Анализа на Пресуда Рев1.бр.247/18 од 17.04.2019 година на Врховниот суд на Република Северна Македонија

1.Фактите за случајот

Овде тужената како тужителка водела постапка за надомест на нематеријална штета против овде тужителот како тужен, во која постапка биле донесени пресуда П.бр.5553/09 од 01.10.2010 година на Основен суд Скопје 2 Скопје, со која делумно било уважено тужбеното барање на тужителката и пресуда ГЖ.бр.985/11 од 12.05.2012 година на Апелациониот суд Скопје, со која делумно е потврдена првостепената пресуда.

Меѓутоа, по истакната ревизија, Врховниот суд на РСМ со пресуда Рев.бр.1012/11 од 05.12.2013 година, ревизијата ја уважил, побиваните пресуди ги преиначил, и тужбеното барање на тужителката за надомест на нематеријална штета го одбил како неосновано, а тужителката била задолжена со трошоци на постапката.

Поради тоа што тужениот и исплатил на тужителката надомест на нематеријална штета врз основа на првостепената и второстепената пресуда, кои биле укинати со пресудата на Врховниот суд, тужениот сега како тужител повел постапка против тужителката сега тужена, за стекнување без основ. Во оваа постапка се донесени повеќе пресуди во прв, втор и трет степен, а конечна е предметната пресуда за анализа на Врховниот суд на РСМ Рев1.бр.247/18 од 17.04.2019 година.

 Со предметната пресуда е одбиено тужбеното барање на тужителот против тужената за стекнување без основ на исплатениот износ на име нематеријална штета, а усвоено е тужбеното барање за стекнување без основ на исплатениот износ на име камата и трошоци како споредни побарувања.

Во анализираната пресуда, Врховниот суд повикувајќи се на член 205 од ЗОО, се согласил со заклучокот на второстепениот суд дека првотужената основано се стекнала со износот кој и бил исплатен на име нематеријална штета поради повреда на телото и нарушување на здравјето, а врз основа на правосилни и извршни судски пресуди, па дека е совесен прибавувач, бидејќи не можела да знае дека тужителот ќе изјави ревизија, ниту да го знае исходот од таа ревизија. Додека пак, според овој суд првотужената неосновано се стекнала само со споредните побарувања за камата и трошоци, бидејќи за овие побарувања не се однесувала одредбата од член 205 од ЗОО.

2.Значење и примена на материјалното право

Според општото правило за стекнување без основ уредено во член 199 од ЗОО, кога дел од имотот на едно лице премине на било кој начин во имотот на некое друго лице, а тоа преминување нема своја основа во некоја правна работа или во законот, стекнувачот е должен да го врати тој дел од имотот, ако тоа е можно, а инаку е должен да ја надомести вредноста на постигнатата корист. Под премин на имотот се подразбира и стекнување на корист со извршено дејствие. Обврската за враќање, односно за надомест на вредноста настанува и кога нешто ќе се прими со оглед на основот што не се остварил или кој подоцна отпаднал.

Претпоставки за настанување на овој вид на обллигационен однос се, зголемување на имотот (збогатување) на едната страна, што може да се состои во зголемување на имотот, но и во смалување на загубите, во заштеда на трошоците итн., намалување на имотот (осиромашување) на другата страна, корелација меѓу намалувањето и зголемувањето на имотот на тие лица и отсуство (непостоење) на правниот основ кој правно би го оправдал намалувањето и зголемувањето на имотот на тие лица.

Од судската практика по однос на член 199 од ЗОО, е забележано следното стојалиште: „Кога на тужителот со правосилна пресуда му е досуден определен износ што го наплатил со присилно извршување, должен е износот да му го поврати на тужениот и пред завршување на спорот доколку со вонреден правен лек е укината пресудата“ (ВСМ Рев,433/85 од 03.10.1985 год.).

Согласно член 205 од ЗОО, не може да се бара враќање на неосновано платени износи на име надомест на штетата поради повреда на телото, нарушување на здравјето или смрт, доколку исплатата му е извршена на совесен прибавувач.

Меѓутоа, услов за прибавувачот да се смета дека е совесен, е истиот да не знаел ниту можел да знае, земајќи ги во предвид околностите на случајот, дека правно неоснованo ги примил износите што му се платени на име надомест на нематеријална штета.

 Поради тоа за правилна примена на одредбата од член 205 од ЗОО, потребно е да се утврди прашањето за „совесноста на прибавувачот на средствата“.

Покрај анализираната пресуда, од страна на судовите во РСМ во врска со примена на одредбата од член 205 од ЗОО, се донесени следните одлуки и тоа:

