Судството, човековите права и уставниот суд за време на вонредна состојба: научени лекции и идни предизвици

Вовед во проблемот

На 11 март 2020 година, Светската здравствена организација прогласи глобална пандемија предизвикана од вирусот КОВИД-19. Оваа пандемија, која предизвика здравствена, економска и социјална криза од светски размери, ја затекна Република Северна Македонија (РСМ) во многу специфични околности. Имено, во тој период, како резултат на распишаните предвремени парламентарни избори, РСМ функционираше во услови на распуштено Собрание и техничка Влада. Дополнително усложнување на оваа специфична ситуација предизвика и отсуството на посебен закон кој ја уредува вонредната состојба.

На 18 март 2020 година, во услови на распуштено Собрание и отсуство на посебен закон кој ја уредува вонредната состојба, претседателот на Републиката, во согласност со член 125 од Уставот на РСМ, за прв пат во историјата на РСМ, прогласи вонредна состојба, која, со еден прекин од два дена, континуирано траеше до 23 јуни 2020 година, односно вкупно 95 дена. Одлуката за прогласување на вонредна состојба воспостави основ за активирање на член 126 од Уставот на РСМ, според кој, при постоење на вонредна состојба, Владата, во согласност со Уставот и со закон, донесува уредби со законска сила, како и на член 10 од Законот за Владата на РСМ, според кој, доколку за време на вонредна состојба не постои можност за свикување на Собранието, Владата донесува уредби со законска сила по прашањата од надлежност на Собранието. Во оваа смисла, за време на траењето на вонредната состојба, Владата на РСМ донесе вкупно 250 уредби со законска сила.

Целокупната сложена ситуација придонесе за време на вонредната состојба да произлезат бројни предизвици, чие решавање истовремено претставуваше и своевиден тест за демократскиот, правниот и политичкиот капацитет на државата, и генерално, за капацитетот за справување со кризи. Така, меѓу другото, вонредната состојба и целокупната здравствена криза, воопшто, неизбежно имаа влијание и врз функционирањето на правосудниот систем, односно врз работата и постапувањето на судството и остварувањето на судската заштита, имајќи го предвид, пред сè, правото на пристап до правда, односно правото на пристап до суд, како основно човеково право, кое им овозможува на граѓаните да ги реализираат нивните  права. Имено, и покрај сите вложени напори, недостатокот на јасни и прецизни правила за работата на судовите во време на вонредна состојба значително го отежна обезбедувањето на правото на еднаков и ефикасен пристап до правда и судска заштита, како и целокупното функционирање на судовите, воопшто.

Исто така, во ситуација на распуштено Собрание и неможност за парламентарлна контрола над почитувањето на владеењето на правото, човековите права и демократските вредности од страна на релевантни органи, во смисла, пред сè, на уставноста и законитоста на донесените уредби со законска сила, со кои се ограничува определен корпус на човекови права и слободи заради заштита јавното здравје на граѓаните, уште повеќе дојде до израз важноста на Уставниот суд на РСМ, како единствен домашен контролор во оваа смисла. Имено, според неговата уставна положба, уставно-судската практика претставува водилка при преземање на чекори за обезбедување на владеењето на правото и заштита на човековите права и слободи. Во оваа смисла, Уставниот суд разгледуваше низа иницијативи за оценување на уставноста и законитоста на уредбите со законска сила, при што уште повеќе се истакна важноста од постоење на доволно јасна и конзистентна уставно-судска практика.

 

Анализа на контекстот и идентификување на проблемот

Правото на еднаков пристап до правда претставува една од клучните компоненти на принципот на владеење на правото. Во меѓународното право, нормите за пристап до правда на поединците им обезбедуваат права во рамките на режимите за човекови права. Така, според меѓународното и европското право за човекови права, правото на  пристап до правда ги обврзува државите на секој поединец да му гарантираат право на пристап до суд, со цел да ги заштити своите права во случај кога тие се повредени. Во определени околности, правото на пристап до правда вклучува и обврска на државите на поединците да им гарантираат право на пристап до тело за алтернативно решавање на спорови, во случај на прекршување на нивните права. Имено, правото на пристап до правда претставува право кое им овозможува на поединците да ги реализираат своите права.

