Интересот и правата на дететото при развод

Анализа на судија Зора Треневска на пресуда ГЖ 758/18 донесена од Апелациониот суд Штип.

 

Општите стандарди и принципи во поглед на образложеност на пресудите и нивна аргументација, која генерално и ја верификува нивната правилност, како база на постапувањето на ЕСЧП, се повеќе претставува составен дел и на постапувањето на домашните судови.
Во услови на обезбедување на еднаквост на правата на странките во постапката, што значи еднаков пристап до правдата, еднаква можност за изнесување на своите наводи и достава на докази  во нивна поткрепа и притоа, во постапка која се спроведува во разумен рок, се создаваат можности за утврдување на фактите и правото кое произлегува за странките. Ваквото постапување значи примена на основните начела на меѓународното право како што се одредбите на Повелбата за основните човекови права и слободи и секако ЕКЧП, но истовремено и примена на одредбите на домашното право во нивната полна содржина со оглед дека овие начела се вткаени и во одредбите на сите домашни прописи. Грижата за обезбедување еднаквост на правата во процесна смисла е дел од реализацијата на материјалното право кое е предмет на одлучување во секој посебен случај.
Во предметите кои се однесуваат на родителските права и обврски како особено сензитивна област на одлучување, секоја пресуда своето образложение го темели на овие правила на постапување и притоа треба да демонстрира и сензитивност кон детските интереси. Одлуката треба да се засновува на најдобриот интерес на детето. Тоа значи дека одлучувањето за доверување на дете кај еден од родителите (согласно домашното право) во смисла на грижа, чување, воспитување и делумно издржување, секогаш треба да го манифестира и правото и одговорноста на другиот родител за реализација на видувањата  и средбите со детето, учеството во одлуките кои се однесуваат на неговото школување, образование, вон школски и други активности и секако учеството во неговото издржување сразмерно на можностите кои постоеле во време на донесувањето на одлуката. Ова е од особено значење , бидејќи и двајцата родители ја делат одговорноста за воспитувањето  на своите деца и секогаш треба да го прават она што е најдобро за децата ( чл.18 од Конвенцијата за правата на децата). Истовремено, се зема во предвид и мислењето на детето за тоа со кого од родителите сака да продолжи да живее, кога постојат услови според возраста и зрелоста, детето слободно, непосредно да ја изрази својата желба и да го изнесе своето мислење каде сака да продолжи да живее по разводот на бракот на родителите.
Во наведената смисла образложение кое се засновува на утврдени факти  ја наметнува и примената на аргументите за донесување  на соодветна одлука.

Одлуките се засновуваат на Законот за семејството а во последните години во пресудите се цитираат одредби и од меѓународното право како Конвенцијата за правата на децата, која всушност со ратификацијата е дел од внатрешниот поредок.
Законот за семејството како системски закон помеѓу останатото ги утврдува правилата на постапување во споровите кои се однесуваат на вршењето на родителските права и обврски, упатувајќи и на ЗПП во случај на правна празнина, но истовремено ги содржи и материјалните одредби кои се однесуваат на содржината на родителските  права и обврски.
Конвенцијата за правата на децата (Генерално собрание на ОН – резолуција 44/25 од 20.11.1989 год.), ратификувана во 1993 год., како дел од внатрешниот правен поредок  претставува прв меѓународен документ кој го опфаќа целокупниот систем на човекови права (граѓански, културни, економски и социјални права). Од суштествено значење е дека темел на истата помеѓу другото се посветеност на интересите на детето и почитување на неговите ставови.
Имено, според чл.3 кој го дефинира најдобриот интерес на детото, сите постапки кон децата се превземаат во нивен најдобар интерес, а според чл.12 детето има право да го изрази своето мислење и тоа да се земе во предвид во сите ситуации и процедури кои се однесуваат на него.
Анализа на пресуда
Како пример на примена на цитираното право може да се наведе пресудата на Апелациониот суд Штип, ГЖ 758/18 од -- , донесена во постапката за развод на брак во која е одлучувано и за доверување на малолетното дете.
Првостепениот суд во Штип со пресуда ---  го усвоил тужбеното барање на тужителот па, малолетниот син --, роден на ден – му го доверил на грижа, чување, воспитување и делумно издржување  а тужената, мајката – ја задолжил со учество во издржувањето со месечни износи од 3.000 денари, сметано од поднесување на тужбата па, во иднина додека постојат законски услови.
Тужителот ја обжалил пресудата поради погрешна примена на материјалното право во делот на досудени трошоци во постапката.
Тужената ја обжалила пресудата по сите основи.
Апелациониот суд во Штип со цитираната пресуда  жалбите ги одбил како неосновани, првостепената пресуда ја потврдил.

