Анализа на начелно правно мислење на Врходниот суд на Република Северна Македонија - судско порамнување
Врховниот суд на Република Северна Македонија на општа седница донесува начелни ставови – начелни правни мислења кои се задолжителни за сите совети на Врховниот суд.
Во конкретниот случај на одржаната општа седница има донесено начелен став – начелно правно мислење во врска со судското порамнување.
Врховниот суд на Република Северна Македонија на општата седница го донесе следниот начелен став – начелно правно мислење:
І.Странките можат да
склучат порамнување по предметот на спорот (судско порамнување) како пред парничниот
суд од прв степен, така и пред парничниот суд од втор степен; ІІ.Судско
порамнување пред првостепениот суд странките можат да
склучат се до правосилно завршување на спорот, односно до
донесување на правосилна одлука; ІІІ.Странките можат да склучат судско
порамнување пред второстепениот суд само кога второстепениот суд одлучува на
расправа, закажана по повод поднесената жалба; IV.Судот од втор степен, не може
да го врати административно предметот на првостепениот суд, по повод предлогот
на подносителот на жалбата за склучување на судско порамнување, ако еднострано е
предложено склучувањето на судското порамнување; V.Кога странките
предложиле склучување на судско порамнување по донесувањето на првостепена
пресуда, против коа е изјавена жалба, во записникот за судско порамнување,
треба да се наведат податоци за првостепената пресуда, за поднесената жалба, изјавите на странките,
начинот на ко се уредуваат односите (целосно или делумно). Кога странките со
судското порамнување само делумно ги уредуваат односите, за преостанатиот
спорен дел од граѓанско-правниот однос, ќе се одлучува по жалбата против
првостепената пресуда;VI. Доколку се склучи судско порамнување пред
првостепениот суд, а предметот е испратен по жалба пред второстепениот суд, во
то случај првостепениот суд е должен да го извести второстепениот суд за
склученото судско порамнување, а тоа може да го сторат и странките.
Ваквиот
начелен став на Врховниот суд само го дообјаснува она што не е децидно наведено
во овие одредби од ЗПП за судско порамнување. Тоа посебно се однесува на тоа
кога е можно склучување на судско порамнување пред второстепен суд.
Судското порамнување во
законот за парнична постапка е предвидено во членовите од 307 до 310 од овој
закон:
Странките во текот на целата постапка пред парничниот суд можат да склучат
порамнување за
предметот на спорот (судско порамнување). (2) Порамнувањето може да се однесува
на целото тужбено барање или на еден негов дел. (3) Судот во текот на
постапката ќе им укаже на странките на можноста за судско порамнување и ќе им
помогне да склучат порамнување. (4) Пред судот не може да се склучи порамнување
во поглед на барањето со кои странките не можат да располагаат (член 3 став 3).
(5) Кога судот во прв степен ќе донесе решение со кое не дозволува порамнување
на странките, ќе застане со постапката додека ова решение не стане правосилно.
Според овие законски одредби
странките во текот на целата постапка, што значи од поднесување на тужбата па
се додека второстепениот суд не донесе одлука по жалбата, можат да склучат
судско порамнување за предметот на спорот.
Со договорот за порамнување лицата
помеѓу кои постои спор за некој правен однос, со помош на заемно попуштање го
прекинуваат спорот, односно ја одстрануваат неизвесноста и ги определуваат
своите заемни права и обврски, како што е предвидено во член 1128 став 1 од
ЗОО.
Според своето материјално-правно
дејство судското порамнување е изедначено со правосилна пресуда, бидејќи ако се
поведе парница за предмет за кој порано било склучено судско порамнување, судот
ќе ја отфрли тужбата согласно член 322 од ЗПП. Кога порамнувањето се однесува
на целото тужбено барање, парницата се гаси и судот имајќи го на знаење
порамнувањето што е внесено во записник на рочиштето кое е постигнато,
предметот се архивира.