Пристапот до правда главно опфаќа две основни човекови права: правото на правично судење (член 14 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, член 6 од Европската конвенција за човекови права, член 47 од Повелбата за основни права на ЕУ) и правото на ефективен правен лек (член 2 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, член 13 од Европската конвенција за човекови права, член 47 од Повелбата за основни права на ЕУ). Притоа, треба да се забележи дека правото на правично судење и правото на ефективен правен лек не се апсолутни права и во оваа смисла, под одредени околности, тие може да се ограничат за сметка на други основни човекови права, со цел да се реализира определена легитимна цел, како што е заштитата на јавното здравје и апсолутното право на живот. Секако, во ваква ситуација нужно е да се постигне баланс, односно соодветна и разумна приоритизација на правата кои во дадени околности се во меѓусебен судир, во согласност со принципите на едно демократско општество. Исто така, треба да се има предвид дека ограничувањето не смее да биде дискриминаторско по било кој основ.

Иако различни системи го регулираат спроведувањето на Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, Европската конвенција за човекови права и Повелбата за основни права на ЕУ, заеднички принцип за сите е дека правата на правично судење и ефективен правен лек првенствено треба да се спроведуваат на национално ниво. Следствено, државите имаат обврска да го гарантираат правото на пристап до правда како основно човеково право. Притоа, ова право ѝ наложува на државата како негативни, така и позитивни обврски. Имено, ова право не само што бара државата да се воздржи од наштетување на поединецот во оваа смисла, туку истовремено бара државата да преземе позитивни активности во насока да му овозможи на поединецот ефективно уживање на ова право. Ова значи дека државата не само што треба да има функционален судски систем, туку, исто така, истиот треба да биде достапен de facto.

На национално ниво, правото на пристап од правда е втемелено во рамки на повеќе уставни и законски одредби. Така, член 9 од Уставот на РСМ утврдува дека граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, како и дека се еднакви пред Уставот и законите. Според член 50 од Уставот на РСМ, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на РМ во постапка заснована врз начелата на приорите и итност, при што се гарантира и судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања. Дополнително, во член 15 од Уставот на РСМ, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Притоа, правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Според член 5 од Законот за судови,  судовите ги штитат слободите и правата на човекот и граѓанинот и правата на другите правни субјекти доколку тоа според Уставот не е во надлежност на Уставниот суд на РСМ. Овој член исто така предвидува и дека на граѓаните и другите правни субјекти им се гарантира судска заштита во однос на законитоста на поединечните акти на органите на државната управа или организации и други органи што вршат јавни овластувања. Членот 6 од Законот за судови гарантира дека секој има право на еднаков пристап пред судот во заштитата на неговите права и правно заснованите интереси. Начелата врз кои се заснова постапката пред судот се утврдени во член 10 од Законот за судови. Тие се: законитост и легитимност, рамноправност на странките, судење во разумен рок, правичност, јавност и транспарентност, контрадикторност, двостепеност, зборност, усност, непосредност, право на одбрана, односно застапување, слободна оцена на доказите и економичност. Притоа, во истиот член се предвидува дека со законите за одделните постапки поблиску се уредуваат начелата на постапките, начините на нивното остварување, како и можното отстапување кај одделни начела.

На 17 март 2020 година, непосредно пред прогласувањето на вонредната состојба на 18 март 2020 година од страна на претседателот на Републиката, Судскиот совет на РСМ донесе Одлука за постапување на судовите во РСМ во услови на зголемена опасност од вирусот КОВИД-19. Со оваа Одлука се дадоа насоки за менаџирање со судските предмети, односно одредување на итни и приоритетни предмети за постапување, и за обезбедување на мерки на претпазливост за заштита во судовите, односно контрола на влегувањето во судот, мерки за дезинфекција и слично. Оваа Одлука на Судскиот совет беше два пати изменета и дополнета во текот на вонредната состојба: на 7 мај 2020 година, кога во рамки на итните и приоритетните предмети по кои судовите постапуваат беше вклучено и семејното насилство, и на 29 мај 2020 година, кога беше утврдено дека судовите ќе продолжат да постапуваат по предметите кои не се итни, согласно релевантните мерки, одлуки и протоколи за спречување на ширење на вирусот КОВИД-19.

