Полициска бруталност и недостаток на ефективна истрага: случајот на Аслани против Република Македонија

Вовед
Расте бројот на случаи каде што македонската полиција не спровела ефикасна и ефективна истрага за предмети и жалби на граѓаните кои биле изложени на полициска бруталност.
По донесената пресуда за случајот Ел-Масри против Република Македонија во 2012 година[1], кога судот процени дека постои прекршување на чл.3 од ЕКЧП по сите основи и едногласно одлучи дека државата е одговорна за повреда не само на чл.3 туку и на чл.5, 8 и 13 од ЕКЧП[2], се очекува државата со поголемо внимание да постапува во случаите на пријавена тортура, нечовечко и деградирачко постапување или казнување. Како одговор на барањето за зајакнување на легислативата рамка, со измените на Законот за Народниот правобранител што стапија на сила во 2018 година[3] се предвидува воспоставување механизам за граѓанска контрола[4] што е должен да покрене постапка[5] а Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) преку специјализирано одделение ја презема улогата на надлежен орган за истражување и кривично гонење за кривични дела сторени од страна на лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.
И покрај ваквата законска определба Народниот правобранител во последниот извештај за 2021 година, нотира 11 (единаесет) барања за покренување постапка заради утврдување на казнена одговорност.[6] Само за два предмети за кои е поднесено соодветно барање за утврдување на казнена одговорност до специјализираното одделение при ОЈОГОКК а кои се однесуваат на полициска бруталност и малтретирање, е спроведена соодветна кривична постапка и се донесени правосилни осудителни пресуди од страна на Основниот кривичен суд Скопје.

За пропустите на надлежните органи во спроведувањето ефективна истрага и сериозноста на поднесените жалби за претрпена полициска бруталност говорат и донесените пресуди на ЕСЧП против државата, во случаите на: Јашар против РМ од 2007 година[7] поради неуспехот на надлежните органи да обезбедат ефикасна истрага во врска со тврдењата на жалителот дека бил подложен на нечовечко и деградирачко однесување во полицијата; Ѓоргиев против РМ од 2012 година[8] заради пропустот на надлежните органи да спроведат ефективна истрага околу наводите на жалителот; Китановски против РМ од 2015 година[9] за сторена повреда на чл.3 од ЕКЧП заради деградирачкиот третман во периодот на апсење; Андоновски против РМ од 2015 година[10] поради пропуст на органите да спроведат ефикасна истрага во однос на наводите на жалителот за полициска бруталност и поради нечовечки и деградирачки третман од страна на полицијата; потоа, случајот на Трендафиловски против РСМ од 2020 година[11] за сторена повреда на процедуралниот аспект на членот 3 од Конвенцијата и познатиот случај на X и Y против РСМ од 2020 година[12] што го привлече вниманието на јавноста поради неуспехот да се истражи инцидент за полициска бруталност што се случила во 2014 година, кога тужителите Роми биле на возраст од шестнаесет години и тринаесет години[13].

Предмет на оваа анализа е пријавено малтретирање од страна на полицијата, неефективна последователна истрага за полициска бруталност и бесконечно провлекување и одолговлекување на постапката низ македонските судски лавиринти, во случајот на Аслани против Република Македонија од 10 декември 2015 година[14].

Факти на случајот
Жалителот по потекло од Охрид, бил вработен во локално претпријатие во сопственост на З.Ч., во чии рамки функционирала пекарница во Ресен.
На 20 март 2008 година неколку полициски службеници пристигнале во пекарницата со цел да утврдат дали сите вработени[15] поседуваат дозволи за работа и престој. Жалителот бил повикан од сопственикот З.Ч. да дојде во пекарницата во 1:30 часот по полноќ. Потоа жалителот, З.Ч. и шест други лица биле одведени во полициска станица и со нив било разговарано во канцеларијата на М.Г., кој бил главен командир на полицијата во Ресен. Додека бил таму, жалителот бил физички нападнат и навредуван од страна на Ѓ.С., во тоа време полициски службеник, а подоцна градоначалник на Ресен. Жалителот ја напуштил полициската станица околу 04:15 часот на 21 март 2008 година. По напуштањето на просториите на полициската станица, околу 5:30 часот наутро[16], отишол на лекар во Охридската болница, каде што прибавил лекарско уверение (бр.30), во кое била дијагностицирана пост-трауматска фрактура на коската на носот.[17]
Сопственикот З.Ч. исто така тврдел дека бил физички нападнат и навредуван од страна на полицискиот службеник Ѓ.С. кога тој дошол во пекарницата. Според неговите тврдења, Ѓ.С. неколку пати пред работниците го удрил со шамари по лицето. Исто така, тој го навредувал и му се заканувал дека ќе го испрати „назад во Косово во црна пластична кеса“, освен ако признае дека му давал пари на полициски службеник од Ресен како гаранција за добивање негова заштита. За цело времетраење на инцидентот, Ѓ.С. се служел со недоличен јазик и навреди по етничка основа.

