Член 41 од Европската конвенција за човекови права во јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права
Анализа на Славица Чубриќ на пресудите на Европскиот суд за човекови права „Арсовски против Република Македонија“ (бр. 302016/06) и „Стојановски и други против Република Македонија“ (бр. 14174/09).
Член 41 од Европската конвенција за човекови права предвидува
дека ,,Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините
протоколи, и ако внатрешното право на заинтересираната Висока страна
договорничка овозможува само делумно отстранување на последиците на таа
повреда, Судот ѝ дoделува на оштетената страна, доколку е потребно, правичен надоместок“.
Временските рокови и останатите формални услови за поднесување на барање за правичен
надоместок се регулирани со правило 60 од Деловникот на Европскиот суд за
човекови права (ЕСЧП)[1].
Дополнително, повеќе практични информации во врска со член 41 има во
Практичното упатство за барања за правичен надоместок[2].
Со едноставно читање на член 41 од Конвенцијата не може
суштински да се определи неговата вистинска смисла и опсегот на неговата
примена. Неговото значење е попрецизно одредено низ развојот на праксата на ЕСЧП.
Имено, согласно таа пракса, по основ на член 41, жалителот може да побара, а
доколку се исполнети соодветните критериуми, ЕСЧП може да додели надомест на
трошоци, нематеријална и материјална штета.
Во оваа анализа посебен акцент се става на дефинирањето
на материјална штета од страна на ЕСЧП. Доколку е возможно жалителот треба да се доведево ситуацијата во која би
се наоѓал доколку воопшто не дошло до повредата на Конвенцијата (restitutio in integrum), при што Судот
зема предвид надомест и за вистински претрпената штета (damnum emergens), како и за загубата, или намалената добивка што
може да се очекува (lucrum cessans)[3]. Жалителот треба да докаже дека материјалната штета е резултат
на наводната повреда или наводните повреди на Конвенцијата и да достави
релевантни документи со кои се докажува, не само постоењето, туку и износот или
висината на штетата.[4] Појдовна точка на
Судот во врска со материјалната штета е природата на утврдената повреда, при
што во случај на незаконито и арбитрарно одземање на имот, оправдано е враќање во поранешна состојба, a во случај на невраќање, да се исплати моменталната вредност на
имотот[5].Доколку
еден или повеќе од основите на штета не може да се пресметаат прецизно, Судот
може да одлучи да направи глобална проценка при што се раководи од принципите
на правичност.[6]
Во најголемиот дел од македонските предмети, барањата за
надомест на материјална штета се одбиени од страна на ЕСЧП. Причините за тоа
треба да се бараат во природата на утврдените повреди, но и во недоволното
познавање на праксата особено во делот на доставување соодветни докази. Еден од
ретките исклучоци е предметот Андоноски[7] каде се работи за конфискација на автомобил и е утврдено прекршување на член 1
од Протокол бр. 1.Жалителот, кој бил такси возач, побарал надомест на нематеријална
и на материјална штета (за вредноста на автомобилот и загубена заработувачка). Судот одлучил дека автомобилот треба да му биде вратен и
тоа во состојбата во која бил во моментот на конфискација, а доколку тоа не е
возможно, да му се исплатат 10,000 евра.
Праксата на Стразбур за македонски предмети во поглед на
материјална штета беше збогатена на 7 февруари 2019 година кога ЕСЧП донесе две пресуди против државата по член 41. Се
работи за две различни предмети во кои Судот скицира низа на заклучоци кои се
многу корисни за подобро разбирање на пристапот кој ЕСЧП го има во однос на доделувањето
на материјална штета и доказите кои треба да се приложат. И за двата предмети
карактеристично е што повредата на Конвенцијата е утврдена во основна пресуда,
а прашањето на материјална штета е решено во посебна пресуда.
Арсовски
Развојот на настаните кое довеле до жалбата пред ЕСЧП е таков
да е практично невозможно во овој ограничен простор целосно да се доловат правните
лавиринти низ кои поминувале жалителите. Mногу поедноставено
и накусо кажано, на земјиштето за
кое станува збор имало минерална вода, a државата била по грешка заведена како сопственик.
Државата го дала земјиштето под концесија на приватна компанија, но со правосилна
пресуда од 2002 година е докажано дека земјиштето е приватна сопственост на
жалителите. Компанијата побарала државата да го експроприра земјиштето по што е
донесено решение за експропријација. Тоа решение е потврдено и од Врховниот суд
во ноември 2005 година, кој бил на стојалиште, помеѓу останатото, дека
експропријацијата била во јавен интерес со цел истражување и експлоатација на
природни ресурси, а дека надоместокот бил утврден во вонпарнична постапка.
