Дозволеност на ревизија во спорови за заштита на авторско право и за парични побарувања по тој основ

Анализа на судија Лидија Тасева на Решението на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев2 бр.154/2018 од 12.09.2019 година.

 

ФАКТИ И ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
Постапката е започната со тужба поднесена на ден 25.10.2012 година од тужителката Д. А. до надлежниот основен суд, против тужените М.Т. АД за електронски комуникации С. од С. и Друштво за филмска продукција и услуги В.В. ДООЕЛ од С., за повреда на авторски права и надомест на штета. На страна на првотужениот како замешувач учествувал и Друштво за маркетинг ММС К.М. ДОО С. Во рефератот на тужбата тужителката се повикува на одредбите од член 20, 21,26,65,161 и 170 од  Законот за авторското право и сродните права.
Конкретно, тужбеното барање било поставено на следниот начин:
Да се утврди дека тужените ги повредиле моралните и материјални права на тужителката на начин што вршеле радиодифузно и визуелно емитување во комерцијална намена на нејзиното авторско дело- аранжманот – обработка на композицијата Сите мои слики - за симфониски оркестар и да се задолжат тужените солидарно да и исплатат на име неовластено користење на нејзиното авторско дело сума која одговара на вообичаениот надомест за тој вид користење во износ од 92.250,00 денари зголемена за 20% или вкупно износ од 276.750,00 денари, со соодветна законска казнена камата, како и да се задолжат да ја објават изреката на пресудата во три дневни весници и три радиотелевизиски медиуми на сметка на тужените.
Основниот суд Скопје II Скопје со пресуда П1-59/17 од 16.06.2017 година, вака поставеното тужбено барање  на тужителката го одбил како неосновано.   
Првостепениот суд во својата пресуда подробно ги изложил своите аргументи за донесената одлука, оценувајќи ги утврдените факти и повикувајќи се на одредбите од  Законот за авторското право и сродните права, како и на Бернската Конвенција за заштита на книжевни и уметнички дела (која е  ратификувана со Законот за ратификација објавен во „Службен лист на СФРЈ“ бр.14 од 21 март 1975 година, превземен како републички пропис согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на РМ).
Апелациониот суд Скопје со пресуда ГЖ.бр.6187/17 од 07.12.2017 година, ја одбил како неоснована жалбата на тужителката и ја потврдил пресудата на Основниот суд Скопје II Скопје П1-59/17 од 16.06.2017 година.
Тужителката преку ангажираниот полномошник поднела ревизија против погоре наведената правосилна пресуда, а поради суштествена повреда на одредбите од парничната постапка и погрешна примена на материјалното право, со предлог ревизијата да се усвои, побиваната пресуда и првостепената пресуда да се укинат и предметот да се врати на повторно одлучување пред првостепениот суд или истите да се преиначат на начин што тужбеното барање на тужителката да се усвои во целост.
Постапувајќи по поднесената ревизија, Врховниот суд на Република Северна Македонија, на ден 12.09.2019 година донел решение со кое ревизијата на тужителката е отфрлена како недозволена  ratione valoris.

РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ЗАКОНОДАВСТВО
Закон за парничната постапка – ЗПП („Службен весник на РМ бр.79/2005,110/2008, 83/2009,116/2010 и бр.124/2015)
Член 2
Во парничната постапка судот одлучува во границите на барањата што се ставени во постапката.
Член 28
Кога за утврдување на составот на судот, правото на изјавување ревизија и во други случаи предвидени во овој закон е меродавна вредноста на предметот на спорот, како вредност на предметот на спорот се зема предвид само вредноста на главното барање.
Каматите, парничните трошоци, договорната казна и другите споредни барања не се земаат предвид, ако не го сочинуваат главното барање.
Член 372 :
(1) Против правосилна пресуда донесена во втор степен странките можат да изјават ревизија во рок од 30 дена од денот на доставувањето на препис од пресудата.
(2) Странките можат да изјават ревизија против второстепена пресуда, ако вредноста на предметот на спорот на побиваниот дел на пресудата надминива 1.000.000 денари.
(3) По исклучок од ставот (2) на овој член, без оглед на вредноста на спорот, ревизијата секогаш е дозволена:
1) во спорови за издршка;
2) во спорови за надоместок на штета за загубена издршка поради смрт на давателот на издршката;
3) во спорови од работните односи по повод престанок на работен однос;
4) во спорови за заштита на авторско право освен за паричните побарувања по тој основ;
5) во спорови што се однесуваат на заштита и употреба на пронајдоци и технички унапредувања, мостри, модели и жигови и на правото на употреба на фирма или назив, како и во спорови од нелојален натпревар и монополистички однесувања освен за паричните побарувања по тие основи и
6)во спорови во кои во постапка по жалба второстепениот суд ја преиначил првостепената пресуда.
Член 377 став 3
Ревизискиот суд ја испитува побиваната пресуда само во оној дел во кој таа се побива со ревизијата и во границите на причините кои се точно наведени во ревизијата.
Член 383 став 1 
Ненавремената, нецелосната, необразложената или недозволената ревизија ќе ја отфрли судијата известител на ревизискиот суд со решение ако тоа не го сторил во границите на своето овластување првостепениот суд.
Член 380
Ненавремена, нецелосна и недозволена ревизија или ревизија во која не се наведени и образложени причините за нејзиното поднесување, ќе ја отфрли со решение судијата поединец, односно претседателот на советот на првостепениот суд, без одржување на рочиште.
Ревизијата е недозволена ако ја изјавило лице кое не е овластено за поднесување ревизија, или лице кое се откажало од ревизија, или ако лицето кое изјавило ревизија нема правен интерес за поднесување ревизија или ако ревизија е изјавена против пресуда против која според закон не може да се поднесе.
Закон за авторското право и сродните права („Службен весник на РМ“ бр.115/10,51/11, 147/13,154/15 и 27/16)
Член 20
Авторското право е единствено право и е неразделно од авторското дело.
Авторското право содржи исклучиви морални права, исклучиви материјални права и други права, определени со овој закон.
Морални права
Член 21
Моралните права го штитат авторот по однос на неговата лична и духовна (интелектуална) врска со делото.
Авторот ги има следниве исклучиви морални права:
1)право на признавање на авторството;
2) право на прво објавување;
3) право на заштита на интегритетот на делото и
4)право на откажување.
Материјални права
Член 26
Материјалните права ги штитат имотните интереси на авторот од неговото авторско дело.
Авторот има исклучиво право да дозволи или забрани користење на неговото дело, или негови примероци од други лица, освен во случаи определени со овој закон.
Видови материјални права
Член 27
Авторот при користењето на авторското дело, или неговите примероци ги има следниве исклучиви материјални права: 1)право на умножување на делото; 2) право на пуштање во промет на делото; 3) право на јавно соопштување на делото и 4) право на преработување на делото.
Заштита на авторското право и сродните права
Член 159
(1) Авторското право и сродните права уживаат кривична, граѓанска и прекршочна заштита.
(2) Кривичната заштита на авторското право и сродните права се остварува според одредбите на Кривичниот законик и прописите за кривична постапка
(3) Граѓанската заштита на авторското право и сродните права се остварува според прописите за парничната постапка, за обезбедување побарувања, за облигационите односи и овој закон.
(4) Прекршочната заштита на авторското право и сродните права се остварува според прописите за прекршоци и овој закон.
(5) Заштитата на авторското право и сродните права ја вклучува и заштитата на технолошките мерки од повреда на правата.
(6) На постапките по барање за времени мерки, определени со овој закон, при увоз, извоз или повторен извоз авторско дело, предмет на сродно право или нивни примерок, се применуваат прописите за царински мерки за заштита на правата од интелектуалната сопственост.
Лице овластено за заштита
Член 160
