Ефективна судска заштита за повеќе или погрешно уплатен данок

Заштитата на сопственоста е право загарантирано со Уставот на Република Северна Македонија но и со Европската конвенција за човековите слободи и права, посебно кога станува збор за интервенција на Државата во сопственоста на физичките и правните лица во Република Северна Македонија.

Сопственоста се гарантира преку употребата на ефективен правен лек во судска постапка согласно правото на правично судење.

Оваа анализа ја има во фокус Пресудата Рев2.бр.259/2019 на Врховниот суд на Република Северна Македонија донесена на 23.01.2020 година, со која Врховниот суд на РСМ зазема правен став во однос на поврат на повеќе или погрешно наплатен данок кога станува збор за стварна надлежност на редовните судови наспроти управните судови пред кои се води управен спор за даночно-управната постапка, застареноста за поврат на одземените парични средства и исплата на камата по основ на повеќе или погрешно наплатен данок.    

Факти на случајот

УЈП Регионална дирекција Скопје (во понатамошниот текст, УЈП РД Скопје) со Решение Стр.дов.бр.21-3/5 од 23.04.2007 година на тужителите им утврдила персонален данок на доход од 4.369.049,00 денари за секој од нив поединечно. Против Решение Стр.дов.бр.21-3/5 од 23.04.2007 година, тужителите поднеле приговор, кој УЈП РД Скопје со Решение бр.21-7300-3/6 од 28.05.2007 година го одбила. Против ова решение тужителите поднеле жалба до Министерот за финансии кој донел Решение У.бр.17-3287/1 од 01.11.2007 година со кое жалбата ја одбил како неоснована. Против второстепеното решение, тужителите поднеле тужаба за управен спор пред Управниот суд кој на 13.11.2008 година донел Пресуда У.бр.4596/2007 година со која тужбеното барање на тужителите го уважил и оспореното решение го поништил. По приемот на пресудата, Министерот за финансии донел ново Решение У. бр.17-3287/2 од 15.12.2008 година, со кое повторно ја одбил како неоснована жалбата на тужителите. Против второто решение на Министерот за финансии, тужителите повторно поднеле тужба за управен спор, по која Управниот суд на 20.10.2009 година донел Пресуда У. бр.295/09 со која тужбата на тужителите ја уважил и оспореното решение го поништил. Со оваа пресуда недвосмислено судот се изјаснил дека Министерот за финансии и УЈП РД Скопје постапиле спротивно на законите и неосновано ги задолжиле тужителите да платат персонален данок на доход.

Постапувајќи по Пресуда У. бр.295/09 од 20.10.2009 година, Министерот за финансии донел ново Решение У.бр.17-3287/3 од 02.03.2010 година, со кое ја уважил жалбата на тужителите и го поништил решението по приговор на УЈП РД Скопје и предметот го вратил на повторна постапка, која во повторената постапка донела Решение Стр.дов. бр.24-149/34/2 од 27.05.2013 година со кое делумно го усвоил приговорот тужителите поднесен против Решението Стр. дов. бр.21-3/5 од 23.04.2007 година и им утврдил персонален данок од 3.121.259,00 денари на секој поединечно по основ на непријавени и неоданочени приходи.

Тужителите против Решение Стр.дов. бр.24-149/34/2 од 27.05.2013 година поднеле жалба до Министерот за финансии, кој по истата донел Решение У.бр.15-1554/1 од 10.09.2013 година, со кое жалбата ја одбил како неоснована.

Тужителите против решението на Министерот за финансии поднеле нова тужба за управен спор, по која Управниот суд донел Пресуда У.бр.1343/2013 од 15.10.2015 година со која тужбата ја уважил и го преиначил оспореното решение на Министерот за финансии У.бр.15-1554/1 од 10.09.2013 година така што жалбата на тужителите изјавена против Решението Стр. дов. бр.24-149/34/2 од 27.05.2013 година на УЈП – РД Скопје, во делот за кој приговорот не е прифатен ја уважил, и Решението Стр. дов.бр.24-149/34/2 од 27.05.2013 година во делот за кој приговорот не е прифатен, го поништил и предметот го вратил на повторна постапка. Согласно насоките дадени од страна на Управниот суд во Пресуда У.бр.1343/2013 од 15.10.2015 година, УЈП РД Скопје донела Заклучок Стр.дов.бр.26-1586/4, со кој даночна постапка против тужителите, ја запрела.