Надоместокот е утврден со решение (потврдено во септември 2005 година) и е во
износ од 880 евра, а дополнително жалителите се задолжени да надоместат трошоци
на компанијата во износ од 475 евра. Жалба до Стразбур е поднесена во 2006
година, а основната пресуда од страна на ЕСЧП во предметот е донесена во 2013
година[8],
кога Судот утврдил повреда на член 1 од Протокол бр. 1 затоа што
експропријацијата на земјиштето им предизвикала прекумерен и непропорционален
товар (excessive and disproportionate burden)
на жалителите. Образложението на ЕСЧП детално ги наведува сукцесивните пропусти
на домашните органи, а еден од нив е фактот што при определувањето на
надоместокот за експропријација воопшто не се земени предвид спецификите на
недвижноста, имено дека на земјиштето има минерална вода.
По
основ на член 41 од Конвенцијата на жалителите им е доделена нематеријална
штета, а Судот ценел дека прашањето за материјална штета не е „зрело“ за
одлучување и ги повикал Владата и жалителите во рок од три месеци да достават
писмени опсервации и да го известат доколку постигнат спогодба. Со оглед дека
не е постигната спогодба, во 2019 година ЕСЧП носи посебна пресуда која се
однесува само на правичен надоместок[9]. Во
поглед на можноста за restitutio in integrum, помеѓу
странките е спорно е дали земјиштето може да биде вратено во сопственост на
жалителите. Судот ценел дека во случајот не може да се постапи врз основа на принципите
на restitutio in integrum и барањето
на жалителите за враќање на земјиштето во нивна сопственост е отфрлено. Последователно,
според ЕСЧП, не постоеле ни основи врз кои жалителите може да бараат надомест
на штета за загубата на уживањето на правото врз земјиштето од моментот на експропријацијата.
Во поглед на изгубената
добивка, жалителите барале 14% од
профитот кој концесионерот го остварил од продажбата на минералната вода
експлоатирана од земјиштето како и загубената закупнина која би можеле да ја
остварат. Во однос на првото барање, Судот забележал дека не му биле доставени никакви
примери од домашното право и практика, или друг релевантен материјал, кој би докажал
дека сопствениците приватни лица имаат такво
право и дека не биле доставени такви докази ниту во однос на конкретниот
процент од профитот кој е побаран. Во однос на изгубената закупнина, жалителите
се повикале на јавен оглас за закуп на бифе во судска зграда во Скопје. Судот сметал
дека двата имоти се различни по природа и дека договорите за закуп не може да
се споредат.
Оттука, Судот сметал дека „најблиската можна ситуација до
онаа која би постоела доколку не настанала повредата во случајот” би била
единствено исплатата на соодветен надоместок кој требал да биде досуден во
времето на експропријацијата. ЕСЧП повторил во поглед на износот досуден на
жалителите дека домашните органи не го земале предвид постоењето на минералната
вода при утврдувањето на надоместокот за експропријација.
Судот предочил дека жалителите не доставиле свое
вештачење за земјиштето со кое би било земено предвид постоењето на минерална
вода при пресметката на неговата вредност. Тие се повикале на eBay продажба на
навидум слично земјиште во Србија и заклучил дека се работи за земјиште во
друга држава и во отсуство на каква било информација за големината и природата
на земјиштето, како и за исходот на наводната продажба, повикувањето на тој
пример било несоодветно.
Документите доставени од Владата исто така не биле
доволни за ЕСЧП да може да се потпре врз нив, затоа што се однесувале само на
еден пример од домашната пракса, иако сличен со случајот на жалителите. Оттука,
ЕСЧП определил надоместок преку начелото на правичност и на таа основа, им доделува
на жалителите паушален износ од 15, 000 евра.
Стојановски и
други
Во предметот Стојановски
и други[10] се работи за постапка за денационализација во која барањето на жалителите било
одбиено. Жалба до Судот во Стразбур е поднесена во 2009 година, а со oсновна
пресуда од 2014 година ЕСЧП утврдил повреда на член 1 од Протоколот бр.1.
Повредата е најдена затоа што барањето на жалителите за враќање во нивна
сопственост на земјишна парцела било одбиено со многу кусо образложение, без
конкретен одговор на нивните наводи, и без повикување на домашна пракса на
судовите или било кој друг државен орган. ЕСЧП посочува дека таквото одлучување претставува кршење наначелото на законитост. По основ на член 41 од Конвенцијата исто како и во Арсовски, на жалителите им е доделена
нематеријална штета, а Судот ценел дека прашањето за материјална штета не е
„зрело“ за одлучување и ги повикал Владата и жалителите во рок од три месеци да
достават писмени опсервации и да го известат доколку постигнат спогодба, која
што не била постигната.
