Повреда на правото на еднаквост и слобода на движење

Анализа на адвокат Александар Гоџо на пресудата Рев2.бр.227/2016 од Врховен суд на Република Македонија. 

 

 

Факти за случајот[1]

Tужителот е државјанин на РМ, по националност ром, а по занимање музичар, кој работи со музичка група и повеќе пати патувал во странство. Тужителот на ден 25.10.2014 година со автобуски превоз пристигнал на граничниот премин Т., а се упатил во В. за да го посети тешко болниот роднина А.. При контрола на патната исправа на тужителот одовластениот полициски службеник на МВР, тужителот одговорил дека со себе носи 580 евра. На тужителтелот не му бил вратен пасошот, а исто така и на други три лица од Прилеп кои немале уредна документација и на истите не им било дозволено да ја преминат државната граница. Пониските судови утврдиле дека од страна на сведокот И.Д., за предметниот настан била составена службена белешка бр.25.7-7/6743 од 26.10.2014 година, Сектор РЦ за ГР С. ПС за ГП - Т., во која стоело дека на 26.10.2014 година во 01,15 часот на ГП - Т. согласно член 15 став 4 од Законот за гранична контрола и закана за јавната политика и меѓународни односи на РМ со држави членки на ЕУ не е дозволен излез од РМ на лицата Фазли Демировски од Б., А.Х., Ф.Б. и Н.Б., тројцата од П., кои лица допатувале со автобус „Ман“, сопственост на Т.Т. С.. По извршени ГП и проверка во ОЕ бил извршен разговор со лицата кои изјавиле дека патуваат за А., по нивен исказ ќе престојуваат околу 30 дена, но не поседуваат покана или писмена гаранција, ниту хотелска резервација, не поседуваат парични средства за планираниот престој и даваат неточни податоци за целта и околностите на патувањето и престојот во странство што наведува на констатација дека истите се со намера во некоја од земјите на ЕУ да бараат азил, поради што не им бил дозволен излез од РМ. На тужителот не му бил издаден документ со образложени причини, дека не му се дозволува поминување на државната граница. По една недела на тужителот му било дозволено да ја премине државната граница. Тужителот сметајќи дека само поради тоа што е припадник од ромска националност не му бил дозволен излез му е повредено правото на еднаков третман, поради што ја поднел предметната тужба.

 

Постапка пред пониските судови

Со првостепена Пресуда на Основен суд Берово, утврдена е повреда на правото на еднаквост со недозволување да се премине државната граница. По жалба на Државното правобранителство, Пресудата е преиначена и барањето е одбиено а поради тоа што Тужителот не ги исполнувал условите потребни за патување на наведената дестинација,Овластените службени лица имале законско овластување при вршење гранична контрола дополнително да ја вршѓат и согласно Регулативата ЕЗ.бр. 562/2006 на Европскиот парламент и член 5 т.ц од Шенген Бордер Код. Тужителот поднел Ревизија до Врховниот суд. Ревизијата е одбиена со Пресуда на Врховниот суд на Македонија Рев.2.вр 227/2016 од 27.01.2016 година. Предмет на оваа анализа е пресудата на Врховен суд, нејзина структура, форма и содржина.

 

Контекст

Поширокиот контекст на овој случај оригинира во времето кога визниот режим кој што беше на сила кон граѓаните на Република Македонија, беше подигнат. Визната либеразлизација доведе то тоа да има драматично зголемување на патници од Република Македонија кон земјите членки на Шенгенскиот виза систем. Многумина во олеснетниот начин на патување видоа можност не само за подолг престој во странство, туку и за економска миграција, па се до барања за азил во странските држави со цел истите да се населат таму.

 

Образложение на Пресуда на Врховен суд

Границите на образложението на Одлука на Врховниот суд се поставени со процесниот закон за парнична постапка.[2] Иако се очекува од Врховниот суд да дава поисцрпни образложенија, особено кога се работи за највисок суд,генералната перцепција е дека Врхониот суд дава понекогаш кратки образложенија на своите одлуки наспроти понекогаш исцрпни ревизиски наводи. Контемпорарната пракса на ЕСЧП во делот на образложение на судска одлука е на ставот дека “гаранциите кои се вградени во член 6(1) на ЕКЧП во себе ја содржат и облигацијата на судовите да дадат доволно причини за нивните одлуки.[3] Образложена судска одлука демонстрира на странките дека нивниот случај бил навистина разгледан.“[4] 

