Анализа на пресудата Костова и Апостолов против Северна Република Македонија

Вовед

 

Случајот Костова и Апостолов против Северна Македонија[1], се однесува на домашната граѓанската постапка за клевета против апликантите, за која од страна на Европскиот суд за човекови права е констатирана повреда на слободата на изразување (член 10 од Конвенцијата). Предметот датира од 2013 година и е значаен за Република Северна Македонија од причина што ги отсликува општествените состојби кои преовладувале во тој период и општествено-политички околности и кои имале свој одраз во правните постапки на овој, но и на други предмети од слична правна природа по овој член од Конвенцијата. Исто така, во предметот се директно применети востановените принципи и доктрина на ЕСЧП по однос на решавањето на предмети кои се однесуваат на новинари и прашањето на одмерувањето на клеветата и потенцијалната повреда на слободата на изразување во дадени конкретни околности.

Основни информации и околности на случајот

Предметот се однесува на два текста објавени на 3 и 4 јануари 2013 година во неделникот “Фокус“, кои се однесувале на г.С – лице кое во тоа време бил моќна политичка фигура во тогашната владејачка партија и воедно директор на Управата за безбедност и контраразузнавање. Текстовите, насловени како “Избегав поради притисокот од (г.С)“ и “Амбасадата во Чешка под закана за бомби – (МВР) не мрда со прст“, го цитираат г.И, поранешен амбасадор во Чешка на Република Северна Македонија, кој меѓу другото изјавил дека г.С ја злоупотребил својата моќ преку дејствија кои неповолно влијаеле врз личните интереси на г.И кои биле од семејна природа. Во својот исказ, г.И навел дека г.С вршел вербален притисок врз тогашниот Претседател на државата (Ѓ.И.) и министерот за надворешни работи (Н.П.) да се воздржат од вмешување во решавањето на личното прашање на г.И, - што според г.И било иманентно, со оглед на тоа дека во тој период тој ја вршел должноста амбасадор на РСМ во Република Чешка. Објавените информации до медиумот г.И ги ги испратил преку е-пошта, за што била потпишана писмена изјава. Во вториот текст, дополнително било наведено дека г.С “неофицијално“ поседувал “бизнис-империја во Република Чешка“. По однос на правното прашање поврзано со член 10, важно е да се истакне дека објавените текстови користеле индиректен говор и цитат при наведување на исказите на г.И.

Следела граѓанска постапка за клевета покрената од страна на г.С, каде Основниот суд во Скопје и Апелациониот суд утврдиле дека апликантите му нанеле штета на г.С од причина што навеле невистинити факти односно “гласини“, без преходно да ја потврдат нивната веродостојност. Судовите процениле дека објавените информации не му служеле на јавниот интерес и дека личниот живот на г.И бил неосновано поврзуван со јавната функција на г.С. Апликантите-новинари требале да платат 5.000 евра првиот и 1.000 евра вториот апликант за нематеријална штета на г.С, која сума и другите трошоци биле платени од солидарниот фонд на Здружението на новинари. Во истата постапка за клевета, г.И требал да исплати 10.570 евра за повреда на угледот на г.С. Подоцна и Уставниот суд ги потврдил донесените судски одлуки.

Суштината на апликацијата поднесена пред ЕСЧП е дека одлуките на домашните судови претставувале неоправдано вмешување во остварувањето на правата на апликантите по однос на Чл.10 од Конвенцијата (слобода на изразување).

Резиме на пресудата на ЕСЧП

Жалбените наводи на апликантите ЕСЧП ги сметал за допуштени. Потоа е констатирано е дека спорните судски одлуки претставувале вмешување во правото на слободата на изразување на апликантите, кое било предвидено со Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и тие целеле како единствена “легитимна цел“ да ги заштитат правата и угледот на г.С. Но, ЕСЧП, понатаму, земајќи ги предвид основните востановени приципи во врска со член 10 од Конвенцијата, утврдени во некои водечки случаи[2] а кои се редовно применувани во пристапот кон овој тип на предмети, констатирал повреда на слободата на изразување на апликантите.

Иако во текстовите е евидентна доминантната фокусираност на проблемот од лична природа на г.И, сепак допрени се и прашањата кои претставуваат јавен интерес, како наводното вршење вербален притисок од страна на г.С, кој бил во тоа време моќна личност (Директор на УБК), врз исто така високи функционери, Претседателот и Министерот за надворешни работи на тужената држава. Таквата наводна состојба Судот ја смета за релевантна во функција на јавната дебата, со оглед на тоа дека претставува злоупотреба на моќ од страна на висок државен функционер.