Исто така, во контекст на функционирањето на судовите за време на вонредната состојба, на 30 март 2020 година, од страна на Владата беше донесена Уредба со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредната состојба и постапувањето на судовите и јавните обвинителство, со која се запре течењето на законските и преклузивните рокови во врска со процесните дејствија во парничната, вонпарничната, кривичната постапка, управнот спор, и тоа од денот на стапување во сила на оваа уредба, па сè до завршување на вонредната состојба.

Имајќи го предвид сето претходно наведено, особено Одлуката на Судскиот совет на РСМ за постапување на судовите во услови на зголемена опасност од КОВИД-19, од страна на судовите во РСМ беа преземени разни активности во насока на совладување на предизвикот да се обезбеди нивно соодветно функционирање и судска заштита на правата и слободите на граѓаните, во услови во кои не е можно редовно функционирање поради мерките и препораките на Владата и надлежните здравствени органи. Имено, следејќи ги претходно наведените расположливи правила, пред сè, генералните насоки во рамки на Одлуката на Судскиот совет, судовите на разни начини се обидуваа да го организираат нивното внатрешно работење и целокупното функционирање, воопшто.

Со оглед дека Одлуката на Судскиот совет, која претставува главна основа и насока за судовите во контекст на нивната организација и постапување, не содржи детални правила и процедури во оваа смисла, секој суд во РСМ се организираше индивидуално, со цел да се одржи функционирањето на конкретниот суд. Имено, претседателите на судовите имаат надлежност да се грижат за ефикасно и уредно вршење на работите на судот и судовите вложија напор внатрешно да се организираат, во согласност со Одлуката на Судскиот совет и мерките на Владата, на разни начини: преку смени и службени дежурства, ротации, електронска комуникација, усвојување на акти на ниво на судовите со кои се регулира функционирањето на судот за време на вонредна состојба, и слично. Определен мал број од судовите одлучија да продолжат да работат со полн капацитет, обидувајќи се притоа да ги почитуваат мерките и препораките на Владата. Различното ниво на расположливост на ресурсите, особено во смисла на човечки ресурси и техничка опрема, исто така имаше битно влијание во однос на определување на начинот на организација на работата на секој суд.

Разноликост постоеше и во однос на постапувањето на судовите, особено во контекст на начинот на постапување по итни и приоритетни предмети. Најголем дел од судовите постапуваа единствено по итни и приоритетни предмети, според Одлуката на Судскиот совет. Разбирливо, овој начин на постапување доведе и до определено зголемување на бројот на заостанати предмети во овој период. Определен број на судови постапуваа и по други предмети, покрај предвидените итни и приоритетни предмети, додека мал број на судови продолжија со редовно работење на сите предмети. Секако, начинот на постапување на судовите зависеше и од расположливите ресурси на секој суд. Исто така, судовите до определен степен се разликуваа и во смисла на дефинирањето и утврдувањето на условите за итно и приоритетно постапување, во согласност со Одлуката на Судскиот совет.

Со оглед дека новонастанатата ситуација влијаеше и на определено отежнување на комуникацијата во рамките на судот, а особено на отежнување на комуникацијата на судот со странките, адвокатите и државните органи, без преземани разни напори и во оваа смисла: телефонска комуникација, комуникација по електронска пошта, регуларна пошта, објавување на соопштенија и известувања на веб страната на судовите и на вратата на судовите, и слично. Непосредната комуникација беше ограничена на странките во предметите по кои се постапува. Разбирливо, и начинот на комуникација на судовите во голема мера зависеше од расположливите ресурси, во смисла на човечки ресурси и техничка опременост на судовите.

