Дистинкција по однос на прашањата кои произлегуваат од правните односи

ВОВЕД:

Анализата на решението ГЖ бр. 1158/17 на Апелациониот Суд Штип, ќе покаже и ќе направи јасна дестинкција по однос на прашањата кои произлегуваат од правните односи помеѓу граѓаните, како и помеѓу граѓаните и државата и тие правни односи ќе ги  детерминира преку институтите за нивна заштита, како правни прашања  во надлежност на судовите, што ќе рече  редовна судска надлежност и надлежност на управните органи, што би се рекло однос држава- управен орган, в.в граѓанинот и заштитата на правата кои произлегуваат од тој и таков однос, пред управните органи и упаравните судови.

ФАКТИ КОИ ПРОИЗЛЕГУВААТ И СЕ ОД ВАЖНОСТ ЗА РЕШАВАЊЕ НА ПРАВНОТО ПРАШАЊЕ

Со решението ГЖ. Бр. 1158/17 Апелациониот суд Штип, решениeто на Основниот суд Штип П1 бр. 54/16 од 21.08.2017 година , го укинал и предметот го вратил на првостепениот суд на повторно судење.
Тужбенето барање по кое одлучувал Основниот суд Штип гласело:
„ Да се утврди дека тужителката, према тужениот врз основа на одлука на државен орган- решение за доделување на градежно земјиште на користење со непосредна спогордба бр. 16-623/1 од 12/06.1997 година на Република Македонија – Министерство за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина и по основ на градба има право на утврдување право на правен статус на бесправен изграден објект- индивидуална станбена зграда А1 на , со површина од 452 м2 на КП........, евидентирана во сопственсот на РМ во Имотен листа  бр. ....... за КО Штип 2 „,
Како и:
 „ Да се задолжи тужениот да и го признае ова право на тужителката и да трпи упис на правото на барател, во постапката за утврдување на правен статус на бесправен објект, која постапка се води пред општина Штип- Одделние за урбанизам, станбени работи и заштита на животната средина. „ , и
„ Да се утврди дека тужителката према тужениот врз основа на одлука на државен орган- решение за доделување на градежно земјиште на користење со непосредна спогордба бр. 16-623/1 од 12/06.1997 година на Република Македонија – Министерство за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина, по основ на имот стекнат во брак, по основ на придонес на имот стекнат во брак и по основ на градба има посилно право на утврдување на правен статус   на бесправен објект....„
По  вака поставенеото тужбено барање, Основниот суд Штип со решението П1 бр. 54/16 од 21.08.2017 година , се огласил за стварно ненадлежен. При тоа судот образложил, „дека  само управниот орган може да донесе одлука дали некој може да биде барател или не, секој можел да поднесе барање за утврдување право на бесправно изграден објект, но како и на кој начин  подносителот се стекнал со истиот е право кое се утврдува во судска постапка пред надлежен суд и во ниту еден случај не може со пресуда да одлучи дали некој може да биде барател во управна постапка, бидејки тоа е во надлежност на самиот управен орган, кој одлучува дали некој може да има активна легитимација или не.„ Судот имал на увид дека со Заклучок на Управниот орган УП 1.бр. 117/11-7394 од 16.09.2016 година постапката по предметот за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект, поведена од тужителката ја прекинал и ја упатил заради решавање на претходно прашање да покрене парнична постапка пред надлежен суд за утврдување на правен статус на бесправен објект, наоѓајки дека такво барање има поднесено и тужениот .
Апелациониот суд  Штип своето решение ГЖ бр. 1158/17 од 20.10.2017 година, го темели на член на член 314 став 2 т.14 од Законот за парнична постапка, наоѓајки дека првостепениот суд сторил суштетсвена повреда на одредбите на Законот за парнична постапка ,со тоа што нападнатото решение е нејасно и нема доволно причини за решителните факти и постои противречност помеѓу изреката на решението и причините за одлуката, со напставија при повторното судење, судот да ја примени одредбата од член 177 од Законот за парнична постапка.