Постои согласност од страна на Судот дека спорните текстови содржеле описи на факти кои подлежат на докажување, бидејќи тие се поткрепувале на “гласини“. Сепак, по однос на апликантите, констатирано е дека домашните судови не зеле предвид дека тие информации не произлегле од апликантите кои всушност само известиле за она што е изјавено од г.И преку неговиот писмен исказ базиран на сопственото искуство[3]. Предочено е дека апликантите во текстовите користеле индиректен говор или цитати и јасно ги посочиле личните изјави на г.И.

Проценка на ЕСЧП е и дека легитимниот интерес на г.С можел да се заштити преку постапка за клевета директно кон г.И, што е и сторено. Точноста на самата содржина на текстот во домашната постапка не била конечно утврдена, додека наводот за постоење на “бизнис-империја“ текстот го базира на информација добиена од анонимен извор. Дополнително, Судот земал предвид дека постоел обид на еден од апликантите да ја потврди оваа информација преку официјалниот портпарол на Управата. Во Пресудата, констатирано е дека Владата не посочила на ниту еден аспект од личниот живот на г.С кој би индицирал дека угледот и честа му биле сериозно нарушени од овие текстови.

По однос на досудениот износ кој апликаните требале да го исплатат (петнаесет односно три минимални месечни плати), без оглед на тоа што подоцна не биле исплатени, ЕСЧП констатирал дека имале “ефект на одвраќање“ кој „ја обесхрабрува отворената дискусија на теми од јавно значење“.

Значење на пресудата за домашната судска практика

Специфичноста на предметот Костова и Апостолов против Република Северна Македонија е дека претставува еден од низата со слична правна природа во нашата држава, кои позачестено се појавуваа во еден конкретен временски период[4]. Со оглед на тоа дека во извесен број домашни предмети од овој тип кои завршиле пред ЕСЧП е пресудено дека е сторена повреда на член 10 од Конвенцијата, впечаток е дека тужителите-иницијатори на постапките во државата целеле кон постигнување на “chilling effect” односно “одвраќачки ефект“ по однос на уживањето на слободата на изразување. Принципиелно, самиот Суд во бројни свои одлуки ја има нагласувано штетноста на оваа појава за демократските процеси, како и негативното влијание кое во секое општество овој ефект би можел да го предизвика при ограничувањето на јавната дебата, дисеминирањето на информации и поттикнувањето на дискусии од аспект за прашања од општ јавен интерес за кои има потреба да се споделуваат размислувања и ставови во јавниот дискурс. За овој предмет, Судот заседавал и одлучувал во трочлен Совет, што исто така индицира дека одлуката е донесена рутински, врз база на долго утврдена судска пракса.

Конкретниот ефект кој оваа но и другите слични пресуди би се очекувало да го остварат е континуираната примена на доктрината и принципите на ЕСЧП по однос на член 10 од Конвенцијата во домашните судски пресуди по однос на предмети за клевета и/или навреда. Позитивна обврска на државата е да го уреди и заштити ова право, примарно во рамки на законските одредби и мерки кои ги носи и последователно тоа се обезбеди низ судските одлуки. При избалансираното одмерување на правните прашања во судовите, при одлучувањето треба да се земат предвид следните релевантни фактори: која во конкретниот случај е природата и обемот на ограничувањето на правото на изразување; кој е суштинскиот аспект на ова право кој се разгледува во конкретниот случај, кое треба да се заштити; дали се работи за прашање/информација од јавен интерес и дали тоа поседува капацитет да придонесе во јавната расправа; каква е тежината на компензациските права (природата и строгоста на санкцијата) по одос на сторителите на дејствието и сл. Избалансираната судска проценка треба да има предвид и: колку е јавно познато лицето кое било предмет на информирање, односно дали е препознатлива неговата улога или фукнција и која е природата на активностите кои биле предмет на известувањето; какво било претходното однесување на засегнатото лице; кои се околностите на кои се однесува информацијата; каква е содржината и формата на информацијата; и кои се последиците од објавувањето. Исто така, мошне е битно разграничувањето на фактите, кои би можеле да се докажат или најмалку би требало да постои обид да се докажат, наспроти искажаните вредносни судови, мислења или проценки кои се должат на личното мислење или перцепција на лицето или новинарот кој ги искажува. Важен е исто така и начинот на кој информацијата е пренесена кон јавноста.