Во посебната пресуда која се однесува само на правичен
надоместок[11],
ЕСЧП се повикал на основната пресуда во која било утврдено прекршување на
начелото на законитост. Следствено, согласно праксата за член 41 во таков
случај би било оправдано враќање во поранешната состојба. Сепак, жалителите не
побарале да им биде вратен имотот, ниту пак тоа било возможно, и затоа во
случајот, надоместокот на материјална штета требало да доведе до најблиска
можна ситуација до ситуацијата во која би биле жалителите доколку немало
повреда на Конвенцијата. ЕСЧП цени дека во конкретните околности постоеле два
начина за тоа, пренесување на друго
слично земјиште во сопственост на жалителите или исплата на паричен надоместок
кој мора да одговара на моменталната пазарна вредност на имотот во моментот.
Во однос на враќање на друг имот Судот го одбил наводите
на Владата дека жалителите треба да бараат повторување на постапката за
денационализација затоа што не било јасно дека тој правен лек може да се
употреби со оглед на времето кои поминало од денот на правосилност и
доставување на пресудата (2008 година), а имајќи ги предвид роковите и
одредбите за повторување на постапката. Затоа ЕСЧП одлучил дека државата треба
на жалителите да им даде во сопственост друго земјиште во истото подрачје кое
има карактеристики и вредност кои се најблиски на земјиштето за кое барале
денационализациија, а при тоа да се одземе вредноста на државните обврзници
(724,500 денари) дадени на жалителите како надоместок. Доколку државата не може
тоа да го спроведе, ЕСЧП одлучил дека треба да им се исплати пазарната вредност
на парцелата. Ниту една од странките не доставила вештачење од кое може да се
утврди пазарната вредност на земјиштето, а останатите докази доставени и од
едната и од другата страна не биле доволни и соодветни. Затоа, ЕСЧП следејќи ја
својата воспоставена пракса одлучува врз основа на начелото на правичност и им
доделува вкупен износ од 190,000 евра.
Заклучоци
Со оглед на оптовареноста на ЕСЧП и во зависност од видот
на предметот постапката пред овој суд може трае подолго. Во најголем број од
случаите, ЕСЧП одлучува истовремено и за тоа дали има повреда и за правичен
надоместок. Во некои случаи одлучува со посебни пресуди за правичен надоместок,
со што дополнително се влијае врз должината на постапката. Во предметите кои се
анализирани, од поднесување на жалба до донесување на основна пресуда поминале
седум години (Арсовски) и пет години
(Стојановски и други), а до пресуда
за правичен надоместок вкупно тринаесет години (Арсовски) и десет години (Стојановски
и други). При поднесување на барање за правичен надоместок треба добро да
се проучи релевантната пракса на ЕСЧП, правилото 60 од Деловникот како и
Практичното упатство на ЕСЧП. За секое барање за правичен надоместок треба да
се даде соодветно образложение и да се приложат соодветни и конкретни докази
кои се поврзани со утврдената повреда и со основот по кој се бара материјална
штета. Начинот на кој Судот постапува при доделување на надоместок по основ на
принципот на правичност е прашање кои може да се проучи преку подетално
истражување и анализа.
[1]Деловник на
Судот (на англиски јазик) https://www.echr.coe.int/Documents/Rules_Court_ENG.pdf
[2]Практично упатство на ЕСЧП за барања за правичен надоместок (на македонски јазик) https://www.echr.coe.int/Documents/PD_satisfaction_claims_MKD.pdf
[3]Idem
[4] Idem
[5]Brumărescu v.
Romania (just satisfaction)
[GC], no. 28342/95, ECHR 2001-I
[6]Former King of Greece and Others v.
Greece[GC] (just
satisfaction), no. 25701/94, 28 November 2002
[7]Andonoski
v. the former Yugoslav Republic of
Macedonia, no. 16225/08, 17 September 2015
[8]Arsovski
v. the former Yugoslav Republic of Macedonia, no. 30206/06, 15 January 2013
[9]Arsovski v. The former Yugoslav Republic of Macedonia (just satisfaction),no.
30206/06, 7 February 2019.
[10]Stojanovski and others v. the former
Yugoslav Republic of Macedonia, no. 14174/09, 23 October 2014
[11]Stojanovski and others v. the former
Yugoslav Republic of Macedonia (just satisfaction),, no. 14174/09, 7 February 2019