Предмет на испитување од страна на Врховниот суд не се само одлуките на пониските судови, во конкретен случај Пресудата на Апелациониот суд со која е преиначена првостепената позитивна пресуда, туку и самиот вонреден правен лек кој практично го иницира Врховниот суд да може да постапува.Содржината на Ревизијата во огромна мерка го детерминира постапувањето на ревизискиот суд.[5]
Во овој контекст, поднесената Ревизија наводите за суштествени повреди преку неправилна анализа на фактите и доказите ги користи како претекст за сторените суштествени повреди, па така и Врховниот суд во своето образложение фактите етаблирани и утврдени од пониските судови ги зема за точни и правилно утврдени.
Сепак, Врховниот суд нотира дека изјавените ревизиски наводи согласно член 343 став 1 вв со член 8 од ЗПП (кој пак го пропишува слободното судиско убедување во оцената на доказите)[6], не се основ за напаѓање на Пресудата на Апелациониот суд и тоа ниту може да се напаѓа оценката на изведените докази, ниту пак правилноста на утврдена фактичка состојба, дотолку повеќе ако се има во предвид дека второстепениот суд во целост на прифатил утврдената фактичка состојба од првостепениот суд.[7] Со ова образложение, Врховниот суд ги става ad acta, наводите за сторени суштествени повреди.

 

Ревизиски наводи за сторени суштествени повреди

Врховниот суд со еден пасус ги одбива како неосновани ревизиските наводи за суштествени повреди, поради јасност и разбирливост на пресудата која се напаѓа ( Пресуда на Апелациониот суд Штип Гж.бр.1243/15 од 27.01.2016 година.)[8]

Како што укажавме погоре,границата на испитување на нападнатата пресуда се ограничува со она што е истакнато во ревизијата, која мора да биде помеѓу останатото образложена.[9] Со оглед дека ниту понискиот суд ниту Врховниот суд не ја отфрлиле поради овој основ, значи дека истата ги содржи формалните и субстантивни елементи според кои по неа може да се постапува-значи била образложена. Сепак, и покрај тесниот опсег на испитување по однос на суштествените повреди, Врховниот суд освен во еден пасус, не се задржал на подетално давање на одговори на ревизиските наводи во овој дел.

 

Ревизиски наводи за погрешна примена на материјалното право

По однос на ревизиските наводи за погрешната примена на материјалното право Врховниот суд дава малку подетално образложение , со тоа што разбирливо се осврнува и на утврдените факти на поранешните судови, како извор на правна аргументација за аплицирање на материјалното право од страна на пониските судови, со кое obiter се согласува и Врховниот суд.

Интересно е и заслужува внимание што ревидиентот се повикуваinter alia и тоа во делот на примена на правото на неможност домашните судови да се повикуваат на регулативи на Европската унија, како извор на правото, се додека Република Македонија не стане членка на Унијата. Во таа насока ревидиентот цитира и извадоци на овој пропис со теза дека Македонија не е членка на Шенгенскиот сојуз и тоа не претставува ратификуван документ согласно Уставот односно регулативите согласно член 288 од Договорот за фуинкционирање на Евроипска Унија се обврзувачки само за држави членки на ЕУ.
Врховниот суд во образложение во 2 пасуси за примената на материјалното право не се осврнува на овие ревизиски наводи, иако ревидиентот се повикува на чисто право прашање не само од аспект на примена на право, туку и примена на кое право и кој пропис, ако се има во предвид дека цитираниот пропис не потекнува од Република Македонија, и кој, според ревидиентот има во најмала рака дискутабилен vacatio legis.

 

Останати ревизиски наводи

Како и во останати случаи, Врховниот суд користи воспоставена терминологија и во други случаи, со која наведува дека “...ги ценеше и останатите наводи во ревизијата, но најде дека истите не се од влијаие за поинакво одлучување“.[10]

Меѓутоа, не е лесно да се идентификуваат кои се тие останати наводи, кои биле предмет на проверка и што е уште поважно, зошто Врховниот суд нашол дека тие не се од влијание за поинакво одлучување.Ова примарно поради фактот што Врховниот суд не дава ниту одговор на прашањето кои всушност ревизиски наводи точно биле предмет на испитување, за можеби полесно да се дојде до одговорот кои се “останатите”.
Се чини дека Врховниот суд не се задржува толку на испитување на наводите истакнати во Ревизијата, колку што ја испитува Второстепената пресуда, која што во конкретниов случај е нападната со вонреден правен лек. Отсуствува подетално наведување на ревизиските наводи, нивна дискусија и заклучок зошто ревизиските наводи се неосновани, особено во делот на суштествените повреди наведени погоре, но исто така и во делот на погрешната примена на материјалното право.