За време на вонредната состојба од страна на Владата беа донесени голем број на уредби со законска со сила, при што беа ограничени и определени човекови слободи и права. Во оваа смисла, имајќи предвид дека Собранието е распуштено, единствен контролор на уставноста и законитоста на донесените уредби беше Уставниот суд. Имено, Уставниот суд, според својата уставна положба, има надлежност да го обезбедува приматот на Уставот над законите и сите останати прописи и претставува гарант за остварување на владеењето на правото и заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот.

Уставниот суд разгледуваше повеќе иницијативи за оценување на уставноста и законитоста на уредбите со законска сила и донесе повеќе одлуки и решенија во оваа смисла. Така, во некои од нив, се осврнува и на прашањето за концептот, односно содржината на уредбите со законска сила и нивниот однос кон постојното законодавство. Имено, се поставува прашањето дали уредбите со законска сила служат за да се изнајде соодветен механизам за примена на постоечките закони за време на вонредна состојба или за да се креираат нови права.

Во оваа смисла, освен претходно наведените уставни одредби, треба да се имаат предвид и релевантните одредби од Законот за Владата, Имено, според член 36 од Законот за Владата, сo уредба со законска сила Владата уредува прашања од надлежност на Собранието во случај на воена или вонредна состојба, ако не постои можност за свикување на Собранието. Надежностите на Собранието се определени во член 68 од Уставот и опфаќаат повеќе прашања, покрај вообичаеното донесување на закони. Но, постои уште една одредба во Законот за Владата која се осврнува на уредбите со законска сила. Тоа е член 35, кој ги набројува уредбите со законска сила меѓу актите кои ги носи Владата, со цел да се овозможи имплементација на законите. Имено, според оваа одредба, за извршување на законите Владата донесува уредби со законска сила, уредби, одлуки, упатства, програми, решенија и заклучоци.

Уставниот суд даде две толкувања во врска со содржината и целисходноста на уредбите со законска сила. Така, во Одлуката бр. 49/2020 од 12 мај 2020 година, Уставниот суд зазема стојалиште дека „уредбите со законска сила можат да бидат донесени само во функција на операционализација на уставни и законски одредби, а не со истите изворно, оригинерно да се нормира одредена ситуација која не е предвидена со Уставот или со закон, а уште повеќе, со истите, изворно, да се уредува ограничување на слободи и права за човекот и граѓанинот, кои патем, воопшто не се предмет на ограничување со Уставот, следствено ниту со закон.“ Сепак, во подоцнежната Одлука бр. 56/2020 од 3 јуни 2020 година, Уставниот суд зазема различна позиција, имено, дека „уредбите со законска сила се специфични правни прописи коишто се донесуваат во вонредна состојба кога има потреба од преземање брзи и ефикасни мерки, од брзо нормирање на определени прашања коишто воопшто не се нормирани во закон или се нормирани на начин кој не дозволува ефикасно преземање мерки коишто ги наложува вонредната состојба, со цел соочување и надминување на причините кои довеле до вонредната состојба но и последиците од истата, и враќање во редовниот уставно правен поредок.“

Во контекст на важноста на улогата на Уставниот суд за време на вонредна состојба, како гарант за остварување на владеењето на правото и заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, вредно е да се спомене и позицијата која Уставниот суд ја зазел во однос на дозволените ограничувања на човековите права.

Имено, првиот став на член 54 од Уставот уредува дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, додека вториот став од истиот член утврдува дека тие можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот. Според третиот став на член 54 од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по определен број на основи наведни во истата одредба (пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба). Во четвртиот став на член 54 од Уставот се предвидени апсолутните права. Имено, според оваа одредба, ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста. Во член 21 од Уставот е наведено единственото право за кое изрично се определува дека може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна сосојба. Тоа е правото на правото на мирно собирање и изразување на јавен протест. За останатите права Уставот не се произнесува експлицитно во оваа смисла.

