергија на кои им е испорачана топлинска енергија, спротивно на толкувањата на судиите од првостепениот и второстепениот суд.
Од поставените цели кои се сака да се постигнат со законот очигледен е опсегот на лица на кои се однесува законот и преку кои се сака да се постигне поставената цел. За тоа кој е потрошувач пак законодавецот уште на почетокот на законскиот текст во членот 3 во кој се даваат дефиниции на одделни термини кои се користат во законскиот текст јасно наведува дека потрошувач на енергија или енергент е купувач кој набавената енергија или енергент ја користи за сопствена потрошувачка, додека пак купувач на енергија или енергент е физичко или правно лице кое купува енергија или енергент за сопствена потрошувачка или за натамошна продажба.
Согласно член 6 од Правилата снабдувачот е должен со потрошувачот да склучи договор за снабдување со топлинска енергија во согласност со овие Правила. Воедно, согласно член 62 став 1 точка 4, 6, 8 и 9 од истите правила, снабдувачот е должен да изготвува договори, пресметки и известувања кои се доставуваат до потрошувачите, да води и ажурира документација во врска со фактурирањето и наплатата на сметките или било која друга документација предвидена со овој Правилник и соодветните мрежни правила, како и да ги извести писмено потрошувачите барем еднаш годишно, за нивните права и обврски со потпишаните договори за снабдување. Исто така, и согласно Лиценцата за вршење на енергетска дејност снабдување со топлинска енергија издадена со Одлука на Регулаторната комисија за енергетика на РМ (УП1 бр. 11-293/12 од 31.12.2012 година) обврска на носителот на лиценцата е да склучува договори со потрошувачите за снабдување со топлинска енергија.
Согласно член 51 од Уставот на Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Тоа значи дека предметните правила, кои се подзаконски пропис, мораат да бида во согласност и со Уставот и со Законот за енергетика. Притоа во членот 28 од Законот за енергетика јасно се наведени прашањата кои со предметните Правила треба да се доуредат, а не и да нормираат други прашања кои се спротивни на законот и со кои се излегува надвор од границите на доуредување на одреден член од законот, како што е тука случај.
Покрај одредбите од Правилата, првостепениот суд во конкретниот случај го задолжил тужениот со предметниот долг и врз основа на мислење на Регулаторната комисија според кое во колективен објект каде се врши испорака на топлинска енергија, при што приклучените станбени единици на грејната инсталација на објектот се активни потрошувачи на топлинска енергија, а оние станбени единици кои не се приклучени на грејната инсталација на објектот (со третман на исклучени потрошувачи на топлинска енергија) се пасивни потрошувачи на топлинска енергија. Единствено „мислење“, односно толкување на одредби кое е правно релевантно е автентичното толкување на закони дадено од законодавниот орган и само на вакво толкување судовите може во своите одлуки да се повикуваат и да засноваат одлуки.
Согласно член 2 став 1 од Законот за судовите, судовите судат и своите одлуки ги засноваат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на РМ, и согласно ставот 2 од истиот член судиите во примената на правото ги заштитуваат човековите права и слободи. Спротивно на ова, судовите во конкретниов случај своите одлуки ги засновале на подзаконски пропис и на мислење од државен орган.
Имено, постапувајќи на начин како конкретниот, судовите го повредиле уставно загарантираното право на сопственост на тужениот и всушност темелната вредност на Уставот на РМ – сопственоста, а воедно и основно човеково право загарантирано со Европската конвенција за човекови права.

Заклучок

Од сето погоре наведено неспорно може да се заклучи дека во конкретниов случај судовите сториле повреда на материјалното право, како и повреда на основно човеково право загарантирано со Устав и со Европската Конвенција за човекови права.
Имено, како што наведовме и погоре, во Правилата за снабдување се регулирани меѓусебните права, обврски и одговорности на снабдувачот и потрошувачот на топлинска енергија, односно со правилата се уредуваат правата и обврските на потрошувачите, а тужениот во конкретниот случај не претставува потрошувач на топлинската енергија која ја снабдува тужителот, па оттука произлегува дека овие правила не важат за тужениот.
Во конкретниот случај не наоѓаат примена одредбите од ЗОО, со оглед дека тужителот не ја испочитувал својата обврска да достави договор за снабдување со топлинска енергија на тужениот како исклучен потрошувач, што значи дека договор помеѓу странките за снабдување со топлинска енергија нема и никогаш не бил доставен ниту понуден од страна на тужителот до тужениот, а ниту пак во Законот за енергетика, не е предвидена обврска за сопствениците на станови кои никогаш не биле приклучени на системот за топлинска енергија, па во вакви услови нема ниту обврска на тужениот за плаќање на побаруваниот износ со тужбата.
Може да се заклучи дека судовите во конкретниот случај постапувале летаргично, не се впуштиле во испитување на суштината на проблемот, во системско толкување на законските одредби, и толкување во духот на Уставот и Европската Конвенција за човекови права, па ги прекршиле и одредбите од Законот за енергетика и Законот за облигационите односи и уставно и меѓународно загарантираното право на сопственост. Летаргичноста на судовите се потврдува и од фактот што во недостиг на докази за основаноста на побарувањето тие усвоиле тужбено барање и го задолжиле тужениот со долг.
Впрочем дека интенцијата на законодавецот не била да се задолжуваат со надоместоци и граѓаните кои не се приклучени на системот за топлинска енергија говори и фактот што и Врховниот суд на Република Македонија на 20.02.2018 година дал мислење  дека станарите кои никогаш не биле приклучени на систем на топлинска енергија, не склучиле договор за снабдување со топлинска енергија и немале поставено внатрешна инсталација од снабдувачот на топлинска енергија, немаат статус на исклучени пасивни потрошувачи и со тоа не треба да плаќаат надомест за ангажирана моќност и во новите Правила за снабдување со топлинска енергија од 28.03.2019 година, изрично е пропишано дека исклучените потрошувачи немаат обврска за плаќање на надоместок за ангажирана моќност, а како би се избеганло и злоупотреба на овие одредби од страна на снабдувачите и погрешно толкување на истите од страна на судовите, што е случај во постапката чии што пресуди се предмет на оваа анализа.