Дали европските стандарди за слободата на политички говор соодветно се применуваат на национално ниво?

Макар што членот 10 од Европската конвенција за човекови права (Конвенцијата или ЕКЧП) е применлив не само на одредени видови информации или идеи или форми на изразување и тој подеднакво ги опфаќа различните облици на уметничко изразување[1], како што се комерцијалното изразување[2], поголемиот број граѓански предмети кои се однесуваат на клевета и навреда по кои постапувале македонските судови се однесуваат на изразување што има исклучиво политички карактер.

Водечката пресуда за политички говор што ја изрече Европскиот суд  за човекови права (Судот или ЕСЧП) во македонски контекст беше Макрадули[3].  Случајот кој е предмет на оваа анализа илустрира на кој начин домашните судови ги применуваат стандардите воспоставени во оваа пресуда, како и воопшто во судската пракса на ЕСЧП.

Заднина на случајот

Тужителот Александар Кирацовски кој бил пратеник во македонското Собрание од политичката партија СДСМ и генерален секретар на партијата поднел тужба за клевета против тужениот Димче Арсовски, портпарол на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Тој тврдел дека на партиската прес-конференција одржана на 6 септември 2019 година тужениот дал изјава пред претставници на медиумите со невистинити тврдења за факти за него. Поконкретно, тужениот во врска со предметот познат како „Рекет“ навел дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција „водејќи ја истрагата надвор од принципите на правото, наместо да ги спречи нарачателите да влијаат врз сведоците...“ дозволило во последните 4 месеци тие „да прават што сакаат со доказите и сведоците и да влијаат буквално врз кого сакаат“. Тој исто така споменал дека тужителот бил еден од оние кои биле инволвирани во криминалните активности, како посредник помеѓу клучниот осомничен, Бојан Јовановски (познат како „Бојан 13“) и градоначалниците и бизнисмените кои биле предмет на рекет. Тужителот понатаму тврдел дека изнесеното имало за цел да се девалвира неговиот морален кредибилитет и професионален интегритет така што пред пошироката јавност било прикажано дека тој наводно сторил кривично дело, додека тужениот не доставил какви било докази дека тужителот бил кривично осуден. Во неговиот одговор на тужба, тужениот истакнал приговор за недостиг на пасивна легитимација, бидејќи тој не изнесувал негови лични ставови, туку во свое име, туку во име на неговата политичка партија ги пренел ставовите на таа партија што се однесувале на водењето на истрагата од страна на  надлежното јавно обвинителство, а не на тужителот.

Образложение на домашните судови

Во неговата пресуда, Основниот граѓански суд Скопје особено забележал дека тужителот бил посочен од страна на тужениот во врска со неговиот распит во просториите на надлежното јавно обвинителство на 5 септември 2019 година и неговиот одговор на новинарско прашање што се однесувало на неговите контакти како пратеник со лица поврзани со спорниот кривично-правен настан. Имено, веднаш после неговиот распит тужителот дал изјава за сите медиуми која ѝ станала достапна на целокупната македонска јавност, во која тој признал дека бил присутен на неколку состаноци со  клучниот осомничен. Поради тоа, Основниот граѓански суд Скопје сметал дека таа изјава била повод за појавување на сомнежи за отворање на јавна дебата за работењето и однесувањето на функционерите.

Тој исто така упатил на добро востановената судска пракса на ЕСЧП на разграничување помеѓу фактички тврдења и вредносни судови, забележувајќи дека додека постоењето на фактите може да се демонстрира, вистинитоста на вредносните судови не е подложна на докажување. Уште повеќе, барањето да се докаже вистинитоста на  вредносниот суд  е невозможно да се исполни и тоа води кон прекршување на слободата на мислата, на начин на кој е таа загарантирана во членот 10.

Дополнително, Основниот граѓански суд Скопје ги разгледувал критериумите кои се воспоставени од страна на ЕСЧП што се однесуваат на балансирањето помеѓу приватниот живот, што исто така го вклучува и правото на заштита на честа и угледот (член 8 од ЕКЧП) и слободата на изразување (член 10 од ЕКЧП). Освен тоа, тој ги навел клучните елементи кои се релевантни да бидат земени предвид кога се применува тестот на балансирање (дали објавената информација придонесува за дебата од општ-јавен интерес; колку е јавно познато лицето; што е предмет на информирање; претходното однесување на засегнатото лице; околностите на кои се однесува изјавата; начинот и околностите под кои е прибавена информацијата; како и содржината, формата и последиците од објавувањето).