Уставниот суд, при разгледувањето на иницијативи за оценување на уставноста и законитоста на уредбите со законска сила, се осврна и на некои прашања за ограничувањата на човековите права во итни случаи. Така, во Одлуката бр. 49/2020 од 12 мај 2020, каде предмет на разгледување е Уредбата со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба, Судот ги цитирал само првите три става на членот 54 од Уставот, каде се предвидува дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба и тоа само во случаи утврдени во Уставот, при што ограничувањето не треба да е дискриминаторско, но не го споменал четвртиот став од истиот член, кој набројува кои права не смеат да се ограничат, односно ги набројува таксативно апсолутните права. Судот заклучи дека Уставот дозволува ограничување на човековите права само во ограничен број случаи утврдени со Уставот. Судот посочи на три члена од Уставот, кои определуваат ограничување на одредени човекови права, и тоа: член 21 (право на мирно собирање), член 27 (право на движење) и член 38 (право на штрајк). Од ова, Судот извлече заклучок дека други права, освен овие три, не можат да бидат ограничени дури и во вонредна ситуација. Со оваа одлука, Уставниот суд ја поништи Уредбата со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба, врз основа на тоа што ограничувањето на работничките права нема уставна основа.

Еден од судиите на Уставниот суд состави издвоено мислење во кое се наведува дека, според него, секоја слобода и право утврдени во Уставот, освен таканаречените апсолутни права, се предмет на ограничување, како што се предвидува во четвртиот став од членот 54. Ова издвоено мислење е во согласност со мнозинското мислење во Решението бр. 42/2020 од 14 мај 2020 година, каде предмет на разгледување е Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес, а во кое Уставниот суд констатирал дека „во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

 

Заклучоци и препораки

Анализата на контекстот и релевантната правна рамка, во смисла на предизвикот во врска со функционирањето на правосудниот систем за време на вонредната состојба, укажува дека не постои јасна и прецизна правна рамка за начинот на организација и постапување на судовите во вонредна состојба. Имено, не постои правен акт со кој се регулира функционирањето на судовите за време на вонредна состојба. Целокупното функционирање на судовите за времетраењето на вонредната состојба во најголем дел беше базирано на Одлуката на Судскиот совет на РСМ за постапување на судовите во услови на зголемена опасност од вирусот КОВИД-19, која содржи генерални и недоволно прецизни насоки.

Отсуството на јасна и прецизна правна рамка за работата на судовите за време на вонредна состојба значително го отежна процесот на организација на нивното внатрешно работење и целокупното функционирање, воопшто. Сепак, и покрај разноликоста во начинот на организацијата на работата на судвовите, кои се водеа само од Одлуката на Судскот совет, може да се тврди дека повеќето од нив во голема мера успеаја соодветно да одговорат на предизвиците. Но, и покрај тоа што судовите вложија напор внатрешно да се организираат во согласност со Одлуката на Судскиот совет и мерките на Владата преку преземање на најразлични мерки, недостатокот на одредби кои го нормираат тој процес и кои ги унифицираат процедурите неизбежно доведе до определена невоедначеност во постапувањето од страна на судовите и невоедначеност во однос на нивната ефикасност. Сето ова носи потенцијал за нееднаков пристап до правда, односно нееднаков пристап до суд за граѓаните, спротивно на меѓународната и националната регулатива.

Имено, се работи за почитување и заштита на правото на еднаков пристап до правда за сите граѓани, како основно човеково право. Правото на правично судење и правото на ефективен правен лек, како права кои се дел од концептот на правото за  пристап до правда, претставуваат права кои може, во определени околности, да се ограничат во смисла на заштита на други основни човекови права. Но, ограничувањето притоа, освен што мора да биде законски определено и пропорционално на ургентната општествена потреба, не смее ниту да го наруши принципот на еднаковост и недискриминација. Покрај тоа, треба да се има предвид дека ограничувањето, односно нееднаквиот пристап до судот може да влијае и на реализацијата на други човекови права, чија заштита се бара од судот. Не помалку важно е да се обрне внимание и на динамиката на постапувањето на судовите, која беше доведена во прашање со оглед на одложувањето на рочиштата, а имајќи го предвид правото на судење во разумен рок, како и на начелата на јавност и транспарентност, кои исто така беа доведени во прашање, со оглед на неможноста за физичко присуство.