Лицe чиe правo определенo со овој закон е повреденo, кога постои оправдано сомневање дека ќе му биде повредено правото и кога се заканува вистинска закана од повреда на правата, доколку со овој закон поинаку не е определено, има право да поднесе барање за: 1) заштита на правото и 2) времени и други мерки, доколку со овој закон поинаку не е определено.
Како лице, во смисла на ставот (1) на овој член, покрај авторот, се смета и носителот на право, лице овластено да го користи правото и организација (носители на право).
Постапката по тужбените барања од ставот (1) на овој член е итна.
Постапување по барањето за заштитана правата
Член 166
Правото на заштита од членот 160 став (1) точка 1 на овој закон ги содржи следниве барања за:
престанок на дејствието на повреда;
надоместок на материјална штета;
надоместок на нематеријална штета;
зголемен надоместок;
означување на авторот;
враќање на користите стекнати од недозволеното користење;
отстранување од промет на предметите од повредата на правото и
објавување судската пресуда.
Европска конвенција за заштита на човековите права
член 6
Секој има право правично и јавно, во разумен рок, пред независен и непристрасен со закон воспостевен суд да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски или основаноста на какви било кривични обвиненијапротив него.
Оценка на ВСРСМ
Врховниот суд на Република Македонија наоѓа дека во конкретниот случај не може да најде примена одредбата од член 372 став 3 точка 4 од Законот за парничната постапка („Службен весник на РМ“ бр.79/05, бр.110/08,бр.116/10), бидејќи оценил дека не станува збор за заштита на авторско право, за кој во смисла на наведената одредба ревизија во секој случај е дозволена без оглед на вредноста на предметот на спорот, туку за парично побарување по основ на авторско право во кој случај за дозволеноста на ревизија се применуваат правилата за вредносен критериум.
ЗНАЧЕЊЕ НА ОДЛУКАТА (РЕШЕНИЕТО) НА ВСРСМ
Навидум, во случајов станува збор за одлука со релативно минорно значење, ако се има предвид единствено висината на надоместокот кој се побарува со тужбата, а што бил всушност одлучувачка причина заради која е донесено решението на Врховниот суд на Република Северна Македонија. Имено, од содржината на истото произлегува дека ВСРСМ прифатил дека тужителката во судската постапка истакнала единствено парично побарување  изразено како барање за надомест на нематеријална и материјална штета, поради што, имајќи го предвид цензусот за дозволеност на ревизија, одлучил истата да ја отфрли како недозволена. Тоа остава впечаток како да е пренебрегнат фактот дека правниот основ на тужбата е повреда на авторски права и надомест на штета. Несомнено е дека во однос на барањето за надомест на штета, имајќи ја предвид висината на бараниот паричен износ, а во смисла на погоре цитираните одредби од Законот за парничната постапка, поднесената ревизија во тој дел е недозволена  ratione valoris.
Од друга страна пак, точно е дека судот не е врзан за правниот основ на тужбеното барање (член 176 став 3 од ЗПП). Меѓутоа судот е врзан за фактичкиот супстрат. Фактичката основа на тужбата е од пресудно значење за индивидуализација на тужбеното барање. Во конкретниот случај тужителката барала да се утврди дека тужените ги повредиле нејзините морални и материјални права на начин што вршеле радиодифузно и визуелно емитување во комерцијална намена на нејзиното авторско дело аранжманот - обврската на композицијата - Сите мои слики – за симфониски оркестар, како посебно барање, како и барање од тој фактички супстрат да се задолжат тужените солидарно да и исплатат на име неовластено користење на нејзиното авторско дело, сума која одговара на вообичаениот надомест за тој вид користење износ од вкупно 276.750,00 денари, со соодветна законска казнена камата (парично побарување), и воедно да се задолжат да ја објават изреката на пресудата во три дневни весници и три радиотелевизиски медиуми на сметка на тужените, што секако е непарично побарување. Првостепениот суд со донесената пресуда во целост го одбил како неосновано тужбеното барање, а второстепениот суд ја потврдил таквата пресуда. Меѓутоа и двата суда од пониска инстанца го разгледувале и одлучувале по тужбеното барање целосно како што истото било поставено.
