Обврска на гарантот за исполнување на обврска на должникот спрема доверителот
ВОВЕД
Со ова правно мислење се анализира
Пресудата на Апелациониот суд Скопје, ТСЖ бр.569/21 од 10.06.2021 година, со
која во постапка по жалба изјавена од тужителот (доверителот), преиначена е
Пресудата на Основниот граѓански суд Скопје, 52 ПЛ1-ТС бр.1341/19 од 02.12.2020
година. Пресудата на Апелациониот суд Скопје, се анализира од аспект на обврската
на гарантот спрема доверителот, за исполнување на полноважна и стасана обврска
на должникот.
ФАКТИ НА
СЛУЧАЈОТ
Тужителот, е трговско друштво чија приоритетна дејност е
производство на освежителни пијалаци и производство на минерална вода и друга
флаширана вода, додека првотужениот е трговско друштво чија приоритетна дејност
е останати услуги за подготвување и служење на храна.
Врз основа на Договор за купопродажба на производи, кој
бил склучен на 08.02.2013 година, тужителот, како продавач и првотужениот, како
купувач, стапиле во должничко-доверителски однос, чиј предмет бил купопродажба
на пијалаци од производствениот асортиман на продавачот, за потребите на
купувачот.
Согласно член 2, став 1 од Договорот за купопродажба на
производи било предвидено дека: "Договорните страни се
согласни во текот на 2013 година, Купувачот да купува, а Продавачот
да му продава и предава пијалаци од производствениот асортиман на Продавачот.", согласно член 3, било предвидено дека: "Купувачот се согласува, купопродажната цена на производите предмет на овој договор, да се утврдува според важечките цени определени
во официјалниот ценовник на Продавачот во моментот на испораката производите на
купувачот.", додека согласно
член 5, став 1 од Договорот, било предвидено дека: "Договорните страни се согласни плаќањето на испорачаните производи да се
врши вирмански во рок од 10 (десет) дена сметано од денот на предавањето на
прозиводите.".
Согласно член 8 од Договорот за купопродажба на
производи, лицето М.В., второтужен во постапката, кој во моментот на склучување
на Договорот, бил управител на првотужениот, се согласил дека со потпишување на
договорот: "..... согласен е и гарантира за исполнување на
сите обврски на Купувачот кои ќе произлезат од овој договор со сиот свој личен недвижен
и подвижен имот во своја сопственост.".
Договорот бил потпишан од тужителот, како продавач,
првотужениот, како купувач и лицето М.В., како гарант.
На 15.05.2019 година, тужителот, до надлежниот нотар од
Скопје, поднел Предлог за издавање на решение за нотарски платен налог врз
основа на веродостојна исправа, со кој побарал двајцата тужени да бидат
солидарно задолжени на име главен долг кој произлегува од Испратница/фактура
бр.7753100070 од 13.12.2018 година, на износ од 32.476,00 денари и
Испратница/фактура бр.7753100166 од 28.12.2018 година, да му платат износ од
46.082,00 денари, со законска казнена камата, врз основа на кој нотарот донел
Решение за издавање на нотарски платен налог, НПН бр.1701/19 од 17.05.2019
година.
Незадоволен од Решението за издавање на нотарски платен
налог, второтужениот изјавил навремен приговор, во кој меѓудругото навел дека
со Договорот за купопродажба на производи, кој бил склучен на 08.02.2013
година, истиот се согласил да одговара само за обврските на првотужениот кои
произлегувале од тој договор, кој неспорно е дека се однесувал на промет на
пијалоци настанат во текот на 2013 година, односно дека истиот не е одговорен,
ниту пак гарантирал по основ на обврските на првотужениот кон доверителот, по
основ на промет на пијалоци кој настанал во текот на 2018 година, за кој период
се однесуваат фактурите кои се предмет на постапката. Дополнително, второтужениот навел дека со Договор за
купопродажба и пренос на удел, кој на 16.02.2018 година, тој и лицето И.А.,
како продавачи, го склучиле со лицето Д.С., од Скопје, како купувач, својот
удел во првотужениот, му го продал и пренел на лицето Д.С., кој согласно член 7
од Договорот, се обврзал дека ќе склучи анекси кон договорите во кои како
договорна страна солидарен должник - гарант платец се наведените продавачи, во
кои наместо продавачите, како договорна страна солидарен должник - гарант
платец, ќе стане купувачот.