Слободата на изразување е право кое според Конвенцијата е квалифицирано по својата природа и можните негови ограничувања се наведени во став 2 од членот 10. Сепак, заради вредноста која ова право ја носи во обезбедување на здрави демократски процеси во заедницата, во праксата на Судот, маргината на уважување е мошне мала, односно заштитата на ова право е скоро апсолутна. Во оваа смисла, се охрабруваат критичките осврти кон работата на политичарите и политиката воопшто, со цел да се развива критичката мисла и култура на аргументирана дебата и да постои толеранција кон поголема доза на критика, како што наведува Судот - “Властите треба да бидат изложени на критика не само од страна на законодавните и судските органи туку и од општата јавност и медиумите“.

Предметот Костова и Апостолов против Република Северна Македонија ја допира и општествената улога која медиумите треба да ја имаат како “куче-чувар“ или “јавен надзорник“ – критичар на општествениот интерес, како и јавно пренесување информации и отворање на теми кои се однесуваат на тој интерес. Новинарите не смеат да бидат обесхрабрувани во вршењето на својата работа и треба слободно да известуваат и изнесуваат прашања важни за јавниот интерес во јавноста, која има право да ги добива истите. Но, тој привилегиран статус исто така наложува примена на професионални стандарди и етичко постапување при нивното работење, кои ако се применуваат, новинарите би биле заштитени при нивната работа во светло на член 10 од Конвенцијата.

Предвидената можна повреда на “угледот или правата на другите“, наложува обврски и одговорности и на новинарите, па така во ваквите случаи се прави проценка на балансот помеѓу заштита на новинарската слобода, наспрема професионалното и етичко известување. Новинарите треба да се заложуваат информациите кои ги дисеминираат кон јавноста да бидат проверени, точни и веродостојни, односно да се процени можноста медиумот разумно и со висок степен на веројатност да смета дека неговиот извор на информација бил сигурен во однос на клеветата[5]. Начинот на самото пренесување на информацијата од страна на медиумот е исто така значаен чинител за исходот на предметите од овој тип[6]. Во конкретниот предмет, од круцијално значење е дека новинарите коректно и непристрасно ги пренеле добиените информации во форма на цитати, врз база на претходна потврда на истите од страна на г.И.

Крајно, во предметот Костова и Апостолов, важна е заклучната констатација на Судот дека новинарите “дејствувале со внимание кое се очекува од одговорни новинари кои известуваат за прашање од јавен интерес и не може да бидат критикувани што не успеале да ја утврдат вистината за спорните наводи“. По однос на дополнително востановени доктрина и стандарди за членот 10 од Конвенцијата, се препорачува преглед и на други клучни предмети од пракасата на ЕСЧП[7].




[1] (Апликација бр. 38549/16) од 5 април 2022 година
[2]https://hudoc.echr.coe.int/eng#{%22fulltext%22:[%22axel%20springer%22],%22documentcollectionid2%22:[%22GRANDCHAMBER%22,%22CHAMBER%22],%22itemid%22:[%22001-109034%22]}
https://hudoc.echr.coe.int/eng#{%22fulltext%22:[%22bjork%20eidsdottir%22],%22documentcollectionid2%22:[%22GRANDCHAMBER%22,%22CHAMBER%22],%22itemid%22:[%22001-112091%22]}

[3] И за овој став на ЕСЧП постојат mutatis mutandis примери од востановената судска пракса.
[4] Предмети кои имаа своја завршница пред ЕСЧП а се настанати во тој период: Гелевски против РМ е од 2009-2012, Макрадули против РМ од 2011-2013, Селмани против РМ од 2012-2014, како и Костова/Апостолов против РСМ е од 2013 година.
[5] https://hudoc.echr.coe.int/#{%22fulltext%22:[%22pedersen%22],%22article%22:[%2210%22],%22documentcollectionid2%22:[%22GRANDCHAMBER%22,%22CHAMBER%22],%22itemid%22:[%22001-67818%22]}
[6] https://hudoc.echr.coe.int/#{%22fulltext%22:[%22tromso%22],%22languageisocode%22:[%22ENG%22],%22article%22:[%2210%22],%22documentcollectionid2%22:[%22GRANDCHAMBER%22,%22CHAMBER%22],%22itemid%22:[%22001-58369%22]}
[7] Pentikainen v. Finland, Habet v. Luxembourg, Guja v. Moldova, Morice v. France, Baka v. Hungary, Kyprianou v. Cyprus, Karacsony and Others v. Hungary, итн.

Анализа на пресудата Костова и Апостолов против Северна Република Македонија | Justice Observers