Анализа на пресуда на Европскиот суд за човекови права: Hirsi Jamaa and Others v Italy
Вовед
Под налетот на вооружени конфликти,
нестабилност во земјите на северна Африка и блискиот Исток, мигрантите и
барателите на азил масовно се обидуваат да влезат во земјите на ЕУ. Проблемите кои се отвораат притоа не се нови и не датираат од мигрантската
криза, но начинот на кои биле решавани во периодот кој претходел беше значаен
за она кое кризата го донесе. Пресудата на Hirsi Jamaa и останатите против Италија, е особено важна бидејќи Европскиот суд за
човекви права зазеде став во однос на
јурисдикцијата над пресретнати
бродови, разви и објасни неколкукратни гаранции кои
произлегуваат од членот 3 за лица кои можат да се најдат на таквите бродови, а
и за прв пат испита дали забраната од колективно
протерување (членот
4 од Протоколот бр. 4 на Европската конвенција за
човекови права) важи кај случај кој вклучува отстранување на странци во трета држава спроведено надвор
од националната територија. Случајот е од
значајна важност за оние земји кои се наоѓаат на јужните и југоисточните
граници на Европската унија. Кога една држава враќа некого во некоја трета
земја, што може дополнително да го врати лицето во нивната земја на потекло,
тоа исто така значи кршење на права загарантирани со Конвенцијата. Конвенцијата
сега јасно се применува на државните операции за контрола на миграцијата каде и
да се наоѓаат, дури и на отворено море.
Фактичка
состојба на случајот
Случајот се однесува на 11
сомалиски апликанти и 13 државјани на Еритреја. Лица, кои како дел од група од
приближно 200 мигранти ја напуштаат Либија во 2009 година. Со три бротчиња се
упатуваат кон Италија. Кога бротчињата се наоѓале приближно 50-60 километри од
Лампедуза, на 6 мај 2009 година (регион во кој за поморско спасување или
претрага е одговорна Малта) лицата биле пресретнати од италијански крајбрежни
пловни објекти и биле пренесени на италијански воени пловни објекти, а потоа
одведени во Триполи. Во апликацијата жалителите наведуваат дека на ова патување
не им било соопштено каде ги носат, дека никој не извршил проверка на нивниот
идентитет и дека по десетчасовна пловидба се предадени на властите во Либија.
За случајот италијанските власти се повикале на билатералните договори склучени
со Либија од февруари истата година склучени со цел борба против илегалната
миграција, криумчарење мигранти, трговија со луѓе и пред се спасување на лица
на море. Овој случај не е изолиран, во истата година десетина вакви случаи на
пресретнување биле направени во согласност со ваквите билатерални односи на
Италија и Либија. Според информации доставени до Судот од застапниците на апликантите,
во времето на пресудата двајца од барателите умреле под непознати околности.
Помеѓу јуни и октомври 2009 година канцеларијата на Високиот комесар на ОН за
бегалци (УНХЦР) во Триполи им доделила статус на бегалец на четиринаесетмина од
апликантите.
Детектирани
повреди
Надлежност на Италија
согласно член 1 од ЕКЧП
Првично, она по кое пресудата
зазема првично особена важност е фактот што Судот утврди дека апликантите биле
во надлежност на Италија, односно дека Италија е одговорна за случајот
согласно член 1 од Конвенцијата. Со членот 1 од Европската Конвенција за
заштита на човековите права и основни слободи (ЕКЧП) се утврдува обврската за почитување на правата на човекот. Државата е
должна да им ги штити правата на сите лица кои се наоѓаат под нејзината
надлежност, без оглед на државјанството, престојувалиштето, граѓанскиот статус,
ситуацијата или правниот капацитет.
Надлежноста на државите потписнички, во смисла на член 1 од Конвенцијата, е
првенствено територијална, и се очекува дека истата се практикува нормално низ
целата територија на државата.
Надлежноста на државата надвор од својата граница првенствено може да се утврди
врз основа на ratione
personae (моќта или контролата која се спроведува над личноста на
апликантот) и ratione loci (врз основа на контрола спроведена врз предметна странска
територија).
