Етничко профилирање во случајот на Лингурар против Романија (4874/14), пресуда од 16.04.2019

Вовед

Расното [етничко] профилирање претставува специфична форма на расна дискриминација која е дефинирана како „користење од страна на полицијата, без објективно и разумно оправдување, на основи како што се раса, боја на кожа, јазици, религија, националност или национално или етничко потекло во активности за контрола, надзор или истрага“. Бидејќи во случајот Лингурар против Романија,  Европскиот суд за човекови права, за прв пат експлицитно го употреби терминот „етничко профилирање“, ние ќе го користиме овој термин кога ќе елаборираме за профилирање врз основа на стереотипизирање во кривични предмети. Несомнено е дека етничкото профилирање е стереотипизирање. Со други зборови, етничкото профилирање е чин на сомневање за криминална активност само врз основа на етничко потекло на сторителот.

 

Факти на случајот

Лингурар против Романија (Lingurar v. Romania), е случај во кој Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека има: повреда на член 3 (забрана за нечовечко или понижувачко постапување) од Европската конвенција за човекови права, и тоа за лошото постапување со семејството апликант за време на полициска рација, како и две повреди на член 14 (забрана за дискриминација) во врска со член 3 бидејќи рацијата била расна мотивирана и истрагата била неефикасна. Судот утврди дека немало оправдување за непропорционална употреба на сила за време на рацијата во домот на семејството на жалителот, а од употребата на сила апликантите се здобиле со повреди за кои била неопходна лекарска грижа. Апликантите биле невооружени и никогаш не биле обвинети за какво било насилно кривично дело, а четирите преставници од специјалната полициска единица кои упаднале во нивниот дом биле високо обучени за брза интервенција. Судот утврди и дека апликантите биле мета на рацијата затоа што властите ја перципирале ромската заедница генерално како криминална, водејќи се од неосновано предубедување дека штом се Роми сигурно се сторители на кривични дела (посебно во конкретниот случај рацијата имала за цел да ги фати сторителите на бесправна сеча на дрва, што според властите е типично кривично дело за Ромите). Овој став на националните власти преставува етничко профилирање и е дискриминаторски.
Апликантите, Арон Лингурар (1949), Ана Марија Лингурар (1994), Арон Лингурар (1985) и Елена Лингурар (1957), се романски државјани и живеат во Валчеле. Сите се Роми. Според семејството на жалителот, неколку полицајци и жандарми облечени во специјална облека за интервенција, им ја скршиле влезната врата за време на рацијата во раните утрински часови на 15 декември 2011 година, ги извлекле од креветот и ги претепале. Двајцата машки членови на семејството дополнително биле малтретирани во дворот, а потоа однесени на распит во локалната полициска станица. Истиот ден биле пуштени со парична казна за бесправно сечење дрва. Семејството по рацијата отишло во локалната болница за лекување, со болки во стомакот и на градите и модринки. Медицинските извештаи за тројца од пријавените укажуваат дека нивните повреди може да се предизвикани од удар со тврди предмети.

 

Поднесување жалби пред националните власти

 

Во 2012 година семејството поднело кривична пријава обвинувајќи ги извршните власти (полицијата) за насилство. Откако со првичната истрага се заклучило дека нема доволно докази за кривично гонење, националниот суд им наложил на органите на прогонот да спроведат дополнителна истрага, а особено да ги утврдат причина за телесните повреди на апликантите. Новата истрага заклучила дека машките апликанти најверојатно биле повредени кога полицијата морала да употреби сила за да ги имобилизира, додека повредите на женските апликантики може да се објаснат со „однесување специфично за Ромите“, имено истите биле познати по тоа дека сами си ја влечење и кубеле сопствената коса, сами си ударале шлаканици по нивните лица. Фразата „однесување специфично за Ромите“ претставува јасен стереотип и укажува на пристрасност. Ваквиот пристап сугерира дека припадниците на ромската популација, која е културно и јазично посебна група, се прикажани како питачи, криминалци, рекетари, одметници и мрзливи, кои се цел на маргинализација и социјална исклученост, како се мета на континуирани дискриминаторски и насилни практики на меѓучовечко, институционално и национално ниво. На крајот - сите Роми имаат проблематично однесување [дури и оние што немаат]. Владата тврдела дека употребата на сила била неопходна поради агресивното однесување на жалителите. Меѓутоа, никогаш претходно не била поведена никаква постапка против апликантите за какво било насилно кривично дело, а ниту во конкретниот настан се докажало дека тие биле насилни! Централниот дел на пресудата на Европскиот суд за човекови права укажува дека властите „автоматски ја поврзале етничката припадност со криминалното однесување“, што ја направило нивната постапка дискриминаторска.