Во периодот од 21-27 март 2008 година, жалителот поднел кривична пријава до надлежен јавен обвинител за полициска бруталност а потоа, заедно со сопственикот на пекарницата З.Ч. поднеле жалба до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди на Министерството за внатрешни работи (СВКПС) дека биле малтретирани од полициски службеници за време на инцидентот помеѓу 20 и 21 март 2008 година.
На 17 јуни 2008 година СВКПС испратил „посебен извештај“ за предметот до јавниот обвинител и истиот содржел службени белешки. Во ние е наведено дека „во текот на сослушувањето Ѓ.С. го навредувал и физички го нападнал жалителот. Тој извлекол весник од ташната на апликантот и се обидел да му го стави во неговата уста. Потоа го удрил него три пати, предизвикувајќи му видливи повреди, имено, скршен нос и модрици на лицето. Полициските службеници Д.Л. и М.Г., главен командир на полицијата во Ресен, биле присутни во тоа време“.
За извршената контрола (инспекција) во пекарницата во Ресен, полициските службеници немале ниту план, ниту налог за претрес. Покрај тоа, не е подготвен ни извештај за настанот ниту информација во книгата на дневни настани во врска со приведување и задржување на жалителот, сопственикот З.Ч. и 6 други лица во полициската станица во Ресен или употребата на сила кон некого.

Кривична постапка против Ѓ.С.
По барање на јавниот обвинител од 12 јуни 2008 година, на 30 октомври 2008 година истражен судија на Основниот суд Ресен покренал истрага во врска со наводите дека Ѓ.С. ги малтретирал, им се заканувал и ги навредувал жалителот и З.Ч.
Во Основниот суд Ресен биле сослушани сведоци, работници на пекарата и полициските службеници кои биле присутни во пекарата, потоа по барање на судот било подготвено форензичко медицинско мислење и таму биле констатирани повредите на жалителот, но поради недостиг на докази дека Ѓ.С. го сторил наведеното кривично дело, на 24 февруари 2009 година јавниот обвинител го известил истражниот судија дека се откажува од гонењето.
Жалителот, решен да го продолжи кривичното гонење против Ѓ.С. на 13 април 2009 година поднел супсидијарен обвинителен акт под обвиненија за малтретирање и нанесена телесна повреда. Интересен е податокот дека јавниот обвинител останал пасивен и не презел никакви дејствија во постапката што следела.

Откако жалителот го презел кривичното гонење, предметот бил подложен на бројни одолговлекувања:
Во 2009 година постапката била запрена од страна на Основниот суд Ресен по приговорот на Ѓ.С;
Апелациониот суд Битола го укинал решението за запирање на постапката и му наложил на Основниот суд Ресен да изврши соочување меѓу жалителот и другите полициски службеници, но потоа сите судии на Основниот суд Ресен побарале изземање од предметот бидејќи тие веќе биле вклучени во постапката во различно својство;
На 1 јуни 2010 година Апелациониот суд Битола му го доделил предметот на Основниот суд Битола, како нов месно надлежен суд. Потоа, во три наврати Основниот суд Битола го ослободил од обвинение Ѓ.С. поради недостиг на докази, но Апелациониот суд Битола ги уважувал жалбите на жалителот и го враќал предметот на повторно судење поради убедување дека Основниот суд Битола неправилно и нецелосно ја утврдувал фактичката состојба во однос на повредите на жалителот;
На 18 март 2015 година Основниот суд Битола го ослободил Ѓ.С. од обвинение за малтретирање и го одбил обвинението за телесна повреда, а во врска со вториот основ, судот утврдил дека настапила застареност;
Апелациониот суд Битола ја уважил жалбата на жалителот и му го вратил предметот на Основниот суд Битола на повторно судење затоа што не ги зел предвид упатствата на Апелациониот суд.
Во пресуда од 12 ноември 2013 година[18] Врховниот суд (ВСРМ) го усвоил барањето на жалителот за заштита на правото на судење во разумен рок и признал дека кривичната постапка против Ѓ.С. била предолга. Тоа го признава и Владата на РМ во постапката пред ЕСЧП. Поради тоа ВСРМ му досудил на жалителот надомест во износ еквивалентен на 500 евра и определил Основниот суд Битола да ја заврши кривичната постапка колку што е можно побргу, но не подоцна од шест месеци од приемот на пресудата.

