Анализа на пресудата Продонов против Република Северна Македонија

ВОВЕД

Во случајот Проданов против Република Северна Македонија(РСМ) апликантот се жалел дека немал пристап до Врховниот суд на РСМ, поради начинот на кој Судот ги применил одредбите од Законот за парничната постапка и ја отфрлил ревизијата поднесена од негова страна како недозволена  ratione valoris.
Случајот се однесува на ограничување на правото на пристап до суд поради вредноста на предметот на спорот и формалистичкиот пристап на Врховниот суд во постапката, кој придонесува за правната несигурност и непредвидливоста за примената на законите во постапки кои ги засегаат граѓанските права.
Апликантот побарал да се утврди дека со отфрлањето на ревизијата од страна на Врховниот суд е повреден  на членот 6 од ЕКЧП во делот „При утврдувањето на неговите граѓански права и обврски ... секој има право на правично ... судење ... од страна на ... со закон воспоставен суд“ …, а  поради начинот на кој Врховниот суд ги толкувал и ги применил одредбите од Законот за парничната постапка во врска со вредноста на спорот.

 

РЕЗИМЕ НА ПРЕСУДАТА

Европскиот суд за човекови права(ЕСЧП) утврдил повреда на членот 6 од Конвенцијата во врска со повредата на правото на апликантот за пристап до суд поради отфрлање на изјавената ревизија од Врховниот суд како недозволена.
Според ЕСЧП најсоодветната форма на обештетување во случаи кога ќе се утврди дека апликантот немал пристап до суд, спротивно на членот 6 став 1 од Конвенцијата би била, по правило, повторување на постапката во догледно време и повторно разгледување на случајот,во согласност со сите барања за правично судење. Судот  утврдил дека, согласно членот 400 од Законот за парничната постапка од 2005 година, апликантот може да побара повторување на постапката.
ЕСЧП определил дека РСМ како тужена држава во овој случај треба да му плати на апликантот 1.500 евра за  трошоци направени за постапката, плус било кој данок кој би можел да му се наплати на апликантот. 

 

ФАКТИ ЗА СЛУЧАЈОТ И РЕЛЕВАНТНО ЗАКОНОДАВСТВО

Релевантното законодавство во конкретниот случај е Законот за парнична постапка кој стапил на сила во декември 2005 година. Согласно член 33 од Законот ако  вредноста на предметот на спорот тужителот очигледно ја определил многу високо или многу ниско, така што се поставува прашање за правото на изјавување ревизија, судот најдоцна на подготвителното рочиште, а ако подготвителното рочиште не е одржано, тогаш на главната расправа пред почетокот на расправањето за главната работа, брзо и на погоден начин ќе ја провери точноста на означената вредност. Според член 372 став 2 странките можат да изјават ревизија против второстепена пресуда, ако вредноста на предметот на спорот на побиваниот дел на пресудата надминува 500.000 денари.
Во преодните и завршните одредби од ЗПП со  член 474 став 1 е определено:  „ако пред денот на примената на овој закон е донесена првостепена пресуда или решение со кое постапката пред првостепениот суд се завршува, натамошната постапка ќе се спроведе според дотогашните прописи“. Според член 400 од законот предвидена е можност за повторување на постапките за кои Европскиот суд за човекови права  утврдил повреда на Конвенцијата.
Во месец ноември 2005 година апликантот поднел противтужба по претходно воден граѓански спор против него, при што двата предмети биле споени и вредноста на спорот била била определена на 40.000 денари, врз основа на претходниот спор. Предметот на апликантот, во спорниот период бил во првостепена постапка и се уште не било одржано подготвително рочиште.
Во месец декември 2005 година стапил на сила новиот Закон за парнична  постапка[1]  и станал применлив за сите предмети кои биле во првостепена постапка. Според Законот од 2005 година ревизија до Врховниот суд можело да се изјави само доколку вредноста на спорот го надминува износот од 500.000 денари. Во јануари 2016 година граѓанскиот оддел на Апелациониот суд Скопје донел заклучок во кој било наведено дека на странките во сите тековни првостепени постапки ќе им биде дадена можност да ги подготват своите поднесоци во согласност со Законот од 2005 година. Во конкретниот предмет, по извесување на првостепениот суд за заклучокот на Апелациониот суд и за време на подготвителното рочиште, апликантот побарал вредноста на спорот да се зголеми на 500.100 денари за што тој платил и дополнителни судски такси, соодветни на зголемената вредност.
Во јануари 2009 година првостепениот суд донел пресуда со која го одбил противтужбеното барање на апликантот и во воведниот дел од пресудата вредноста била наведена на износ од 40.000 денари. На барање на апликантот првостепениот суд извршил исправка на воведниот дел од својата пресуда и ја зголемил вредноста на 501.000 денари, наведувајќи дека износот бил погрешен. Апелациониот суд со пресуда од септември 2010 година ја одбил жалбата на апликантот и во воведниот дел ја определил вредноста на 40.000денари и како и првостепениот суд, а потоа на барање на апликантот  извршил исправка на повисоката вредност.
Апликантот поднел ревизија до Врховниот суд на РСМ. Врховниот суд во мај 2012 година отфрлил Ревизијата  како недозволена ratione valoris и заклучил дека вредноста на спорот, кој, според него, во пресудите на пониските судови била утврдена на 40.000 денари, била под законскиот праг од 500.000 денари утврден со Законот за парнична постапка од 2005 година.
Врховниот суд во својата одлука, повикувајќи се на член 33 од ЗПП, навел дека вредноста на предметот означена во граѓанските тужби не може да се промени во погрешна фаза од постапката, по подготвителното рочиште или доколку не било одржано подготвително рочиште, на главната расправа пред испитувањето за основаноста на тужбеното барање. Врховниот суд образложил дека релевантната вредност на предметот на спорот била променета со решение на Апелациониот суд од месец декември 2010 година.