Порамнувањето треба да биде израз на
слободната волја на странките и претседателот на советот треба да им укаже на
предноста што тоа го влече зад себе, а тоа е избегнување на долготрајно
парничење, големи трошоци на постапката, неизвесност на исходот на спорот и
слично. Во народот стои изрека дека подобро е потенко порамнување отколку
дебела парница.
Предмет на порамнување не може да
бидат односи кои можат да се решат само со пресуда, како на пример развод на
брак, утврдување на постоење на брак, ништовност на брак или спорни односи за
чие решавање не е надлежен судот.
Во тој смисол е и пресудата на
Врховниот суд на Македонија, ГЗЗ. Бр. 56/77 од 31.08.1977 година каде стои дека
во споровите за утврдување постоење на брак, судот не може да дозволи судско
порамнување во врска со постоењето односно непостоењето на бракот.
Побивањето на судското порамнување
кога постојат претпоставки кој го чинат неполноважно а посебно кога тоа е
склучено во заблуда или под влијание на присилба или измама, се врши со тужба
во посебен спор како и секој друг договор од граѓанското право. Доколку
судското порамнување биде поништено, парничниот суд пред кој е склучено
судското порамнување треба да ја продолжи парницата. Во тој случај меѓусебните
давање што странките ги склучиле една на друга врз основа на склученото
порамнување треба да се вратат сообразно со одредбите на ЗОО.
Странките можат да склучат судско
порамнување и кога предметот се наоѓа по жалба кај второстепениот суд на што
упатува одредбата од став 1 од членот 307 од ЗПП. Во него стои дека такво
порамнување може да се склучи во текот на целата постапка. Според тоа на
странките им се дава можност да склучат судско порамнување и пред повисокиот
суд. Одредбите по чл. 353 од ЗПП кои
се однесуваат на расправа пред првостепениот суд се применуваат и на расправа
пред второстепен суд така да логично е кога судско порамнување може да се
склучи на расправа пред првостепен суд тоа да може на расправа и пред
второстепен суд.
Побивањето на судска спогодба е
можно само ако е склучена со измама, во заблуда или под присилба. Странката што
смета дека при склучувањето на судската спогодба не ја изразило слободно
својата волја може во парница да бара поништување на спогодбата. Пресуда: ВСМ, Гж. 27/67 од 19.04.1967 година.
Кога судското порамнување е
поништено со правосилна пресуда, се смета дека процесот во кој порамнувањето е
постигнато сеуште не е завршен и судот ќе ја продолжи постапката во која е
постигнато порамнувањето. Во овој смисол е и решението на Врховниот суд на
Република Македонија ГЗЗ бр. 70/95 од 11.01.1996 година.
Ако поништувањето на судската
спогодба се врши со тужба во посебен спор тогаш спорниот предмет сеуште не е
завршен и судот ќе ја продолжи постапката во предметот во кое е склучено
порамнувањето. Во овој смисол ако се протолкува начелниот став на Врховниот суд
кога е склучено судско порамнување пред второстепен суд на расправа, тогаш ако
таквото порамнување е поништено расправата пред второстепениот суд треба да
продолжи аналогно на она кое е предвидено и пред првостепениот суд. Судската
постапка за поништување на спогодбата највероватно нема да заврши брзо така да
по правосилноста на одлуката произлегува дека и второстепениот суд треба да
закаже расправа и да продолжи со расправата по жалбата на жалителот.
Странките можат според член 308 став
4 од ЗПП да склучат спогодба и во постапка за медијација и се должни истата да
ја достават до судот во рок од 8 дена од денот на нејзиното склучување. Судот
закажува рочиште на кое што на записник ја констатира склучената спогодба која
добива својство на судско порамнување ако се исполните условите за склучување
на судско порамнување согласно член 307 од ЗПП. Во записникот мора да се внесе
содржината на порамнувањето и не е доволно да се каже само дека странките
склучиле порамнување бидејќи тоа не претставува извршна исправа ниту пак може
да се смета за пресудена работа без да се наведе која странка какви обврски
презема во врска со предметот на спорот, рокот во кој се обврзува тие обврски
да ги изврши или кој права му ги признава на спротивната странка.