Образложение и пресуда на ЕСЧП

Според ЕСЧП, кога поединец со добра здравствена состојба е лишен од слобода од полиција и по ослободувањето е утврдено дека бил повреден, државата е должна да објасни како биле причинети тие повреди, а во отсуство на такво објаснување, очигледно станува збор за повреда на член 3 од Конвенцијата. Оттука, Судот е убеден дека има докази во прилог на тврдењата на жалителот. Судот констатирал дека жалителот претрпел скршеница на носот и модринки на лицето поради употреба на „груба сила” врз неговото лице. Овие повреди биле опишани во медицинските списи што биле изведени како доказ на судењето и претставувале телесна повреда проследени со физичка болка, страв, голема вознемиреност и душевно страдање.
Од горенаведените причини, Европскиот суд за човекови права одлучил дека имало повреда на член 3 од Конвенцијата поради пропустот на властите да спроведат ефективна истрага за тврдењата на жалителот за полициска бруталност. Воедно, Судот констатирал дека имало повреда на член 3 од Конвенцијата поради нечовечно и понижувачко постапување од страна на полицијата за време на сослушувањето на жалителот во полициската станица во Ресен на 21 март 2008 година. Оттука, Судот одлучи дека државата треба да му исплати 11.700 евра по основ на надомест на нематеријална штета[19] во рок од три месеци откако пресудата ќе стане конечна.

Заклучок
При толкувањето на чл.3 од ЕКЧП, преку судската пракса на ЕСЧП согледуваме дека употребата на сила од страна на полицијата при лишување од слобода, всушност, не е забранета. Но, таквата пракса не значи дадена можност за нејзина злоупотреба. Напротив, не смее да се употреби физичка сила што не е нужно неопходна, бидејќи на тој начин се урива човечкото достоинство што пак, претставува директна повреда на правото утврдено во членот 3 од Конвенцијата.
Од анализата на конкретниот случај, согледуваме дека државата не спровела ефективна истрага на наводите за малтретирање и полициска бруталност, што ја нарушува довербата и ги намалува (и така малите) очекувања од јавните органи во вршењето на своите основни функции.
На тоа се надоврзува и постојаното одложување на судската постапка, што се случува откако јавниот обвинител се откажал од кривично гонење. Неговата пасивност не може (и не смее!) да се оправда со фактот дека кривичната постапка била поведена врз основа на супсидијарен обвинителен акт (така и во случајот на Butolen против Словенија, бр. 41356/08, § 77, 26 април 2012). [20] Останува отворено прашањето, дали некој врши надзор врз работењето на јавниот обвинител во случаите на кривични дела сторени од страна на лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.[21]
Она што загрижува е фактот дека кај нас, не се работи само за прекумерна употреба на физичка сила од страна на полициски службеници, туку најчесто станува збор за расно мотивирана полициска бруталност и неможност (или неволност) на државата да спроведе ефективна истрага за можните расистички мотиви на таквиот третман. Останува да се надеваме дека пресудата во случајот на X and Y против Северна Македонија, ќе ги поттикне властите за доследно почитување на обврската за спроведување темелна и ефикасна истрага во случаите на пријавена полициска бруталност.

Извори:
Годишен извештај за степенот на обезбедување, почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права за 2021, Скопје март 2022. Линк: https://ombudsman.mk/CMS/Upload/NarodenPravobranitel/upload/Godisni%20izvestai/GI-2021/GI%20-2021.pdf
Закон за народниот правобранител, Сл. весник на Р. Македонија бр.60/2003; 143/2008; 114/2009; 181/2016; 189/2016 и 35/2018.
Andonovski v. the former Yugoslav Republic of Macedonia, no. 24312/10, § ..., 23 July 2015.
Asllani v. the former Yugoslav Republic of Macedonia, no. 24058/13, § ..., 10 December 2015.
Butolen v. Slovenia, no. 41356/08, § ..., 26 April 2012.
El-Masri v. the former Yugoslav Republic of Macedonia [GC], no. 39630/09, ECHR 2012.
Gorgiev v. the former Yugoslav Republic of Macedonia, no. 26984/05, § ..., 19 April 2012.
Jasar v. the former Yugoslav Republic of Macedonia, no. 69908/01, § ..., 15 February 2007.
Kitanovski v. the former Yugoslav Republic of Macedonia, no. 15191/12, § ..., 22 January 2015.
Trendafilovski v. North Macedonia, no.59119/15, § ..., 17 December 2020.
X and Y v. North Macedonia, no. 173/17, § ..., 5 November 2020.
Линкови:
http://www.errc.org/uploads/upload_en/file/5274_file1_pr-european-court-macedonian-9-november-2020.pdf
https://akademik.mk/presuda-na-strazbur-vo-korist-na-dvajtsa-romi-koi-pred-sudot-se-zhalea-na-politsiska-brutalnost/
https://hudoc.echr.coe.int/
https://justiceobservers.org/article/74067/63647/187
https://justiceobservers.org/category/home/64665/187
https://mhc.org.mk/eschp/
https://mhc.org.mk/news/mvr-da-go-istrazhi-posledniot-sluchaj-na-policiska-brutalnost-so-elementi-na-revanshizam/
https://www.echr.coe.int/documents/case_law_references_eng.pdf
https://www.radiomof.mk/romi-maltretirani-od-policijata-ja-dobija-s-makedonija-vo-strazburg-drzhavata-kje-treba-da-im-plati-po-7-500-evra/