Со запирањето на постапката престанал и основот на извршената уплата на персонален данок, која тужителите ја извршиле на 15.05.2007 година, а која по извршениот делумен поврат врз основа на Решението Стр.дов.бр.24-149/34/2 од 27.05.2013 година, останал износ од 3.121.259,00 денари за кој на 25.10.2017 година, тужителите до УЈП – РД Скопје, поднеле барање за поврат на овие средства но за истите не им биле извршен поврат.

Поради тоа, тужителите поднеле тужба за стекнување без основ согласно Законот за облигационите односи до Основниот суд Скопје II Скопје, кој донел Пресуда П4-143/18 од 13.06.2018 година, со која делумно го усвоил тужбеното барање и го задолжил тужениот да им плати на тужителите, на име стекнување без основ, на секој по 3.121.259,00 денари, со законска казнена камата сметано од 27.05.2013 година до исплатата. Тужбеното барање било делумно одбиено како неосновано во делот во кое тужителите барале да се задолжи тужениот да им плати законска затезна камата сметано од 15.05.2007 година до 31.01.2010 година, а од 01.02.2010 година до 26.05.2013 година законска казнена камата.

Тужителите и тужениот против Пресудата на Основниот суд Скопје II Скопје П4 143/18 од 13.06.2018 година поднеле жалба до Апелациониот суд Скопје кој по истите донел Пресуда ГЖ-4598/18 од 26.02.2019 година со која жалбата на тужениот ја одбил како неоснована а жалбата на тужителите делумно ја уважил и тоа во делот каде е задолжен тужениот да им плати на тужителите поради стекнување без основ на секој од тужителите износ од 3.121.259,00 денари ја потврдил додека Пресудата на Основниот суд Скопје II Скопје П4-143/18 од 13.06.2018 година ја преиначил пресудата на Основниот суд Скопје II Скопје во делот каде е задолжен тужениот да им плати на тужителите на досудениот износ законска казнена камата, задолжувајќи го тужениот да им плати на тужителите законска затезна камата сега сметано од 20.10.2009 година до 31.01.2010 година согласно Законот за висината на затезната камата, а од 01.02.2010 година до исплатата законска казнена камата.

Против Пресудата ГЖ-4598/18 од 26.02.2019 година на Апелациониот суд Скопје, тужениот УЈП има изјавено ревизија поради суштествени повреди на одредбите од Законот за парничната постапка и погрешна примена на материјалното право, со предлог ревизијата да се усвои, побиваната пресуда да се укине и предметот да се врати на повторно постапување и одлучување на второстепениот суд, или истата да се преиначи така што тужбеното барање на тужителите ќе се одбие како неосновано во целост и истите ќе се задолжат да му ги надоместат на тужениот трошоците сторени во текот на постапката. Врховниот суд на 23.01.2020 година донел Пресуда Рев2.бр.259/2019 со која ревизијата на ја одбила како неоснована.

Анализа на пресудата на Врховниот суд на РСМ

Врховниот суд на РСМ во образложението на Пресуда Рев2.бр.259/2019 од 23.01.2020 година навел дека е неоснован ревизискиот навод за немање на стварна надлежност во конкретниот предмет бидејќи не станува збор за граѓански-правен однос. Ова од причина што, според Врховниот суд пониските судови правилно прифатиле дека се работи за граѓанско-правен однос поради стекнување без правен основ по член 199 од Законот за облигационите односи повикувајќи се на судска пракса заснована на правен став изразен во Решението ГЗЗ.бр.98/88 од 07.10.1989 (Збирка на судски одлуки на Врховен суд на РМ бр.VIII/10).

Врховниот суд на РСМ во однос на ревизискиот навод за приговор за застарување на побарувањето на тужителите, навел дека е неоснован бидејќи во конкретниот случај од причина што тужителите решението со кое се задолжени да платат данок го обжалиле поради тоа што сметале дека е незаконско и веднаш по запирањето на даночната постапка на ден 29.09.2017 година укажувајќи на незаконитоста на донесеното решение побарале  враќање на паричните средства. Оттука Врховниот суд на РСМ истакнал дека застареноста може да започне да тече единствено од денот кога даночната постапка била запрена и кога тужителите се стекнале со правото да бараат враќање на паричните средства.

Врховниот суд на РСМ во образложение во однос на ревизорскиот навод за погрешна примена на материјалниот закон, дека во конкретниот случај не треба да се применува Законот за облигационите односи туку Законот за даночната постапка, навел дека со запирањето на постапката престанал и основот на извршената уплата на персонален данок, која тужителите ја извршиле на 15.05.2007 година, останал  износ по 3.121.259,00 денари за секој тужител поединечно на невратен повеќе наплатен данок, што е предмет на заштита на Законот за облигационите односи преку институтот стекнување без основ. 