Поранешното судско порамнување
согласно објавената судска практика не е причина за повторување на постапката
по член 392.7, бидејќи во таа одреба се зборува само за правосилна одлука на
суд. Меѓутоа таквото сфаќање е дискутабилно и треба да се стави под знак на
прашалник затоа што целата одредба од член 392.7 е иста и кога се работи за
судкса одлука и спор решен мериторно, и кога тоа е сторено со судско
порамнување.
Според горе наведеното може да се
заклучи дека странките можат да склучат судско порамнување во текот на целата
постапка пред парничниот суд и тоа се додека второстепениот суд не донел одлука
по жалбата за разлика од претходното судско решение дека тоа може да се направи
само пред првостепен суд. Ако се имаат во предвид одредбите од ЗПП за расправа
пред првостепен суд тогаш со оглед дека такво порамнување може да се склучи во
текот на целата постапка кога второстепениот суд одлучува на расправа закажана
по повод поднесената жалба. Во член 353 од ЗПП стои ако не е одредено нешто друго
одредбиде за главна расправа пред првостепен суд (член 279 до 306) согласно се
применуваат и на расправа пред второстепен суд. Потешкотии може да настанат ако
судското порамнување се поништи со тужба во друг спор а предметот поради истата
се рачуна за завршен и архивиран, во таков случај според законските одредби
треба предметот пред второстепениот суд да продолжи и да се одлучи по повод
жалбата.
Во ставот 4 од начелниот став стои
дека судот од втор степен неможе да го врати административно предметот на
првостепениот суд по повод предлогот ако истиот е еднострано предложен од
поднесителот на жалбата. Во ставот 5 од начелниот став се зборува пак за
предлог за склучување на судско порамнување поднесен од странките и се зборува
за записник за судско порамнување.
Ова значи дека овде станува збор
кога предлог за судско порамнување имало од жалителот и од двете странки.
Предлогот за склучување судско порамнување како предлог е сеуште во “претходна фаза”, а склученото судско порамнување склучено на записник е
веќе склучено со сите подробности кои го бара порамнување и како такво тоа е
завршено.
Бидејќи порамнувањето може да се
склучи во текот на целата постапка, а согласно член 308 став 4 од ЗПП и
склучената спогодба во постапка за медијација кај медијатор и таа добива
својство на судско порамнување, се поставува прашањето дали и што ако странките
во текот на целата постапка склучат порамнување кај нотар со заверени свои
потписи кај истиот. Во ваков случај се поставува прашањето дали може да се
примени аналогија како што е склучувањето на спогодба кај медијатор и што со
таа валидна спогодба кај нотарот.
Согласно член 351 од ЗПП
второстепениот суд одлучува по жалба по правило без расправа, а расправа се
закажува по исклучок кога советот ќе најде дека е потребно да се повторат веќе
изведените докази. Во ваков случај се поставува прашањето дали се ограничуваат
правата на странките за порамнување затоа што законот вели дека во текот на
целата постапка и тоа од поднесувањето на тужбата до одлуката на второстепениот
суд по жалбата може да се склучи судско порамнување. Ако второстепениот суд
одлучува по правило без расправа а по исклучок на јавна седница тогаш се
поставува прашањето за тоа како исклучокот е приоритетен пред правилото.
Склучувањето на судското порамнување е израз на волјата на двете странки кога
тие тоа ќе го постигнат и ќе се усогласат и затоа законот зборува дека тоа
порамнување може да се склучи во текот на целата постапка пред парничниот суд
за предметот на спорот.
Врховниот суд во овој став 3 од
начелниот став вероватно тргна од тоа дека на расправа пред второстепен суд
согласно член 352 став 1 од ЗПП се повикуваат странките, нивните законски
застапници или полномошници, така да тие на расправа би можеле да предложат
склучување на судско порамнување.