Наспроти претходното, донесеното решение на ВСРСМ остава впечаток дека во случајов станува збор исклучиво за барање на надомест на штета (парично побарување) како последица од повреда на авторски права, односно дека утврдувањето на повредата е претпоставка (односно претходно прашање) за остварување на надоместот на штета како главно и единствено тужбено барање. Оттука, со оглед на фактот дека и во тој дел тужбеното барање (за повреда на авторските права) било одбиено како неосновано, ВСРСМ заклучил дека ревизијата е недозволена. Ова би било сосема прифатливо доколку петитумот бил поставен како барање за надомест на штета, а во таа насока и одлуките на судовите од прв и втор степен. При состојба кога првостепениот и второстепениот суд одлучувале и за повредата на авторското право на тужителката, а со ревизијата се побива целосно правосилната пресуда, се поставува прашањето за дозволеноста односно недозволеноста на ревизијата во целост, особено кога се има предвид токму одредбата од членот 372 став 3 точка 4 од ЗПП на која се повикува и ВСРСМ според која ревизијата секогаш е дозволена во спорови за заштита на авторското право освен за паричните побарувања по тој основ. Впрочем, според изреката на првостепената пресуда, тужителката истакнала барање тужените да се задолжат да ја објават изреката на пресудата во три дневни весници и три радиотелевизиски медиуми на сметка на тужените, кое право е предвидено во членот 166 т.8 од Законот за авторското право и сродните права, а разработено во членот 174 од истиот закон.
ЗАКЛУЧОК
Во случајов, не може да се шпекулира за исходот од постапката пред ВСРСМ по поставеното тужбено барање и во делот за заштита на авторското право на тужителката, имајќи ја предвид анализираната одлука со која ревизијата е отфрлена како недозволена. Меѓутоа, несомнено е дека е потребна поголема претпазливост и внимание при одлучувањето, особено во оние спорови кои законодавецот ги посочил во членот 372 став 3 од ЗПП, секако со одредена причина.  Ова дотолку повеќе што авторското право е симбол и заштитник на човековата креативност и интелект и како такво е загарантирано и со Уставот на РСМ (член 47). Впрочем Врховниот суд  во своја одлука која се однесува за повреда на право од индустриска сопственост и надомест на штета, по однос на барањето за надомест на штета поради вредноста на паричното побарување во побиваниот дел, ја отфрлил ревизијата како недозволена, согласно одредбата од член 372 став 3 точка 5 од Законот за парничната постапка, но во останатиот побиван дел одлучувал по поднесената ревизија (Рев1.бр.60/2018 од 15.11.2018 година).
Повреденото право и/или  слобода предизвикува нарушување на личниот интегритет на засегнатото лице, па неговото обраќање до судот мора да се сфати како израз на доверба во институциите од кои се очекува правичен и легитимен исход. Таквата доверба мора да се почитува и не смее да биде изневерена со различни судски одлуки донесени при исти или слични факти на кои се заснова барањето. Тоа очекувано создава сомнеж во еднаквиот пристап при заштитата на повреденото право, а евентуално и до повреда на членот 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права за пристап до суд.
Досегашното искуство во постапките пред Европскиот суд за човекови права задолжително мора да биде предупредување за отстранување на недоследностите и поттик за напредок.
1. Демерџиева и други против РМ - апликација бр.19315/06,  Пресуда од 10 јуни 2010
„....правилата кои одредуваат рокови за вложување на жалби не треба да бидат применувани на начин кој им оневозможува на страните да користат достапен лек. Ова прашање е во доменот на правната сигурност. Проблемот во односниот случај е дека процесното правило било применето на таков начин со што спречило мериторно испитување на жалбата на жалителите, со ризикот дека нивното право на ефикасна заштита од страна на судот би било повредено (види, помеѓу останатото,Zvolský and Zvolská v. the Czech Republic, бр. 46129/99, § 51, ECHR 2002-IX). Оттука, има повреда на правото на пристап до суд на жалителите, во смисла на членот 6 став 1 од Конвенцијата....“
2.Балажовски против РМ (Жалба бр. 45117/08) Пресуда од 25 април 2013)
„..правото на фер судење мора да биде протолкувано во светло на Преамбулата на Конвенцијата која го декларира владеењето на правото како дел од заедничкото наследство на Земјите Договорнички. Еден од фундаменталните аспекти на владеењето на правото е принципот на правна сигурност (види Brumărescu v. Romania [GC], бр. 28342/95, параграф 61, ECHR 1999-VII)...Судот смета дека контрадикторните пресуди донесени од Врховниот суд во истиот случај во однос на неговата надлежност ratione valoris се некомпатибилни со принципот на правна сигурност. Со донесувањето на различна одлука за исто прашање во иста постапка и така ефективно укинувајќи ги своите претходно донесени одлуки, без било какво повикување на нив или образложение за спротивното, Врховниот суд во овој случај самиот станал извор на несигурност. На овој начин тој го повредил принципот на правна сигурност, инхерентен на членот 6 параграф 1 од Конвенцијата (ibid, параграф 45)...
Судот меѓутоа смета дека, во основа, најсоодвениот начин на надоместок би бил да се обезбеди жалителот, доколку тој бара, да му биде дозволено повторување на постапката согласно членот 400 од Законот за граѓанската постапка од 2005 година (види параграф 22 погоре) придржувајќи се до сите барања за фер судење...“

Правото на пристап до суд не смее да постои декларативно или напишано во законот, туку мора да биде и практично остварливо и ефективно.

Извор: www.sud.mk

Дозволеност на ревизија во спорови за заштита на авторско право и за парични побарувања по тој основ | Justice Observers