Полноважноста на своерачен тестамент и графолошкото вештачење


ОПИС НА СЛУЧАЈОТ

            Анализата се однесува на случај кога таткото на странките Ѓ Т.се брат и сестра, направил своерачен тестамент.
            Во оставинската постапка пред нотар од 13.11.2013 година на рочиштето тужениот истакнал дека покојниот татко оставил своерачен тестамент.
            Нотарот на 29.10.2014 година тестаментот го прогласил а тужителката приговорила дека истиот не е составен од оставителот, при што нотарот ја прекинал оставинската постапка и ќерката Д.С. ја упатил на спор за утврдување на ништавност на тестаментот.
            Тужителката пред да ја поднесе тужбата ангажирала вешто лице за графолошко вештачење со барање вештакот да вештачи за скратениот потпис во тестаментот. Имено на крајот од тестаментот постојат две мали нечитки букви со цел да се утврди дали тие се од тестаторот.
            Од вештакот не се бараше вештачење на целиот своерачен тестамент, нити на потписот кој се наоѓа на крајот на тестаментот. Вештакот требаше да вештачи дали двете букви односно тн скратен потпис е автентичен со неспорните потписи од тестаторот.

            Вештото лице на 17.10.2014 година даде вешто мислење дека фотокопираниот скратен потпис на фотокопираниот рачен тестамент не е автентичен со неспорните потписи на покојниот Ѓ Т.

            На 28.04.2018 година по налог на судот истото вешто лице изготви дополнително вештачење во кое наведува дека спорниот потпис не содржи доволен број на општи и индивидуални идентификациони графоскопски карактеристики и спорниот потпис не е подобен за графолошка идентификација со неспорните потписи и ракописи, а подобен за графоскопска идентификација со  неспорните потписи.
            Инаку во своерачниот тестамент постои име и презиме на оставителот, име на кој му остава и што а тоа е на тужениот и на крајот постои име и презиме на оставителот со година на раѓање и матичниот број на истиот.
            Под ова има две букви како иницијали кои се и нечитки за кои вештото лице вика дека не се од завештателот.
            Во предметот постои вештачење од заводот за вештачење Скопје под број СВ 4-244/2015 од 05.10.2015 година каде друго вешто лице наведува дека спорниот ракопис е од покојниот Ѓ.Т. и е идентичен со доставените неспорни ракописи од истиот, меѓутоа ова вештачење не беше земено предвид од судот, бидејќи потоеја процесни пречки затоа што истото не е беше поднесено до судот со одговорот на тужбата туку после тоа.
            Сигурно дека тоа беше пречка да се изврши и супервештачење, меѓутоа овој вешт наод беше даден подоцна и затоа судот не го зеде во предвид.
            Од истото вешто лице кое беше предложено од тужителката од почетокот дури на 08.04.2018 година доставено е дополнително вештачење каде вештакот наведува дека, целокупното име и презиме на покојниот и потписот на истиот не се автентични и се разликуваат по графолошки карактеристики.
            Ова дополнително вештачење на истото вешто лице кое сосема различно од претходните е дадено на 08.04.2018 година што значи после четири години.

            Пресудата на Апелациониот суд Битола е донесена на 01.06.2018 година која се заснова исклучиво на ова ново дополнително вештачење и Апелациониот суд само врз него ја преиначува пресудата на Основниот суд во Охрид со кое беше одбиено барањето на тужителката и утврдува дека овој тестамент е невистинит не произведува никакво правно дејство.
            Во моментот кога ова вешто лице го даде ова дополнително  вештачење односно вештачење на 08.04.2018 година истиот немал лиценца за вештачење бидејќи според Известувањето од Министерство за правда 08-3408/4 од 19.10.2018  година испратено до тужениот лиценцата на вештото лице важело до 15.03.2017 година и истиот нема поднесено барање до Министерството за правда за продолжување на лиценцата за вештачење два месеци пред истекот на рокот од пет години, како што бара законот.

            Регистарот во министерството се води во електронска форма и електронски се евидентираат сите промени во истиот вклучувајќи и ажурирањето на истиот регистар.
            Апелациониот суд Битола во својата Пресуда ГЖ 2260/17 од 01.06.2018 година преиначувајќи ја првостепената пресуда и уважувајќи ја тужбата на тужителката за утврдување на невистинитост на тестаментот, пресудата ја заснова исклучиво на дополнителното вештачење и тоа на новите наводи на вештакот сосема различно од претходното вештачење, а тоа го дава кога вештакот нема лиценца за вештачење и таа му е истечена а нема барање и за продолжување.