При одлучувањето, судот ја прифатил утврдената фактичка состојба од првостепениот суд дека бракот на странките бил склучен во 1998 год., во кој им се родиле две деца, синот --, кој е веќе полнолетен и синот --, роден на ден – год. Странките во време на траењето на брачната заедница не биле во добри односи а 5 години по фактичкиот престанок на бракот била поднесена тужбата за развод. Во тој временски период на разделба, сега веќе полнолетниот син продолжил да живее со својот татко во стан во негова сопственост а заедно со нив живеела и мајката на тужителот. Малолетниот син, продолжил да живее со својата мајка во стан кој не е нејзина сопственост.Тој и понатаму често одел кај тужителот и останувал на спиење или оделе на заедничка прошетка. По правосилноста на пресудата во делот за развод, тужителот ја правзел грижата околу двете деца обезбедувајќи им сигурна и безбедна средина, образование помош и подршка. Постариот син во меѓувреме станал полнолетен а помалиот во време на одлучувањето за доверување бил на возраст од 12 год. и 10 месеци.Тој, за останување во домот кај таткото и постариот брат покажал радост и задоволство а особено за заедничкиот живот со братот, заради нивната поврзаност и потреба да делат заеднички станбен простор. Во постапката судот утврдил дека двете странки се вработени и со редовни месечни примања.
Апелациониот суд прифатил дека ваквата фактичка состојба произлегува од спроведената доказна постапка од страна на првостепениот суд, кој го имал во предвид доставениот извештај од МЦСР, изготвен врз основа на стручно методолошка работа со детето, обавените разговори со странките и непосредниот увид во домот, како и изразената желба на детето и понатаму да продолжи да живее со својот татко, а со мајката да има видувања.
Прифаќајки ја како правилно и целосно утврдена фактичката состојба, повисокиот суд оценил дека е правилно применето и материјалното право и тоа одредбите од чл. 80, чл.194 и чл 195 од Законот за семејството.
Во контекст на примената на наведените одредби, Судот се повикал и на примената на чл.12 од Конвенцијата за правата на детето. Имено, ги ценел жалбените наводи на тужената дека првостепениот суд неможел да ја утврди вистинската волја на детето непосредно со сослушување, туку тоа можел само Центарот за социјална работа преку стручна методолошка работа и техники за проценка. Меѓутоа, наводите ги одбил како неосновани истакнувјќи во своето образложение дека правостепениот суд во повторната постапка во делот за доверување на детето, постапил согласно упатствата на Врховниот суд на РСМ и го сослушал малолетното дете кое во својата изјава, внесена на записник, јасно ја изразило својата желба и мислење. Ваквото постапување во целост е во согласност со чл.12 од Конвенцијата, а го имал во предвид и мислењето на стручниот тим дадено врз основа на стручно-методолошка работа преку примена на соодветни методи и техники.

Изнесеното образложение во целост ја аргументира оправданоста на донесената одлука во однос на доверувањето на малолетното дете кај таткото. Воспоставената состојба на вршење на родителските права и обврски во делот на доверување од страна на таткото, каде детето останало да живее во периодот додека траела постапката за развод, со пресудата и формално се потврдува. Истата е во согласност и со желбата на детето а според стручниот тим на надлежниот управен орган и во негов најдобар интерес.
Од изнесеното се заклучува дека одлуката ја демонстрира токму сензитивноста кон интересите на детето и тоа што е од првостепено значење, дека интересот на детето секогаш треба да е во прв план. Во предметниот спор, реализирана е содржината на одредбата од чл.12 од Конвенцијата, преку изјавата која детето непосредно ја дало пред првостепениот суд и во севкупност на доказите е одлучено во негов најдобар интерес.  Право за одржување контакти со мајката и понатаму е обезбедено, предвидено и во ЗС и во Конвенцијата.
Во утврдувањето на најдобриот интерес на детото важно е дека во спроведената постапката пред надлежниот управен орган, преку стручниот тим е утврдено дека детето продолжило да живее со таткото и дека има желба така да продолжи да живее а со мајката да остварува видувања. Притоа, најважно од се е дека му е овозможено на детето да го изнесе и своето мислење и желба непосредно пред судот, која со оглед на неговата возраст и зрелост имал можност слободно да ја изрази.
Во контекст на сите докази, заедно со изјавата на детето судот бил во можност да ја донесе одлуката за доверување на детето на тужителот на грижа, чување, воспитување и делумно издржување а спроведената постапка и образложение  во целост го прифатил Апелациониот суд  истовремено согласувајќи се со утврдената висина на издршка со која е задолжена мајката во висина на месечни износи од 3.000 денари, што е сразмерно на нејзините можности од редовните приходи кои ги има од работниот однос.

Интересот и правата на дететото при развод | Justice Observers