 

Заклучок

Се чини, на крајот, дека Пресудата на Врховниот суд според законодавството на Република Македонија и од формална страна е во согласност со домашното законодавство и востановената судска пракса, пред се од формален аспект. Меѓутоа, примената на правото и сфаќањата за образлагање на судска одлука, онака како што се поставени со правното резонирање на ЕСЧП и очекувањата на литигантите може да се гледа протолкува дека не се запазени во онаа мера и со она правно резонирање кое го бара ЕСЧП од една страна, но и потребата да се даде пообразложена судска одлука особено за прашања кои тангираат основни човекови права и апсолутни принципи како недискриминација, од друга.

Предметот на овој спор е дискриминација. Во сегашниот степен на развиток на човештвото и општеството, тоа се смета за апсолутно недозволена општествена појава. Затоа особено кога се повикани да решаваат за прашањата кои задираат основни човекови признати права (како во случајов на дискриминација) обврската на судовите да даваат образложени судски одлуки е дотолку поголема, од причина што забраната и заштитата од дискриминацијата се наоѓаат на највисокото место заедно со останатите човекови права признаени денес.
Дотолку повеќе, што веќе постои судска пракса на правосилни пресуди со кои во речиси идентични а во секој случај слични случаи е утврдено правото на еднаков третман пред судовите во Република Македонија, што го става во позиција Врховниот суд да обезбеди единство во примената на законите кое е и уставно начело.[11]

 

 

[1] Фактитчката состојба е земена од самата Пресуда на Врховниот суд, која претставува сублимирана верзија веродостојно ги отсликува онака како што е утврдена од пониските судови.
[2] Член 384 од ЗПП
[3] (H. v. Belgium, § 53)
[4] (Suominen v. Finland, § 36; Carmel Saliba v. Malta, § 73).
[5] Член 377 од ЗПП
(1) Во ревизијата странката треба точно да ги наведе и образложи причините поради кои е изјавена.
(2) Ако ревизијата од членот 372 ставови (2) и (3) на овој закон е изјавена од причина која не е дозволена или е изјавена од причина поради која е дозволена, но која не е образложена, односно ако ревизијата од членот 372 став (4) на овој закон не е изјавена од причина која второстепениот суд ја допуштил, судијата поединец, односно претседателот на советот на првостепениот суд ќе ја отфрли со решение без претходно да ја повика странката да ја дополни.
(3) Ревизискиот суд ја испитува побиваната пресуда само во оној дел во кој таа се побива со ревизијата и во границите на причините кои се точно наведени во ревизијата.
Член 375 став 3
[6] член 8 од ЗПП
Кои факти ќе ги земе како докажани одлучува судот по свое убедување врз основа на совесна и грижлива оцена на секој доказ посебно и на сите докази заедно, како и врз основа на резултатите од целокупната постапка.
[7] Пресуда на Врховен суд на Македонија, Рев.2.бр.227/2016 од 26.10.2017, страна 2, пасус 4
[8] Ibid, страна 2, пасус 5
[9] Член 383 од ЗПП
(1) Ненавремената, нецелосната, необразложената или недозволената ревизија ќе ја отфрли судијата известител на ревизискиот суд со решение, ако тоа не го сторил во границите на своите овластувања првостепениот суд.
(2) Ревизијата поднесена против второстепена пресуда од членот 372 став (4) на овој закон ќе ја отфрли со решение судијата известител, а ако тој тоа не го сторил, советот на ревизискиот суд, ако утврди дека таа не е изјавена поради правно прашање заради кое е дозволена.
(3) Ревизијата изјавена против второстепената пресуда од членот 372 став (4) на овој закон советот на ревизискиот суд нема да ја отфрли и доколку оцени дека правното прашање поради кое таа е изјавена не е важно за обезбедување на единствена примена на законот и уедначување на судската практика.
[10] Ibid, страна 4, претпоследен пасус.
[11] Член 101 од Уставот, Член 37 од Законот за судовите.

 

 

Поопширна анализа на пресудата е достапна на следниот линк

Повреда на правото на еднаквост и слобода на движење | Justice Observers