Решение ГЖ-1665/15 од 18.11.2015 година од Апелационен суд Скопје (Судот е на мислење дека бидејќи била поднесена ревизија тужениот бил должен да го сочека исходот на постапката по ревизија, па во таа смисла првостепениот суд да утврди правилно дали станува збор за совесен стекнувач);
Пресуда 18 П1-1865/12 од 06.02.2013 година од Основен суд Скопје 2 Скопје, правосилна и извршна (Судот смета дека е основано тужбеното барање за стекнување без основ од причина што отпаднал основот по кој извршена исплатата, па тужениот е во обврска да му ги врати на тужителот примените парични средства согласно член 199 од ЗОО);
Пресуда ГЖ-2483/16 од 30.11.2017 година од Апелационен суд Скопје (Судот смета дека со донесување на одлуката на Врховен суд тужениот неосновано ги држи средствата и должен е да го врати неосновано наплатениот износ бидејќи е несовен прибавувач со што дошло до негово неосновано збогатување, дополнително што самиот тој поднел ревизија во однос на досудениот износ па знаел односно можел да знае дека ќе има измена на износот);
Пресуда 12 П4-494/16 од 12.07.2017 година на Основен суд Скопје 2 Скопје (Судот нашол дека тужбеното барање е основано, дека во конкретниот случај постои намалување на имотот на едната страна и зголемување на имотот на другата страна, односно корелација помеѓу намалувањето и зголемувањето на имотот на тие лица и отсуство на правен основ кој правно би го оправдал намалувањето и зголемувањето на имотот на тие лица. Воедно, Врховен суд ја донел конечната одлука согласно позитивното право и наведената одлука мора да се почитува и спроведе во целост. Правниот основ отпаднал со преиначувањето на првостепената и второстепената одлука. При постоење на постапка по ревизија не може да се смета дека тужениот е совесен прибавувач, со неизвесна одлука, а непознавањето на правните норми никого не го ослободува од евентуална обврска, одговорност);

Воедно, од страна на Одделот за граѓански дела на Врховен суд на РСМ, е донесено правно мислење дека, не може да се бара враќање на износот на име надомест на штета поради повреда на телото, нарушување на здравјето или смрт, кога исплатата е извршена врз основа на правосилна пресуда бидејќи исплатата е извршена на совесен прибавувач, при што не е од влијание тоа што во ревизиската постапка оштетениот е одбиен во тој дел на тужбеното барање.
Притоа, законодавецот во Р.Хрватска во член 1117 од Законот за облигациони односи на Р.Хрватска, покрај исклучокот „кога може да се задржи применото“ предвидел и одредба во која се уредува дека, „прибавувачот се смета за несовесен од моментот на доставување на одлука со која се прифаќа вонредниот правен лек и должен е да го врати применото по основ кој отпаднал, со камата од моментот кога станал неосвесен“.
Со оглед на различната судска пракса и рестрикривното правно мислење на
Одделот за граѓански дела на Врховен суд на РСМ, за анализа е земена предметната пресуда од Врховниот суд на РСМ, во која е применета одредбата од член 205 од ЗОО, меѓутоа не е правилно утврдено прашањето за совесноста на прибавувачот.
3.Заклучок
Врз основа на наведеното произлегува дека со анализираната пресуда е сторена повреда на постапката по член 345 од ЗПП, со оглед дека судот погрешно го применил материјалното право од член 205 од ЗОО во корелација со одредбите од член 199 од ЗОО.
Впрочем, судот со предметната пресуда погрешно ја применил одредбата од член 205 од ЗОО, од причина што не го разгледувал прашањето за совесноста на прибавувачот во смисла на тоа, кога прибавувачот дознал дека неосновано ги примил износите што му се платени на име надомест на наметеријална штета и фактот дека од тој момент прибавувачот веќе не е совесен прибавувач.

Имено, не може да се смета дека прибавувачот е совесен од моментот на прием на пресуда од Врховниот суд со која се укинати пресудите по кои му е исплатен надоместот на нематеријална штета и е одбиено тужбеното барање на прибавувачот за надомест на нематеријална штета. Ова од причина што, од тој момент прибавувачот веќе знае дека отпаднал основот по кој му е извршена уплатата на надоместокот и истиот согласно правилата за стекнување без основ, должен е да го врати износот кој неосновано го примил заедно со камата од моментот кога станал несовесен.
Притоа, од моментот кога прибавувачот станал несовесен, не може да се примени исклучокот од правилата за стекнување без основ бидејќи се исполнуваат претпоставките за настанување на овој облигациониот однос, па така постои зголемување на имотот на едната страна и намалување на имотот на другата страна, односно корелација помеѓу намалувањето и зголемувањето на имотот на тие лица и отсуство на правен основ кој правно би го оправдал намалувањето и зголемувањето на имотот на тие лица.
Дотолку повеќе што, бидејќи конечната одлука со која е одбиено тужбеното барање за надомест на нематеријална штета, согласно позитивното право ја донел судот од највисоката инстанца односно Врховниот суд на РСМ, истата одлука мора да се почитува и да се спроведе во целост.
Поради сето наведено сметам дека толкувањето и примената на одредбата од член 205 од ЗОО треба да биде во насока на тоа, дека „совесниот прибавувач станува несовесен во моментот на доставување на одлука со која се прифаќа вонредниот правен лек и должен е да го врати применото по основ кој отпаднал, со камата од моментот кога станал неосвесен“.
Во оваа смисла, во однос на примената на одредбата од член 205 од ЗОО, треба да биде донесено друго начелно правно мислење од страна на Врховниот суд на РСМ, а со цел еднаква примена на законите од страна на судовите, како битен елемент на начелото на правна сигурност, предвидливост на правните ситуации и начелото на владеење на правото, кои се едни од најважните принципи на демократијата.
Анализа на Пресуда Рев1.бр.247/18 од 17.04.2019 година на Врховниот суд на Република Северна Македонија | Justice Observers