Дополнително отежнување при напорите да се обезбеди соодветно функционирање и судска заштита на правата и слободите на граѓаните, при постоење на услови кои го оневозможуваат редовното функционирање на судовите, претставуваше и недоволната расположливост на ресурси, особено во смисла на човечки ресурси и техничка опременост на судовите. Имено, овој фактор исто така имаше влијание врз различната организација на работата на различни судови и невоедначеноста во однос на постапувањето и ефикасноста на судовите, воопшто.

Од овие причини, со цел да се обезбеди воедначеност при постапувањето на судовите и да се олесни нивното работење за време на вонредна состојба, потребно е да се усвојат јасни и прецизни правила во оваа смисла. Имено, неопходно е да се усвојат стандардизирани процедури кои ја регулираат организацијата на работата на судовите, начинот на постапување по предмети и комуникацијата на судовите во услови на вонредна состојба, во согласност со релевантните уставни и законски надлежности на судството. Во оваа смисла, вредно е да се размисли за вградување на соодветни одредби, пред сè, во Законот за судовите, како и во Судскиот деловник.

Исто така, со цел да се обезбеди соодветно функционирање на судовите во услови на вонредна состојба, непоходно е да се воспостави дигитализација на предметите, доставата и комуникацијата во рамки на судството, но и со странките, адвокатите и државните органи. Во оваа смисла, неизбежно се наметнува и прашањето за одржување на онлајн судења, односно воведување и употреба на модерни комуникациски технологии, како алтернатива во постапката. Притоа, од исклучителна важност е да се има предвид дека треба да се пропишат и обезбедат соодветни процесни гаранции за да се запазат начелата на правично судење, при што потребата и оправданоста за примена на таквата можност треба внимателно да се разгледува од случај до случај. Секако, успешноста на еден ваков сериозен потфат, во огромна мера зависи од расположливоста и квалитетот на човечките ресурси и техничката опременост на судовите.

Во однос на важноста на улогата на Уставниот суд на РСМ за заштита на човековите слободи и права во време на вонредна состојба, анализата на контекстот и уставно-судската практика на Уставниот суд укажува дека, во рамки на уставно-судската практика, постои определена неконзистентност во однос на прашања кои се многу важни во насока на почитувањето и заштитата на човековите права и слободи. Имено, Уставниот суд даде различни толкувања во врска со содржината и целисходноста на уредбите со законска сила. Исто така, Уставниот суд зазема различни позиции и во однос на дозволеноста на ограничувањата на определени човекови права.

Уставниот суд, според својата уставна положба, обезбедува усогласеност на законите и сите останати прописи со Уставот, како највисок правен акт во хиерархијата на правните акти, и претставува гарант за остварување на владеењето на правото и заштита на човековите слободи и права. Имајќи ја предвид оваа улога на Уставниот суд, може да се заклучи дека неговата уставно-судска практика претставува насока од витално значење, во смисла на обезбедување на повисок степен на владеење на правото и заштита на човековите права. Притоа, неговата улога е уште позначајна во ситуација кога претставува единствен домашен контролор во овој контекст.

Од овие причини, од исклучителна важност е да се осигури доволна јасност, прецизност и конзистентност при толкување на определени уставни и законски одредби од страна на Уставниот суд, односно доволно јасна и конзистентна уставно-судска практика. Сето ова, дотолку повеќе, ако се има предвид дека преку улогата да го обезбедува приматот на Уставот над законите и сите останати прописи, Уставниот суд всушност ја обезбедува коегзистенцијата на правниот поредок. Во секој случај, останува да се види дали Уставниот суд ќе заземе цврст и конзистентен став во однос на претходно наведените прашања. 

Судството, човековите права и уставниот суд за време на вонредна состојба: научени лекции и идни предизвици | Justice Observers