АНАЛИЗА НА ОДЛУЧУВАЊЕТО
 Во правната работа за признавање правен статус на бесправно изграден објект на државно земјиште, странките во спорот се поранешни брачни другари, кои во брак го изградиле нелегелниот објект на кој полагаат поединечни права. Тужителката, правен основ за покренувањена тужба пред редовен суд нашла во Заклучокот на Управниот орган УП 1.бр. 117/11-7394 од 16.09.2016 година, донесен во постапката по предметот за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект, која таа ја повела, а со наведениот Заклучок е прекината и барателката на правото е упатена заради решавање на претходно прашање да покрене парнична постапка пред надлежен суд. Ова имајки во вид дека било утврдено дека и тужениот има поднесено исто такво барање.
Во случајот не смее да биде спорно дека Управниот орган, правилно постапил кога утврдил дека за  мериторно решавање на правата на барателите по однос на поединечните права на кои претендираат во постапката за признавање правен статус на бесправно изграден објект е потребно  решавање  на претходно прашање.  
Во тој контекс, тужителката и го темелела тужбеното барање кое пред првостепениот суд завршило на начин што судот се огласил за ненадлежен за решавање.
Имајки го во вид поставеното  тужбено барање, не е јасно од каде судот нашол дека само управниот орган е тој кој може да даде отценка за тоа кој е  активно легитимиран да поднесе барање за признавање  правен статус на бесправно изграден објект, кога од утврдените факти се гледа дека   се работи за  обејкт на кој барателите , тужителката и тужениот, секој за себе има поднесено барање за признавање правен статус на бесправно изграден објект, а со заклучок на управниот орган со кој се прекинува постапката се бара решавање на претходно прашање дефинирано  како  утврдување правен статус на бесправно изградениот објект, од аспект на појакото право на кое полагаат странките во поединечно истакнатите барање.  
Имајки ја во вид одредбата на член 177 од Законот за парничната постапка, не е спорно дека  тужителот може со тужба да бара судот да утврди , постоење, односно непостоење на некое право или правен однос или вистинитост, односно невистинитост на некоја исправа.
Оттука во контекст на фактите дека во случајот се работи за бесправно изграден објект – индивудална станбена куќа, изградена  на државно земјиште, градена во брак на претендентите кои по основа на градба се подносители на поединечни барања,   за признавање  правен сататус на бесправно изграден обејкт, го легитимира судот во  судска постапка, согласно Законот за парнична постапка да навлезе во  законито решавање на претодното прашање, како тоа е поставено во тужбеното барање и со судска одлука го реши правното прашање.
ПРАВО:
Закон за парнична постапка; ( член 177)
Закон за Судови; ( член 8 став 1, Судот се повикува на судска ненадлежност само кога со закон изрично е предвидена надлежност за решавање на конкретно барање на друг државен орган)
Закон за постапување со бесправно изградени обејкти ( Сл. Весник на РМ бр. 23/11 и 54/11),
.....член 3... Под утврдување правен статус на бесправен објект се подразбира запишување на бесправниот објект во јавна книга за запишување на правата на недвижности и вклопување на истиот во урбанистичко планска докумнетација, на начин и во постапка определени во овј закон;
.....член 4 став 1 од законот, Постапката за утврдување правен статус на бесправен објект ја спроведува органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и единиците за локална самоуправа;
......член 10 став 3 од законот, Во  случај на поднесени повеќе спротивставени барања за утврдување правен статус на еден бесправен објект, од страна на повеќе баратели, надлежниот орган во рок од 10 работни дена од приемот на барањето донесува ЗАКЛУЧОК за прекин на постапката, а ги упатува барателите на парнична постапка пред надлежен суд.
Закон за Општа управна постапка;
Закон за упавните спорови.

ЗАКЛУЧНО СОГЛЕДУВАЊЕ
Во случајот, се решава правно прашање за кое во правниот промет постои Заклучок на Управниот орган УП 1.бр. 117/11-7394 од 16.09.2016 година, надлежен да спроведе постапката  за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект, поведена од тужителката- барателка, но и од тужениот- исто така барател за еден  ист бесправен објект.
Со заклучокот, органот ја прекинал управната постапка заради решавање на претходно прашање и ја упатил барателката да покрене парнична постапка пред надлежен суд за утврдување на правен статус на бесправен објект, наоѓајки дека такво барање има поднесено и тужениот .
Така издиференцираното  претходно правно прашање  во управна постапка има своја етимологија во меѓусебните односи на странките, кои како  баратели секоја за себе повел постапка за признавање статус на  еден ист бесправно изграден објект.
Имено, странките повикувајки се по основ на градба, претендираат на утврдување на поединечно право или на појако право на  еден  ист бесправен објект,  при што само посебе навлегуваат во граѓанско правен однос на докажување на поединечно или појако право по основ на градба, кое отткако ќе го докажат пред надлежен суд, ќе ги легитимира во управната постапка, по чии правила се утврдува, односно признава  правниот статус на бесправно изградениот објект. 
Така, при постоење на  Заклучок на Органот на државната управа УП 1.бр. 117/11-7394 од 16.09.2016 година, надлежен согласно член 4 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти, донесен согласно член 10 став 3 од истиот закон...
Согласно член 8 став 1 од Законот за судови, за решавање на правното прашање помеѓу странките, поставено како претходно прашање во постапката по поднесените барања за утврдување правен статус на бесправен објект, ПОСТОИ СУДСКА НАДЛЕЖНОСТ и го легитимира Основниот суд Штип, како стварно и  месно надлежен суд да го реши граѓанско правниот однос на странките, постапувајки во случајот по тужба од тужителката, а во рамките на поставеното тужбено барање.

Николчо Николовски, Судија на Врховниот суд на Република Македонија, во пензија.

Дистинкција по однос на прашањата кои произлегуваат од правните односи | Justice Observers