Согласно меѓународното обичајно право и принципот на знаме, јурисдикцијата на
државата се проширува надвор од нејзината територија врз бродовите кои го веат
нејзиното знаме, односно регистрирани во односната држава. Овде Судот јасно зазеде
став дека еден брод што плови на отворено море е предмет на исклучива јуриздикција на државата
под чие знаме плови. Дополнително, забраната
за мачење, на која се повикале апликантите, е обезбедена како
апсолутно право, важи за секого под јурисдикција на државата потписничка на Конвенцијата
(согласно член 1 од ЕКЧП). Но, по примерот содржан во случајот El - Masri, Конвенцијата има и своја
екстериторијални примена, доколку депортирањето во земја која не е потписничка
ќе го изложи на лицето на повреда на членот 3 од Конвенцијата, со што се
проширува и опсегот на важење на Конвенцијата и самата заштита, како што е во наведениот случај. Принципот на меѓународно право утврден
во италијанскиот законик за навигација предвидува брод што пловел на отворено море
да биде предмет на ексклузивна јурисдикција на државата на знамето што го вее.
Повреда на член 3 од
ЕКЧП
Судот понатаму издвоил различни аспекти од член 3 од Конвенцијата кои ги испитал одделно:
ризикот од изложување на нехуман и понижувачки третман во земјата на депортација (Либија) и
опасноста од враќање на жртвите во земјата на потекло.
Принципот на не враќање (non-refoulement), е подеднакво
применлив и на отворено море. Судот низ својата пракса утврдил дека протерувањето или депортирањето на физичко лице во земја каде
може да биде подложено на третман спротивен на членот 3, ја покренува
одговорноста за државата која депортира/протерува, согласно Конвенцијата. За да се
утврди дали имало или не ризик од малтретирање мора да се испитаат предвидливите последици од отстранувањето на жалителот во земја којашто прима,
имајќи ја предвид општата ситуација таму како и неговите/нејзините
лични околности. Во вакви случаи Судот честопати придава важност на
информациите содржани во поновите извештаи од независни меѓународни здруженија
за заштита на човековите права како што се Амнести интернешнал, или владини
извори . Став на Судот е дека
примената на домашните закони и ратификацијата на меѓународните спогодби кои го гарантираат почитувањето на основните права сами по себе не се доволни за
обезбедување на соодветна заштита од ризикот од малтретирање кога постојат веродостојни извори кои пријавиле пракси, применети
или толерирани од властите, а се евидентно спротивни
на принципите на Конвенцијата. Така, државата не
може да ја избегне одговорноста со потпирање на билатерални договори со друга држава, во случајов Либија. Судот затоа зазеде став дека кога жалителите биле
пренесени во Либија, италијанските власти знаеле или требале да знаат дека
имало недоволни гаранции за заштита на лицата од ризикот да бидат своеволно
вратени во нивните земји на потекло, особено поради отсуството на каква било
процедура за азил и неможноста да се натераат либиските власти да го признаат
бегалскиот статус доделен од УНХЦР.
Држава не е ослободена од исполнувањето на своите обврски согласно членот 3 од
Конвенцијата затоа што жалителите не успеале да побараат азил или да ги опишат
ризиците со кои биле соочени како резултат на немањето на систем за азил во
Либија. Државата што го спроведува враќањето треба да се осигура дека земјата
посредничка ќе обезбеди доволно гаранции за да не дојде до репатријација, а таа
обврска е уште поважна кога, посредничката земја не е земја потписничка на
Конвенцијата.
Повреда на член 4 од
Протоколот 4 од ЕКЧП
Членот 4 од Протоколот 4 од ЕКЧП содржи забрана за протерување на странци. Со членот 4 од
Протоколот 4 се прави разлика за два типа на колективно протерување: протерување на група која има
заеднички карактеристики и протерување на група на индивидуи без да се разгледа
нивната индивидуална ситуација. Принципот за
забрана за колективно протерување го наметнува условот секој поднесок да се разгледува на индивидуална
основа, на правичен и објективен начин. Така, протерувањето на група на поединци, дури и ако
претходи идентификација на секој од членовите, може да претставува колективна
мерка ако ги игнорира другите важни елементи што ја карактеризираат личната
приказна на поединците.
Според праксата на ЕСЧП, странци на кои се однесува забраната од колективно
протерување не се само оние со законски престој на територијата туку „сите оние
коишто немаат реално право на државјанство во државата, независно дали
поминуваат низ земјата или престојуваат или се домицилни таму, независно дали
се бегалци или влегле во земјата по сопствена иницијатива или се без
државјанство или поседуваат друго државјанство“.