На крајот, Врховниот суд на РСМ во образложение во однос на ревизискиот навод кој се однесува на одлуката за исплата на камата на паричните средства кои тужениот има обврска да им ги врати на тужителите поради тоа што ја запрел даночната постапка односно отпаднал правниот основ по кој тужениот ги примил наведените парични средства навел дека смета дека е неоснован. Ова од причина што, Врховниот суд на РСМ утврдил дека при одлучувањето во делот на тужбеното барање за исплата на камата, правилно пониските судови одлучиле дека при враќање на она што е стекнато без основа, мора да се вратат и плодовите, односно да се плати казнена камата и тоа ако е стекнувачот несовесен од денот на стекнувањето. Несовесноста на тужениот, Врховниот суд ја потенцира преку одлуките на пониските судови кои утврдиле дека тужениот станал несовесен. Првостепениот утврдил дека тужениот станал несовесен со донесување на Решението Стр.дов.бр.24-149/34/2 на 27.05.2013 година, од причина што, при донесувањето на ова решение тужениот не постапил согласно напатствијата на Пресудата У.бр.295/2009 од 20.10.2009 година на Управниот суд. Притоа, второстепениот суд одлучувајќи по жалбата на тужителите, ја преиначил првостепената пресуда во делот на одлуката за каматата, така што го задолжил тужениот на износите од по 3.121.259,00 денари да им плати на тужителите законска затезна камата сметано од 20.10.2009 година до 31.01.2010 година, а од 01.02.2010 година до исплатата законска казнена камата, бидејќи сметал дека тужениот бил несовесен од 20.10.2009 година кога Управниот суд ја донел Пресуда У. бр.295/09 со која го поништил Решението У. бр.17-3287/2 од 15.12.2008 година на Министерот за финансии.

Важност и влијание на одлуката

Со Пресуда Рев2.бр.259/2019 од 23.01.2020 година, Врховниот суд на РСМ на јасен и недвосмислен начин превенира незаконска интервенција во правото на сопственост кога станува збор за поврат на повеќе или погрешно наплатен данок. Имено, Врховниот суд на РСМ со своето правно стојалиште утврдува надлежност на граѓанските судови доколку даночните органи не извршат поврат на платен данок за кој е запрена даночната постапка односно кој е платен без правен основ. Притоа, со ова правно стојалиште јасно се утврдува и стварната надлежност на редовните (граѓански) судови токму кога ќе престане надлежноста на управните судови, со што не се превенира создавање на вакуум во обезбедување на ефикасен и ефективен правен лек за заштита на сопственоста во конкретниот случај.

Врховниот суд исто така се произнесува и по основ на моментот на течење на рокот на застареност бидејќи изразува стојалиште дека застарувањето на побарувањето започнува да тече кога ќе запре даночната постапка, при што се применуваат роковите од Законот за облигационите односи.

На крајот, Врховниот суд на РСМ се произнесува и за моментот од кога започнува да тече каматата која следи по основ на повеќе или погрешно наплатениот данок за кој била запрена постапка а не бил извршен поврат на уплатените парични средства. Имено, Врховниот суд на РСМ смета дека даночните органи стануваат несовесни од моментот кога нема да постапат по одлука на Управниот суд со која се поништува решението со кое се утврдува задолжение за плаќање на помалку или погрешно платен данок. Ова стојалиште е во иста линија со судската пракса на Европскиот суд за човековите права изразена во Пресудата EKO-ELDA AVEE против ГРЦИЈА (Апликација бр. 10162/02), параграф 29, ... „Во таков случај, Судот главно ќе има предвид дали властите платиле камата за задоцнето плаќање за да се неутрализира амортизацијата на износот што доспева заради изминатото време (види, меѓу другите власти, Акуш против Турција, 9 јули 1997, § 29, Извештаи за пресуди и одлуки 1997-IV). Накратко, според членот 1 од Протоколот бр. 1, плаќањето на камата е суштински поврзано со обврската на државата да ја надомести разликата помеѓу износот што го должи и износот што конечно го примил доверителот.“

Оттука, со оваа пресуда на Врховниот суд на РСМ се воведува пракса за која не треба да внимаваат само судовите туку и јавните  органи кои спроведуваат постапки со кои се врши наплата на парични средства од граѓаните или правните лица.
Ефективна судска заштита за повеќе или погрешно уплатен данок | Justice Observers