[1] El-Masri v. the former Yugoslav Republic of Macedonia [GC], no. 39630/09, ECHR 2012.
[2] Повеќе во анализата на д-р Љупчо Стојковски на пресудата Ел-Масри против Република Македонија од ЕСЧП,  линк: https://justiceobservers.org/article/74067/63647/187.
[3] Закон за народниот правобранител, Сл. весник на Р. Македонија бр.60/2003; 143/2008; 114/2009; 181/2016; 189/2016 и 35/2018.
[4] Механизмот за граѓанска контрола претставува посебно надворешно тело, како дополнителен коректив на системот на истрага при кривични дела извршени од страна на овластени службени лица при Министерството за внатрешни работи и припадници на затворската полиција.
[5] Чл.11-ѓ, ЗИД на Законот за народен правобранител (Сл.весник бр.35/2018): Народниот правобранител - механизам за граѓанска контрола покренува постапка по барање на странката-жртва или на член на неговото семејство, по иницијатива на претставници на невладиниот сектор, како и по сопствена иницијатива по добиени сознанија (допрен глас) за можни повреди на правото на живот и забрана на тортура од Европската конвенција за човекови права ратификувана согласно Уставот на Република Македонија.
[6] За четири случаи е донесена одлука за отфрлање на пријавата поради немање доволно докази за понатамошно продолжување на постапката; по 1 (еден) предмет била донесена одлука истиот да се достави на надлежно постапување во Основно јавно обвинителство – Охрид; за четири барања, Народниот правобранител е известен дека се уште е во тек предистражната постапка и се преземаат потребните мерки и дејствија, така што постапката по овие предмети продолжува и во 2022 година, извор: Годишен извештај за степенот на обезбедување, почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права за 2021, Скопје март 2022, стр.131-132. 
[7] Jasar v. the former Yugoslav Republic of Macedonia, no. 69908/01, § ..., 15 February 2007.
[8] Gorgiev v. the former Yugoslav Republic of Macedonia, no. 26984/05, § ..., 19 April 2012.
[9] Kitanovski v. the former Yugoslav Republic of Macedonia, no. 15191/12, § ..., 22 January 2015.
[10] Andonovski v. the former Yugoslav Republic of Macedonia, no. 24312/10, § ..., 23 July 2015.
[11] Trendafilovski v. North Macedonia, no.59119/15, § ..., 17 December 2020.
[12] X and Y v. North Macedonia, no. 173/17, § ..., 5 November 2020.
[13] Од Европскиот центар за правата на Ромите, кој ги застапуваше двајцата жалители пред Судот, нагласуваат дека пресудата е многу значајна и дека конечно правдата е добиена пред Судот во Стразбур. Повеќе за случајот види http://www.errc.org/uploads/upload_en/file/5274_file1_pr-european-court-macedonian-9-november-2020.pdf, и https://akademik.mk/presuda-na-strazbur-vo-korist-na-dvajtsa-romi-koi-pred-sudot-se-zhalea-na-politsiska-brutalnost/.
[14]  Asllani v. the former Yugoslav Republic of Macedonia, no. 24058/13, § ..., 10 December 2015.
[15] Дел од вработените во пекарницата биле со државјанство од Косово.
[16] Владата како странка во постапката пред ЕСЧП изнела тврдење дека апликантот ја напуштил полициската станица во/околу 3 часот по полноќ по што учествувал во тепачка со непознати поединци на непознато место и во/околу 5:30 часот наутро тој побарал медицинска помош во Охридската болница.
[17] Во уверението докторот го напишал следното: „Во 5:30 часот наутро, тепачка, беше направенa рентгенска снимка на носната пирамида ... беа извршени репозиција и имобилизирање ... Носната пирамида и ... горната десна ноздрва беа видливо натечени. “.
[18] Која станала правосилна на 4 декември 2013 година.
[19] Со додаден износ за такса/данок, ако таков износ треба да се плати.
[20] Види и Kitanovski v. the former Yugoslav Republic of Macedonia, no. 15191/12, § ..., 22 January 2015, Andonovski v. the former Yugoslav Republic of Macedonia, no. 24312/10, § ..., 23 July 2015.
[21]Види https://mhc.org.mk/eschp/ и https://www.radiomof.mk/romi-maltretirani-od-policijata-ja-dobija-s-makedonija-vo-strazburg-drzhavata-kje-treba-da-im-plati-po-7-500-evra/ и
Полициска бруталност и недостаток на ефективна истрага: случајот на Аслани против Република Македонија | Justice Observers