Од друга страна, после донесувањето на Решението за
издавање на нотарски платен налог, НПН бр.1701/19 од 17.05.2019 година, во
периодот од 03.07.2019 година, до 30.07.2019 година, првотужениот на тужителот
му го платил главниот долг по основ на предметните фактури.
Врз основа на поднесениот приговор од страна на
второтужениот против Решението за издавање на нотарски платен налог, НПН
бр.1701/19 од 17.05.2019 година, пред Основниот граѓански суд Скопје, бил
заведен спор, кој се водел под 52 ПЛ1-ТС бр.1341/19, во кој тужителот после извршеното
плаќање од страна на првотужениот, го повлекол тужбеното барање кое се
однесувало на главниот долг и истото го прецизирал, на начин што побарал судот
да ги задолжи тужените да му платат само законска казнена камата за задоцнето
плаќање на долгот.
На 02.12.2020 година, Основниот граѓански суд Скопје,
донел Пресуда 52 ПЛ1-ТС бр.1341/19, со која приговорот на второтужениот го
усвоил, Решението за издавање на нотарски платен налог, НПН бр.1701/19 од
17.05.2019 година, го укинал и прецизираното тужбено барање на тужителот, го
одбил како неосновано, со образложение дека: "Во конкретниот случај, со потпишување на Договорот за купопродажба на производи тужениот се
согласил да гарантира за исполнување на обврските на купувачот по основ на
промет на пијалаци настанати само во текот на 2013 година за која година бил
склучен договорот. Неспорно е дека
деловниот однос помеѓу купувачот и продавачот премолчно бил продолжен и по
истекот на 2013 година, меѓутоа не
може да се смета дека дадената гаранција од страна на тужениот се протега на
периодот по 2013 година, бидејќи
гаранцијата не може премолчно да се продолжува. Имено, за да се заснова
таква обврска потребно е да постои писмена изјава за гаранција во која јасно ќе
биде определена обврската за која се однесува гаранцијата. Оттука со оглед дека со потпишување на
Договорот за купопродажба на производи тужениот прифатил да одговара само за
обврските по основ на промет на пијалаци настанати во текот на 2013 година, а нема дадено нова изјава за гаранција за
периодот по 2013 година, при состојба
кога предметниот долг произлегува од фактури издадени во 2018 година, за кои обврски тужениот не гарантира, судот го одби тужбеното барање како
неосновано.".
Незадоволен од одлуката на првостепениот суд, тужителот
против истата изјавил навремена жалба, додека второтужениот изјавил одговор на
жалба, после што пред Апелациониот суд Скопје, бил заведен предмет под ТСЖ
бр.569/21.
На 10.06.2021 година, Апелациниот суд Скопје, донел
Пресуда ТСЖ бр.569/21, со која жалбата на тужителот ја усвоил, Пресудата на
Основниот граѓански суд Скопје, 52 ПЛ1-ТС бр.1341/19 од 02.12.2020 година, ја
преиначил, на начин што приговорот на второтужениот го одбил како неоснован,
Решението за издавање на нотарски платен налог, НПН бр.1701/19 од 17.05.2019
година, го укинал и прецизираното тужбено барање на тужителот го усвоил.
Во образложението на својата одлука, Апелациониот суд
Скопје, навел дека: "По однос на прашањето дали тужениот, од Скопје, може да се смета за гарант на обврските на главниот должник, настанати по 2013 година, ..... треба да се има предвид одредбата од членот 1043 ст.4 од ЗОО согласно
која гарантот за обврска настаната од трговскиот договор одговара како гарант
платец ..... Во случај на постоење на
трговски договор како во случајот, гарантот за обврската настаната од трговскиот договор одговара како гарант
платец, ако не е договорено нешто
друго ..... При тоа согласно член
1036 од ЗОО, со договорот за
гаранција се обврзува гарантот спрема доверителот дека ќе ја исполни
полноважната и стасаната обврска на должникот, ако тоа не го стори овој и договорот за гаранција го обврзува гарантот
само ако изјавата за гаранција е дадена во писмена форма, согласно член 1037 од ЗОО ..... Имајќи предвид дека склучениот Договор за
купопродажба на производи на ден 08.02.2013 година помеѓу купувачот и
продавачот премолчно бил продолжен и по истекот на 2013 година, а тужениот согласно договорот гарантирал за
исполнување на сите обврски на купувачот кои ќе произлезат од овој договор, во конкретниот случај солидарната обврска на
тужениот по основ на дадена писмена изјава за гаранција не може да се исклучи, па дадената гаранција го обврзува тужениот и по однос на обврските кои за должникот - купувачот произлегле со издавањето
на утужените испратници/фактури и законската казнена камата по истите, каде фактурирањето било извршено за промет
на стоки и ваквиот предмет на фактурирање соодветствува со предметот на
склучениот Договор од 08.02.2013 година.".