Обвинителот, исто така, истакнал дека повеќето од жителите на Валчеле биле познати по тоа што го прекршиле законот и биле агресивни кон полицијата. Националните судски инстанци, ги отфрлиле жалбите на апликантите за одлуките на обвинителите во 2014 година. Тие ги сметале објаснувањата на обвинителите, за повредите на жалителите, за веродостојни и утврдиле дека полицајците не употребиле прекумерна сила. И органите на прогонот и судовите ги отфрлиле наводите на апликантите дека во нивната област, полицијата има систематска практика да ја напаѓа ромската заедница. „Ромофобијата“ е повеќе од очигледна во постапувањето на националните инстанци.
Сето ова укажува на недостаток на ефикасна истрага. Европскиот суд за човекови права забележал докази обезбедени од апликантите, кои покажуваат дека ромските заедници често биле соочени со институционализиран расизам и биле жртви на прекумерна употреба на сила од страна на органите за спроведување на законот во Романија. Самите апликанти се пожалиле на властите за такво системско насилство врз нив во текот на истрагата. Европскиот суд укажува и на тоа дека во таква ситуација, властите требало да направат се што е можно за да истражат дали дискриминацијата одиграла улога во рацијата. Но, во конкретниот случај и домашните власти и судовите ги отфрлиле наводите на апликантите за дискриминација без никаква длабинска анализа. Уште повеќе, обвинителството го прифатило оправдувањето на полицијата за употреба на сила врз основа на перцепцијата дека сите Роми се криминалци. Од сето ова резултира и дека има повреда на членот 14 во врска со членот 3 од ЕКЧП во врска со истрагата.

Преглед на Одлуката на Судот

 

По рацијата, апликантите биле оставени со повреди за кои била потребна медицинска нега, кое нешто преставува повреда на член 3 од ЕКЧП, односно преставува примена на тортура и нехумано и деградирачко однесување. Владата тврдела дека употребата на сила била неопходна поради агресивното однесување на апликантите. Меѓутоа, како што кажавме никогаш не била покрената постапка против апликантите за какво било насилно кривично дело, ниту пак ова се покажало како факт во конкретниот случај. Всушност, ништо не сугерира дека четворицата специјално обучени полицајци одговорни за рацијата во домот на апликантите биле нападнати од невооружените апликанти. Освен ова, не постојат докази, освен полициските изјави, за да се потврди хипотезата дека повредите на женските апликанти биле резултат на самоповредување. Според тоа, Судот не е убеден дека силата што ја користеле полицајците за време на рацијата, била пропорционална и оценил дека имало повреда на членот 3.

 

Расистички мотиви за полициската рација

 

Судот забележал дека, за да ја оправда рацијата, Владата доставила план за полициска интервенција кој бил изготвен пред 15 декември 2011 година. Планот јасно ставил до знаење дека рацијата била насочена кон етничките Роми поради нивното асоцијално однесување и високата стапка на криминал меѓу таа група. Слично на тоа, истражителите ја објасниле наводната агресивност на апликантите со нивните етнички особини или навики „специфични за Ромите“. На тој начин, апликантите биле мета затоа што биле Роми и затоа што властите ја сметале ромската заедница како криминална. Тоа покажало дека властите автоматски ја поврзале етничката припадност со криминалното однесување. Судот утврдил дека тоа претставувало етничко профилирање на апликантите и дека било дискриминаторски, односно преставува прекрашување на член 14 во врска со член 3 од ЕКЧП. Правична отштета која што Судот ја досудил е Романија треба да му плати на секој жалител 11.700 евра (ЕУР) за нематеријална штета и 2.251 евра за трошоци.

 


Заклучок

Етничкото профилирање стана загрижувачки тренд во неодамнешната практика во современите демократски општества изградени врз принципите на плурализам и почитување на различни култури. Има голем број случаи во кои властите користеле или применуваат расно профилирање при извршување на нивните секојдневните активности, но работа на националните судски инстанци е да ги осуди ваквите активности.
Такви случаи се на пример:
случај со семејство со африканско потекло кои биле единствените луѓе кои биле подложени на проверка на идентитетот во германски воз, но Вишиот управен суд на Рајнска област пресудил во корист на семејството, тврдејќи дека полициските проверки на идентитет врз основа на кожата на лицето бојата како критериум за избор за контрола не се дозволени. Ова беше случај и во Франција, вклучувајќи 13 лица кои се жалеа дека биле подложени на контрола на идентитетот од страна на полицијата поради нивниот физички изглед.
Во Шведска, Апелациониот суд во Свеа го разгледа барањето на неколку Роми во врска со нивното вклучување во регистарот на шведската полиција исклучиво врз основа на нивното етничко потекло. Судот побара од владата да докаже дека има друга валидна причина за вклучување на овие лица во регистарот. Бидејќи владата не можела да ги обезбеди бараните докази, судот заклучи дека етничката припадност на лицата е единствената причина за нивното вклучување во регистарот, што претставува прекршување на националното законодавство како и на член 14 (забрана за дискриминација) во врска со член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од ЕКЧП.
На крај само ќе нагласиме дека во надлежност на националните судови е да спречат таков дискриминаторски пристап и да спречат наводи засновани на стереотипи како „однесување типично за Ромите“ или слично. Доколку има некоја посебна потреба од различен третман, националните власти треба да докажат дека таквата разлика е оправдана.

            За повеќе вакви одлуки на Судот, кои се врзани за дискриминација и слични на етничкото профилирање видете ги и одлуките за Volodina v. Russia, O’Keeffe v. Ireland, Giuliani and Gaggio v. Italy, Gillan and Quinton v. UK, Sejdić and Finci v. Bosnia and Herzegovina, Timishev v. Russia, Basu v. Germany, Sabalić v. Croatia и др.





Етничко профилирање во случајот на Лингурар против Романија (4874/14), пресуда од 16.04.2019 | Justice Observers