Уште повеќе, тој ги имал предвид стојалиштата заземени од ЕСЧП во пресудата Лингенс против Австрија, во која е напоменато дека границите на прифатлива критика се пошироки за политичарот одошто оние за кој било друг граѓанин. За разлика од вториот, политичарот неизбежно и свесно се изложува себеси на непосреден надзор врз секој негов збор или дејствие, како од страна на новинарите, така и од страна на пошироката јавност, и следствено на тоа, тој треба да покаже повисок степен на толеранција.[4]

Конечно, Основниот граѓански суд Скопје упатил и на релевантните делови од пресудата на ЕСЧП во Макрадули: „Во однос на нивото на заштита, Судот потсетува дека според членот 10 став 2 од Конвенцијата има малку простор за ограничувања на политичкиот говор или на дебатата по прашања од јавен интерес. Следствено на тоа, вообичаено ќе се даде висок степен на заштита на слободата на изразување, тогаш кога забелешките се однесуваат на прашање од јавен интерес, при што властите ќе имаат особено тесен простор за проценка. Постоењето на извесен степен на непријателство и потенцијалната сериозност на одредени забелешки не го отстрануваат правото на високо ниво на заштита, со оглед на постоењето на прашање од јавен интерес.“[5]

Така, Основниот граѓански суд Скопје забележал дека тужениот како претставник на опозициска политичка партија требало да има поширок опсег на слобода на изразување, особено со оглед дека биле засегнати прашања од јавен интерес. Од друга страна, бидејќи политичарите се наоѓаат под лупа на јавноста за изјавите кои ги даваат, тие треба да покажат повисок степен на толеранција, дури и доколку, како во овој конкретен случај, постоела одредена доза на претерување во спорната изјава или во фотографиите што биле прикажани во текот на пресконференцијата. Соодветно на тоа, тужителот како пратеник, носител на јавна функција, требало да има повисок степен на толеранција кон критиките од граѓаните кога станува збор за прашања од јавен интерес кои се поврзани со неговото однесување како политичар, бидејќи тој бил избран да ги претставува граѓаните во едно демократско општество.

Освен тоа, Основниот граѓански суд Скопје истакнал дека спорните изјави биле поттикнати од дебата која што била веќе отворена во јавен интерес преку медиумите за актуелен кривичен предмет поврзан со корупција и рекетирање. Тужениот во својство на претставник на опозициска политичка партија имал основи да поверува во вистинитоста на таквите наводи, бидејќи тие се однесувале на информации кои биле претходно обелоденети од страна на тужителот, но исто така земајќи ги предвид состаноците на тужителот со обвинетиот, како и нивните заеднички фотографии и фактот дека тие заеднички присуствувале на неколку настани, за кои јавноста била веќе запознаена од страна на медиумите. Всушност, тужениот не тврдел дека тужителот сторил кривично дело, туку само упатил критика за начинот на кој била спроведена истрагата во тој предмет од страна на надлежното јавно обвинителство.

Последователно, Основниот граѓански суд Скопје одлучил дека не било неопходно во едно демократско општество да се интервенира во слободата на изразување на тужениот и тој ја одбил тужбата на тужителот како неоснована. Овој заклучок бил заснован врз членот 9 став 2 од Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда (ЗГОКН) кој предвидува дека „тужениот кој ќе ја докаже вистинитоста на своето тврдење или ќе докаже дека имал основана причина да поверува во неговата вистинитост нема да одговара за клевета“,[6] како и врз членот 10 од ЗГОКН кој ја исклучува одговорноста за клевета кога се засегнати прашања од јавен интерес.

Постапувајќи по жалбата поднесена од страна на тужителот, Апелациониот суд Скопје го потврдил образложението на првостепениот суд, констатирајќи дека тој правилно утврдил дека согласно домашните законски одредби биле исполнети условите за исклучување на одговорноста на тужениот, имајќи предвид дека неговите изјави биле дадени во јавен интерес како критичко гледиште и мислење во врска со работењето на носител на јавна функција.