            Врховниот суд во Пресуата РЕВ 2-499/18 од 25.02.2020 година ревизијата на тужениот ја одби како неоснована и го прифати во целост дополнителното вештачење на кое исклучиво се заснива и второстепената пресуда, а по однос на истечената лиценца на вештакот во моментот на ова вештачење Врховниот суд наведува дека ова не било ново вештачење туку само ДОПОЛНИТЕЛНО и само да го ПОЈАСНИ веќе изготвеното а не да изготви ново вештачење.

            Исто така Врховниот суд прифаќа дека во регистарот на вештаци вештото лице сеуште стои во евиденција, што значи дека не е избришан од овој регистар и како таков може да вештачи.

            РЕЛЕВАНТЕН ДОМАШЕН ЗАКОН

Закон за наследување член 66
Закон за облигациони односи член 95
Закон за вештачење член 19, став 4 и член 27 став 1 точка 4 и 5

            АНАЛИЗА

            Во составениот рачен тестамент од покојниот има оставител, со име и презиме постои име на наследникот наведен е имотот кој се остава и на крајот има име и презиме на покојниот о дата на раѓање и матичен број.
            Двете нечитки букви се наоѓаат под овој потпис.

            Цели четири години од првото вештачење на вештакот со поднесување на тужбата се бараше вештачење само на овие две букви бидејќи тужителката се сомневаше дека тие не се внесени во тестаментот од оставителот, другиот дел не се спореше, за на крајот да се побара вештачење и на целиот потпис на покојниот со име и презиме, а на тоа последно вештачење се заснива и исклучиво пресудата на повисоките судови.

            Значи во тестаментот има се што е потребно за негова полноважност што е најважно со јасно изразена воља од оставителот и на наследникот.

            Тестаментот што е напишан со стенограмски знаци е полноважен, доколку е несомнено дека го напишал лично завештателот. Потписот на завештателот треба да е оној кој вообичаено го употребува завештателот. Меѓутоа во судската пракса се изградени извесни правила во кои потписот на зваештателот е полноважен и во случаи ако наведе дека тој со име и презиме при чиста свест и разум го составува тестаментот , тогаш тестаментот е полноважен ако на крајот завештателот се потпишал само со името или презимето.

            Тестаментот е полноважен ако постои писмено и на крајот на тоа писмено кое не мора да биде означено како тестамент е несоменено означено тестаменталното располагање и е означен родбинскиот однос на завештателот према лицето означено во тоа писмено, на пример вашата мајка, вашиот татко, иако во тестаментот не е создржано ни името ни презимето на завештателот.

            Тестаментот е полноважен ако е потпишан со општо познат надимак или псевдоним со кој завештателот се служел и по него бил познат кај поширок круг на луѓе дури и прошталното писмо со изразена волја имотот да му припадне на одредено лице означено во тоа писмо, претставува полноважен тестамент ако ги исполнува останатите услови.

            Стручното правно мислење е на став дека суштински елемент за полноважност на тестаментот е потписот на завештателот.

            Законот не содржи поконретни одредби со кои е уредено каков треба да е потписот, а не е определено ниту местото каде истиот треба да биде ставен. Завештателот треба да се потпише со целото свое име и презиме, но досегашната судска пракса го признава и потписот кој што завештателот најчесто го практикува како начин на потпишување ткн скратен потпис.

            Ставањето само на иницијали на завештателот во теоријата и праксата не се прифаќа за полноважен потпис на завештателот

            Ако се погледне горното своерачниот тестамент на тестаторот ги има елемнетите во целост и е наведено кој е завештател постои име и презиме мна наследникот, означен е имотот а на крајот постои цело име и презиме на оставителот, ден и месец на раѓање како и матичен број на истиот.

            Подолу двете нечитки букви напишани не се според горното од суштинско значење за овој тестамент бидејќи истиот ги содржи сите елементи што ги бара законот, во таа смисла од поднесувањето на тужбата за тужителката беа спорни само овие две букви и затоа таа бараше вештачење само на овие две спорни букви.

            На крајот после долги години се побара вештачење и на целото име и презиме и произлезе дека цел овој потпис не е од завештателот така да донесените пресуди од повисоките судови се засниваат исклучиво на ова дополнително вештачење и тестаментот е поништен.