ПРАВО
При донесување на Пресудата на Основниот граѓански суд Скопје, 52 ПЛ1-ТС бр.1341/19 од
02.12.2020 година и Пресудата на Апелациониот суд Скопје, ТСЖ бр.569/21 од
10.06.2021 година, судовите ги примениле одредбите од член 1036, член 1037 и
член 1043, став 3 од Законот за облигационите односи.
Согласно член 1036 од Законот
за облигационите односи (Службен
весник на Република Македонија бр. 18/01, 04/02, 05/03, 84/08, 81/09, 161/09 и 123/13), предвидено е дека: "Со договорот за гаранција се обврзува
гарантот спрема доверителот дека ќе ја исполни полноважната и стасаната обврска
на должникот, ако тоа не го стори овој.".
Согласно член 1037 од Законот
за облигационите односи (Службен
весник на Република Македонија бр. 18/01, 04/02, 05/03, 84/08, 81/09, 161/09 и 123/13), предвидено е дека: "Договорот за гаранција го обврзува
гарантот само ако изјавата за гаранција ја направил писмено.".
Согласно член 1043, став 3 од
Законот за облигационите односи (Службен
весник на Република Македонија бр. 18/01, 04/02, 05/03, 84/08, 81/09, 161/09 и 123/13), предвидено е дека: "Ако гарантот се обврзал како
гарант-платец, му одговара на доверителот како главен должник за целата обврска
и доверителот може да бара нејзино исполнување било од главниот должник, било
од гарантот или од двајцата во исто време (солидарна гаранција).", додека согласно став 4, предвидено е дека: "Гарантот за
обврска настаната од трговски договор одговара како гарант-платец, ако не е
договорено нешто друго.".
АНАЛИЗА НА
ПРЕСУДАТА
Апелациониот суд Скопје, со донесување на Пресудата, ТСЖ
бр.569/21 од 10.06.2021 година, воспоставува негативна судска пракса во однос
на обврската на гарантот спрема доверителот, за исполнување на полноважна и
стасана обврска на должникот. Имено, од содржината на пресудата, со сигурност може да се утврди дека
Апелациониот суд Скопје, својата одлука ја засновал на широко толкување на
одредбата од член 1037 од Законот за облигациони односи, кое не е во согласност
со словото на законот, на начин што обврската на гарантот спрема доверителот,
за обврските на должникот, ја проширил и на случаи кога гарантот нема дадено
писмена изјава за гаранција.
Ова ако се има предвид дека со донесувањето на Пресудата,
ТСЖ бр.569/21 од 10.06.2021 година, Апелациониот суд Скопје, утврдил дека
изјавата за гаранција за обврските на првотужениот кон тужителот, која
второтужениот ја дал писмено и која се однесувала на купопродажбата на пијалоци
од производствениот асортиман на тужителот, во текот на 2013 година, премолчно
продолжила да важи заедно со премолчното продолжување на договорот, односно со
премолчното продолжување на првотужениот (должникот) и тужителот (доверителот),
да вршат промет на стоки кои соодветствуваат со стоките кои биле предмет на
Договорот за купопродажба на производи, иако согласно член 1037 од Законот за
облигационите односи, предивдено е дека договорот за гаранција го
обврзува гарантот само ако изјавата за гаранција ја направил писмено, што значи дека со потпишување на
гаранција за исполнување на точно определени обврски од точно определен
договор, гарантот во никој случај не може да гарантира за обврски на должникот,
кои ќе настанат по престанување на важноста на договорот, односно дека
гаранцијата не може да биде дадена, ниту продолжена премолчно и на тој начин да
го обврзува гарантот.
Предвид наведеното, не е
спорно дека со донесувањето на Пресудата на Апелациониот суд Скопје, ТСЖ
бр.569/21 од 10.06.2021 година, доведена е во прашање правната сигурност на
лицата кои во трговските договори се согласуваат да одговараат за обврските кои
за должникот произлегуваат од самите договори, односно се доведува во прашање временскиот
период во кој гарантот одговара за обврските на должникот и кога истиот се
ослободува од обврската за исполнување на обврските на должникот.