Заклучни согледувања

Со донесувањето на ЗГОКН во ноември 2012 година македонските власти ги декриминализираа кривичните дела опфатени во Главата 18 од Кривичниот законик, која беше насловена „Кривични дела против честа и угледот“.

Со оглед на предимството во однос на националното право што му е дадено со членовите 2и 3 од ЗГОКН на правото од Конвенцијата како директно применливо во случаите на клевета, исклучително важно за македонските судови е да се сосредоточат на правилно инкорпорирање на начелата воспоставени во судската пракса на Европскиот суд за човекови права секогаш кога тие одлучуваат по тужбени барања за клевета.

Во предметниов случај, домашните судови, а особено првостепениот суд, дале детално и издржано образложение и прилично успешно ги применуваат како националното законодавство, така и веќе воспоставените стандарди на ЕСЧП за политичкиот говор. Нивните пресуди се во суштина целосно компатибилни со гледиштето на ЕСЧП дека барањето за толеранција е уште померодавно за политичарите кога самите тие даваат јавни изјави кои се подложни на критика.[7] Истовремено, тие покажуваат дека точно ги примиле пораките испратени од Судот во Стразбур во Макрадули. Уште повеќе, тие демонстрираат солидно разбирање на концептот на дебата во јавен интерес. При балансирањето помеѓу слободата на изразување на тужителот наспроти онаа на тужениот, Основниот граѓански суд Скопје го нагласил статусот на тужителот како пратеник, во склад со позицијата на ЕСЧП во поглед на слободата на изразувањена членовите на парламентот како политички говор par excellence. Во таа смисла, ЕСЧП конзистентно истакнувал дека слободата на изразување е особено значајна за избраните претставници, кои го претставуваат нивното избирачко тело, го свртуваат вниманието кон нивните грижи и ги бранат нивните интереси.[8] Иако Основниот граѓански суд Скопје не ги оквалификувал изјавите на тужениот како фактички тврдења или вредносни судови (мислења), неговиот пропуст бил исправен при второстепеното постапување.

Севкупно, анализираниот случај претставува добар пример на позитивен развој на националната судска пракса кога станува збор за спроведувањето на релевантните европски стандарди во областа на слободата на политичкото изразување. Таквиот пристап треба неизбежно да биде следен и во иднина, имајќи ја предвид важноста на политичката дебата за значајни прашања од  јавен интерeс, која е клучна за соодветното функционирање на демократијата.



[1] Müller and Others v. Switzerland, 24 May 1988, § 27, Series A no. 133
[2] markt intern Verlag GmbH and Klaus Beermann v. Germany, 20 November 1989, § 26, Series A no. 165; Casado Coca v. Spain, 24 February 1994, §§ 35-36, Series A no. 285-A; Mouvement raëlien suisse v. Switzerland [GC], no. 16354/06, § 61, ECHR 2012 (extracts).
[3] Makraduli v. Macedonia, nos. 64659/11 and 24133/13, 19 July 2018
[4] Lingens v. Austria, 8 July 1986 § 42, Series A no. 103.
[5] § 61.
[6] Закон за граѓанска одговорност за клевета и навреда („Службен весник на Република Македонија“, бр. 143/2012).
[7] Mladina d.d. Ljubljana v. Slovenia, no. 20981/10, § 40, 17 April 2014; Pakdemirli v. Turkey, no. 35839/97, § 45, 22 February 2005.
[8] Karácsony and Others v. Hungary, no. 42461/13, § 137, 16 September 2014 [GC]; Selahattin Demirtaş v. Turkey (no. 2) [GC], no. 14305/17, §§ 242-245, 22 December 2020; Castells v. Spain, 23 April 1992, § 42, Series A no. 2; Piermont v. France, 27 April 1995, § 76, Series A no. 314; Jerusalem v. Austria, no. 26958/95, § 36, ECHR 2001-II; Otegi Mondragon v. Spain, no. 2034/07, § 50, ECHR 2011; Lacroix v. France, no. 41519/12, § 40, 7 September 2017; Szanyi v. Hungary, no. 35493/13, § 30, 8 November 2016.
Дали европските стандарди за слободата на политички говор соодветно се применуваат на национално ниво? | Justice Observers