            Можеби ако имаше супервештачење ситуацијата ќе се променеше меѓутоа до тоа не дојде поради пропуст на тужениот и вештачењето кое беше во негова корист не го приложи до судот во одговорот на тужбата.

            По однос на важноста на лиценцата на вештото лице Апелациониот и Врховниот суд прифаќаат дека последното вештачење е направено кога вештакот немал лиценца односно му престанала и не побарал продолжување.Меѓутоа ако е тоа така прифаќаат во претходните вештачења вештакот имал лиценца а во ова дополнително вештачење било само да го дополни и појасни веќе изготвениот писмен наод а не да изготвува нов.

            Од каде ваквата констатација на судовите не е јасна бидејќи во конкретниот случај вештакот нити го дополни нити го појасни веќе дадениот наод ами напротив даде вештачење сосема различно од претходното. И наместо за двете нечитки букви сега вештачи за целиот потпис. На ваквото ново вештачење повисоките судови исклучиво ја засниваат својата олдука така да не може да се работи ни за дополнување, а уште помалку за појаснување на претходните мислења.

            Вештакот при ова вештачење немал лиценца бидејчи истата му престанала да важи и не побарал нејзино продолжување. Прифаќањето на повисоките судови дека неговото име стоело во евиденцијата и затоа сметаат  оти има уредна лиценца е дискутабилно, затоа што сметам дека евиденцијата не е релевантна за тоа дали некој поседува уредна лиценца , затоа што евиденцијата и регистарот е менлива категорија и истата може да не биде ажурирана о повеќе причини за кои сметам дека нема потреба да ги наведувам.Во самото писмо од министерството за правда стои дека регистарот се води во елктронска форма и дека електронски се евидентирани сите промени во истиот вклучувајќи го и ажурирањето на истиот.

            Зошто ова вешто лице не е е избришано од евиденција и од регистарот кога лиценцата му престанала и не побарал продолжување не е јасно. Евиденцијата тешко може да се прифати како критериум дали едно вешто лице има важечка лиценца или не.

            Во членот 27 од Законот за вештачење стои дека лиценцата за вештачење  престанува ако вештакот сам побара, со смрт на истиот и по истекот на рокот од член 19 став 4 од закон доколку не се продолжи. Во истиот закон е наведено дека лиценцата за вештачење се издава со важност во траење од пет години и истата се прозолжува врз основа на поднесено барање до министерството за правда за продолжување на истата најдоцна два месеци пред истекот на рокот од пет години.

            Според тоа законот е јасен кога престанува важењето на лиценцата а тоа е со протек на време иако не е побарано нејзино продолжување во конкретниот случај вештакот му поминал рокот од пет години и истиот не побарал продолжување.

            Постоењето на вештакот во евиденција и во регистарот на вештаци не е критериум и не е предвидено во законот за важноста на лиценцата.

            На советувањето на сите Апелациони судови одржано на 13.04.2018 година во Скопје е донесен заклучок при изготвувањето на стручен наод и мислење и определување на вешто лице, вештото лице може да вештачи ако има лиценца за вештачење и е запишан во регистарот за вештаци.

            На работната средба на Апелационит судови во СРМ за воедначување на судската пракса одржано на ден 10.04.2019 година во Гостивар, донесен е едногласен заклучок дека во моментот на изготвувањето на вештачењето, вештото лице мора да има важечка лиценца без оглед на фактот дали истото се наоѓа на листата на вештаци.

            Од горното произлегува дека само законот за вештчење одредува дали едно лице има важечка лиценца или не и дали важноста му престанала, без оглед на тоа дали истиот вештак постои во евиденцијата на листата на вештаци.

Изготвувач Владимир Атанасов судија на Врховниот суд на РСМ во пензија, судија од кариера почнувајќи од Основен суд Битола до Окружен и Апелационен суд Битола на крај завршувајќи ја кариерата во Врховниот суд на РСМ.

Долгогодишен едукатор во Академијата за судии и јавни обвинители

Во еден мандат заменик претседател на Здружението на судии во Р.М

На два пати бил на студиски престој во Судот за човекови права во Стразбург

Член на комисијата за изготвување на методологија за оценување на судиите


КОРИСТЕНА ЛИТЕРАТУРА
Закон за наследување
Закон за облигациони односи
Закон за вештачење
Учебник по наследно право од проф. Д-р Дејан Мицковиќ , проф.д-р Ангел Ристов и проф. Д-р Елена Игњатовска.




Полноважноста на своерачен тестамент и графолошкото вештачење | Justice Observers