Hirsi Jamaa v. Italy ја
воспоставува обврската за државите да вршат регистрација на лицата кои
нерегуларно пристигнуваат на нивните граници и да ги информираат за нивната
ситуација, нивните права, како важен процедурален аспект на забраната за
враќање. Исто ја наметнува и обврската на државите да им овозможат пристап на
постапката за азил на барателите на азил кои се под нивна јурисдикција,
вклучително и оние спасени на отворено море. Во пресудата ЕСЧП за прв пат испита дали забраната од колективно
протерување, содржана во членот 4 од Протоколот бр. 4 важи за случај кој
вклучувал отстранување на странци во трета држава, спроведено надвор од
националната територија. ЕСЧП одлучи дека префрлањето на жалителите во Либија
било спроведено без индивидуален пристап на испитување на секоја поединечна
ситуација на секој од жалителите посебно. Исто така, жалителите не биле
подложни на никаква процедура на идентификација од страна на италијанските
власти, и тие биле само предмет на претовар на италијанските воени бродови и
нивно истоварање на либиска почва. Судот забележува дека персоналот на воените
бродови не бил обучен да спроведе поединечни разговори и не бил помогнат од
толкувачи или правни советници. Ова беше доволно за Судот да одлучи дека во
случајот немало доволно гаранции со кои би се обезбедило индивидуалните
околности на секое од засегнатите лица да бидат подложени на детална проверка и
заклучи дека отстранувањето на жалителите било од колективна природа.
Повреда на член 13 во врска со член 3 и член 4 Протокол 4
од ЕКЧП
Членот 13 од Конвенцијата
предвидува дека секому кому му се прекршени човековите права и слободи има
право на ефикасен правен лек пред националните власти без оглед на тоа дали
повредата потекнува од службени лица или не.
Владата
на Италија признала дека не било можно на воените бродови да се оценат личните околности на
апликантите. Жалителите тврделе дека не им биле дадени никакви информации од италијанскиот воен персонал, кој
ги навел да веруваат дека биле водени во Италија (поткрепено од УНХЦР, КСТ и Human Rights Watch). Оттаму,
апликантите не биле во можност пред надлежниот орган да ги изнесат нивните
жалбени наводи. Дури иако во практиката бил достапен кривично-правен лек против
воениот персонал на бродот, ова не го исполнувало критериумот за суспензивно
(одложно) дејство. Судот го повтори условот, кој произлегува од членот 13, за
прекинување на извршување на мерката кога мерката била спротивна на
Конвенцијата и имала потенцијално неповратни ефекти. Судот заклучи дека имало
повреда на членот 13 во врска со членот 3 и членот 4 од Протоколот бр. 4.
Сумиран исход од пресудата
Случајот спаѓа под јурисдикција на Италија согласно член 1 од
Европската конвенција за човекови права. Констатирани се две
прекршувања на член 3 од Конвенцијата - апликантите
биле изложени на ризик од малтретирање во Либија и од репатријација во Сомалија или
Еритреја. Констатирана повреда на член 4
од Протоколот бр. 4. Констатирана повреда на член
13 преземен во врска со член 3 и со член 4 од Протокол бр.4.
Судот
на секој подносител му досудил по петнаесет илјади евра за нематеријална штета,
како и вкупно илјада, петстотини седумдесет и пет евра и седумдесет и четири
центи за трошоци и расходи.
Заклучок
Пресудата ја споменуваме поради
нејзината неколкукратна важност: утврдување на јурисдикцијата, утврдени
двократни повреди на членот 3 од Конвенцијата, утврдена повреда на членот 13 од
Конвецијата кој се однесува на правото на делотворен правен лек, а во врска со
членовите 3 и членот 4 од Протоколот 4. И, како особено, со пресудата е
утврдена повреда на членот 4 од Протоколот 4. Случајот Chonka против Белгија и случајот Hirsi Jamaa и
останатите против Италија се двата случаи во кои е утврдена повреда на забраната
од колективно протерување. Во односниот предмет,
благодарение на засегнатите страни и на извештаите на УНХЦР како и
други меѓународни или невладини организации, ЕСЧП забележа дека лицата што
присилно се враќаат во Еритреја и Сомалија се соочуваат со мачење и притвор
поради тоа што ја напуштиле земјата нелегално. Што значи, дека потпирањето на мислењето на непристрасните набљудувачи и
користењето на amici
curiae во случајов е од особено значење.