 

АНАЛИЗА НА ПРЕСУДАТА

Европскиот суд за човекови права во образложението на пресудата со која утврдил повреда на правото на апликантот за пристап до Врховниот суд образложил дека да се има законски праг за вредноста на спорот при изразување на ревизија до Врховниот суд е легитимно и разумно процесно барање. Меѓутоа, одбивањето на Врховниот суд, врз основа на законските одредби што ја регулираат неговата надлежност, да ја испита допуштеноста на ревизијата поднесена од апликантот ratione valoris, претставува мешање во правото на апликантот на пристап до суд.
За да се утврди дали ограничувањето на правото на пристап до суд било пропорционално се зема во предвид : (i) предвидливоста на ограничувањето; (ii) која страна треба да сноси негативни последици од грешките направени во текот на постапката; и (iii) дали може да се каже дека ограничувањето вклучува „прекумерен формализам“
Потпирајќи се на заклучокот на Апелациониот суд, првостепениот суд одржал подготвително рочиште на кое апликантот ја зголемил вредноста на спорот на 500.100 денари, што било над законскиот праг утврден во Законот од 2005 година. Првостепениот и второстепениот суд ја прифатиле зголемената вредност на спорот од барањето на апликантот во своите решенија и ги исправиле одлуките. Според ЕСЧП ваквото зголемување не изгледа како неразумен процедурален чекор од страна на апликантот.[1] Наодот на Врховниот суд дека вредноста на предметот на спорот била изменета со решение на Апелациониот суд од 2010 година е спротивeн на фактите на случајот, со оглед на тоа промената на вредноста на предметот се случила на подготвително рочиште пред првостепениот суд, што како факт Врховниот суд не го навел во одлуката. Врховниот суд  не образложил дали таквата промена во таа фаза од постапката била во согласност со законот или со  воспоставената пракса. Според ЕСЧП апликантот и неговиот адвокат не требало да утврдат дека измената на вредноста на спорот на подготвителното рочиште немала да биде земена предвид за целите на пристап до Врховниот суд.
Ограничувањето на правото на присап до суд не било пропорционално, од причина што апликантот не можел да предвиди дека промената на вредноста на спорот која ја извршил навремено, на подготвително рочиште пред првостепениот суд и врз основа на заклучок на  граѓанскиот оддел на Апелациониот суд, ќе биде погрешно наведена во воведниот дел на првостепената пресуда, како и на пресудата на Апелациониот суд. Врховниот суд воопшто не земал предвид дека апликантот ја направил проментата навремено, на подготвително рочиште, туку арбитрерно толкувал дека релевантната вредност на спорот била променета со решението на Апелациониот суд за исправка на вредноста во 2010 година.
Страните во спорот, во овој случај апликантот, не може да сноси негативни последици од грешките напрвени во изреките на пресудите на првостепениот и второстепениот суд, кои дополнително биле исправени. Ограничувањето на правото за изјавување на Ревизија претставува претеран формализам, поради фактот што Врховноит суд се повикал исклучиво на законските одредби кои оделе во прилог на отфрлање на ревизијата, без целосно да ги разгледа околностите на случајот.
Во случајот Блажоски против Република Македонија[2] ЕСЧП сметал дека контрадикторните пресуди донесени од Врховниот суд во истиот случај во однос на неговата надлежност ratione valoris се некомпатибилни со принципот на правна сигурност. Со донесувањето на различна одлука за исто прашање во иста постапка и така ефективно укинувајќи ги своите претходно донесени одлуки, без било какво повикување на нив или образложение за спротивното, Врховниот суд во овој случај самиот станал извор на несигурност. ЕСЧП е критичен во однос на неконзистентениот пристап на Врховниот суд на РСМ, наоѓајќи дека неговите контрадикторни одлуки во ист случај во поглед на неговата надлежност ratione valoris се неспоиви со принципот на правна сигурност.

 

ЗАКЛУЧОК

Врховниот суд кој е највисока инстанца на судската власт  треба да даде  придонес, како и останатите судови, за унапредување на човековите права и правната сигурност. Ваквиот начин на постапување од страна на Врховниот суд  влијае на правната несигурност на граѓаните, и доведува до непредвидливa и арбитрерна примена на законите.
Врховниот суд кој постапува по вонредните правни лекови, треба да обезбеди непречен пристап до граѓаните да ги практикуваат законски утврдените  права, се разбира во рамки на постоечки законски праг за вредноста на спорот.  Во случај на постоење на определена нејаснотија во врска со примената на одредена законска одредба поврзана со правото да се изјави Ревизија или друг правен лек,  овој Врховниот суд треба да биде коректор на евентуалната недоследност во примената на законите од страна на пониските судови.
Една од основните задачи на Врховниот суд е да осигура унифомна примена на законите и еднаквост на сите пред судовите, посебно во околности кога во државата постои нееднаков третман на граѓаните пред судовите, правна несигиурност и општа недоверба во судството.
Пресудата на ЕСЧП со која се утврдува повреда на член 6 и мешање во правото на апликантот на пристап до суд поради отфрлање на изјавената ревизија од Врховниот суд како недозволена, е значајна бидејќи претставува укажување за важноста на улогата на Врховниот суд при воспоставување на правната сигурност. Исто така со пресудата се наведува дека при донесување на одлуки не може да не се земат предвид сите факти на случајот особено кога тоа оди во прилог кон рестриктивно и формалистичко толкување на законските одредби. Со оваа пресуда ЕСЧП уште еднаш нагласува дека судовите, посебно Врховниот суд во државата, не треба  да бидат извор на правната несигурност.



Анализа на пресудата Продонов против Република Северна Македонија | Justice Observers